ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: ХРОНИЧЕН СТРЕС

3841

Во период кога сме под удар на разни лоши вести и негативни настани, сите ние стануваме подложни на најголемиот непријател на 21 век – стресот. Подложноста на стрес сериозно го поткопува имунитетот, предизвикува пониско ниво на продуктивност и ефикасност и создава емоционална нестабилност и ранливост. Нервозата, стравот и грижата земаат голем дел од нашата енергија и прават да се чувствуваме слабо, апатично и безволно. Кога ни е потполно блокирана енергијата, а самодовербата загубена, стануваме лесен плен на надворешните притисоци и манипулации.

Недостигот на физичка активност предизвикува да бидеме троми, уморни, беспомошни и безнадежно ориентирани кон перспективите на иднината. Во една таква ситуација полна со мрачни мисли, егзистенцијална несигурност и емоционална тензија,  современиот човек неминовно се движи кон депресија, страв од болести, немаштија и паника.

Стресот произлезен од неизвесноста е исклучително опасен за психофизичката состојба на личноста.

Кога сме константно подложни на стрес и на негативни емоции, може сериозно да си го нарушиме своето здравје. Окупирањето со болести, навраќањето на лошите искуства од минатото, фрустрацијата и себеразјадувањето не може да донесат ништо добро во животот. Апатијата, песимизмот и негативизмот длабоко ја поткопуваат стабилноста на личноста и ја уништуваат можноста за излез од кризата.

Излезот од проблемите никогаш не произлегува од малодушноста, несигурноста и очајот, туку од борбата, фокусирањето на позитивните можности и храброто соочување со опасноста. Преокупирањето со негативното создава анксиозност, немир и паника.

Постојаното консумирање вести за умрени, заболени, настрадани или загрозени може да создаде голем притисок врз нашите емоции. Опасноста е уште поголема ако станеме жртва на медиумски манипулации, сензационализам и на лажни вести креирани од поединци чија цел е профит, политички интереси или сеење страв и паника кај народот. Морално недоветни, неодговорни и алчни ликови отсекогаш постоеле, така што треба максимално да бидеме внимателни со какви информации го полниме умот и ги оптоваруваме емоциите.

Негативните емоции, како што се страв, гнев, загриженост, вознемиреност, разочараност, фрустрација и депресија, создаваат хемиски реакции во нашето тело кои се многу поразлични од хемиските реакции произлезени од позитивните емоции: среќа, радост, задоволство, прифатеност, безгрижност, саканост и опуштеност.

Постои синхроницитет кој се создава во секој момент помеѓу умот и телото.  Според Џое Диспенца, „мозокот е во постојана комуникација со телото и константно го надгледува начинот на кој се чувствува телото“. Телото неретко ги пројавува своите слабости, но умот е тој што треба да ги детектира и да ги почувствува тие слабости. Многупати ги игнорираме реалните телесни сигнали (симптоми), сметајќи дека немаме проблем. Но, многу почесто подлегнуваме на неоснован страв од болести (хипохондрија) и си умислуваме опасности за нашето здравје. На медицината ѝ се познати ефектите плацебо и ноцебо – тие зборуваат за моќта на позитивната, односно на негативната сугестија.

Кога креираме благородни мисли исполнети со љубов, оптимизам и топлина, ние произведуваме хемиски супстанци кои прават да се чувствуваме прекрасно, да бидеме полни со радост и со позитивна енергија. Истото се случува и кога продуцираме негативни мисли исполнети со стрес, немир и паника. Тогаш почнуваме да се чувствуваме негативно, нетрпеливо, слабо и исплашено. Тоа укажува дека мислите и чувствата се тесно поврзани – мислите се примарно поврзани со умот, а чувствата се поврзани со телото. За да пронајдеме позитивно решение, неопходно е да почнеме да се чувствуваме така како што мислиме. Чувството на радост, среќа и хармонија предизвикува позитивни мисли исполнети со радост, среќа и хармонија и обратно. Од друга страна, кога го зафаќа стресот нашето битие и нè исполнува со грижа, страв и вознемиреност, тогаш нашето тело станува подложно на разни слабости и болести.

Според Ронда Бирн, „болеста се задржува во телото со помош на мислите, со опсервација на болеста и со вниманието што ѝ го даваме. Ако се чувствувате малку лошо, не зборувајте за тоа, освен ако не сакате да се чувствувате уште полошо“.

Решението е да се фокусираме на здравјето, а не постојано да стравуваме од болеста. Една од теориите на квантната физика е дека свеста ги создава нашите животни искуства. Од нас зависи дали ќе ја насочиме свеста кон болест или кон здравје. Треба да се концентрираме на она што сакаме да го постигнеме, а не на она што сакаме да го избегнеме. Притоа, потребно е само да веруваме дека сé ќе биде добро. Слушањето негативни вести, пораки и изјави што имаат цел да шират страв и паника, нема да ни користи. Создавањето лоши емоции може само да ја зголеми моќта на негативните слики што не ни се допаѓаат. Како размислуваме така привлекуваме. Песимистичкото уверување ќе предизвика околностите да се влошат, а стресот да стане уште посилен.

Причинителот на стресот често произлегува од надворешните влијанија: проблеми во семејството или на работното место; напуштање или губење на блиска личност; исцрпувачка грижа за лице заболено од тешка болест; финансиски тешкотии; застрашувачки информации слушнати од медиумите или прочитани на Интернет, манифестација на зло, закана, итн. Сите овие ситуации го палат алармот на стресот и создаваат страв и неубаво чувство.

Постојат ситуации кога произлегува стресот од борбата за опстанок. Неизвесноста, егзистенцијалната загрозеност и притисоците на работното место создаваат голем стрес и психофизичка напнатост. Неретко причинители на стресот се грижите за нешта врз кои не можеме да влијаеме. Стресот произлегува и од ментална исцрпеност и претерана работа. Тој може да влијае врз сите аспекти на нашиот живот, вклучувајќи ги и комуникацијата со други луѓе, психичката состојба, физичкото здравје, емоционалните односи, итн.

Кога сме под хроничен стрес, чувствуваме физичка, ментална и социјална дисхармонија. Некои личности умеат да се справат со стресните ситуации и притисоци, додека други не може да го издржат товарот на стресогено условената емоционална и психичка напнатост и се разболуваат.

Долготрајниот стрес предизвикува сериозни здравствени последици, од замор, депресија, анксиозност, панични напади, заборавање и мачнина, па до проблеми со стомакот, кожата, косата и со крвниот притисок. Одредени научници сметаат дека стресот  е одговорен за 90 % од болестите, вклучувајќи ги срцевите болести, ракот, дијабетесот и сексуалната дисфункција. Акутниот стресоген фактор влијае врз имунитетот, па може да создаде разни инфективни болести, како грип и настинки. Кога е поединецот во стресна ситуација, се активира хормонот на стресот (кортизол), кој го исклучува имунолошкиот систем за да ја зачува енергијата на телото за борба или за бегство. Неразрешениот стрес доведува до опаѓање на имунитетот, поради што нашето тело тешко се бори против бактериите и вирусите и ја губи отпорноста кон нив.

Што треба да направиме за да го надминеме стресот?

Едни од најдобрите начини за намалување на влијанието на стресот е почесто да престојуваме на сонце и во природа; да слушаме пријатна смирувачка музика; доволно да одмораме; да другаруваме со позитивни лица и да си простиме себеси за грешките што сме ги направиле. Физичката активност помага во надминувањето на стресот, бидејќи ја намалува анксиозноста, релаксира, го подобрува сонот и ја зголемува концентрацијата. Ќе постапиме корисно и ако ги прифатиме нештата такви какви што се, зашто со самото прифаќање исчезнуваат отпорот и напнатоста. Клучот е да се опуштиме и да не се притискаме со нереални барања и очекувања, бидејќи има малку нешта на кои можеме вистински да влијаеме. Единствено на што можеме успешно да влијаеме се нашите реакции на состојбата во која се наоѓаме. Заклучокот е да почнеме позитивно да размислуваме, зашто од начинот на нашето размислување зависи како ќе се чувствуваме.

 (авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)