Најголем предизвик на денешното живеење е како да воспоставиме внатрешна хармонија и да бидеме во мир со себе. Нема поголемо задоволство од чувството на внатрешна хармоничност, исполнетост и креативна активност. За да ги постигнеме овие вредности, неопходно е да развиваме екологија на духот (да се прочистиме од штетните влијанија). Во индиската филозофија тоа е објаснето со терминот клеши (духовна нечистотија, валканост), кои произлегуваат од оддавањето на алчноста, копнежот, заслепеноста, љубомората и на гневот.
За да ја избегнеме нечистотијата на духот, клучно е да не влегуваме во релација со лица што негуваат негативистички определби, односно манипулираат, изневеруваат и создаваат одредени пакости. Најголемата мудрост произлегува од мирот со самите себе, но и од умеењето да се дистанцираме од поединци што може да ја дисхармонизираат нашата личност.
Главната задача е да внимаваме на неморалните индивидуи, кои се служат со лаги и манипулации во остварувањето на своите ниски цели. Иако воопшто не е лесно да ја согледаме моралната изопаченост на таквите поединци, сепак, со преиспитување на нивните постапки и со разговор (поставување проникливи прашања), барем делумно ќе може да видиме со кого си имаме работа.
- Секој самосвесен поединец треба да избегнува однос со лица што имаат низок морален критериум
Откако ќе наидеме на такви индивидуи, најпаметно е да се тргнеме на страна и воопшто да не влегуваме во каква било релација. Неморалната единка поседува матрица на нечесност, од која многу тешко ќе успее да се ослободи. Фолклорната мудрост го објаснува тоа со зборовите: „Еднаш крадец, засекогаш крадец“!
Некои лица станале нечесни поради емоционалната оштетеност од минатото. Тие не успеале да се ослободат од емоционалните болки, трауми, тегобност и изневерени очекувања, поради што и самите почнале да ги прекршуваат правилата на чесно и морално однесување.
- Поучни начела: Бегај од неморалните и внимавај во односите со емоционално оштетените поединци
Градејќи го лажниот профил на „жртва“, овие единки потенцираат дека судбината сакала постојано да налетуваат на лоши партнери, поради кои биле принудени да трпат, да се себепотиснуваат и да страдаат. Наместо да проникнат во сопственото ниско ниво на самокритичност, неодговорност и лажливост, тие ја префрлаат вината врз другите, обвинувајќи ги за сето лошо што им се случува. |
Иако секој човек е емоционално оштетен на одредено ниво, сепак, некои лица вложуваат во личниот развој и успеваат да ја разрешат тегобноста, додека други постојано ги носат траумите со себе и зрачат со негативни вибрации. Поединците што не се ослободиле од емоционалниот отров, честопати манифестираат фрустрација, анксиозност, незадоволство и критицизам. Тие имаат мегаломански очекувања и нервозен пристап кон нештата. Тоа предизвикува да опстојуваат во немир и да развиваат синдром на недостиг. Затоа, ретко се задоволни со тоа што го поседуваат и постојано чувствуваат дека работите не се одвиваат како што очекуваат.
Третото поучно начело е да ги преиспитаме релациите со лицата што развиваат лажен ореол на жртва. Некои единки иако се полни со морална нечистотија, претпочитаат да глумат пред јавноста дека се жртви на туѓо лошо однесување. Затоа, неоправдано ги обвинуваат другите и наметнуваат мислење дека трпеле грубост, психичко малтретирање и искористување на нивната „добрина“. Градејќи го лажниот профил на „жртва“, овие единки потенцираат дека судбината сакала постојано да налетуваат на лоши партнери, поради кои биле принудени да трпат, да се себепотиснуваат и да страдаат. Наместо да проникнат во сопственото ниско ниво на самокритичност, неодговорност и лажливост, тие ја префрлаат вината врз другите, обвинувајќи ги за сето лошо што им се случува.
Кога одредена личност долго време трпи разни психички удари, а не презема ништо за да се себезаштити, тогаш се работи за психолошки мазохизам или, пак, за лична карактерна слабост и малодушност. Никој не сака да опстане онаму каде што не се чувствува убаво, никој не сака да биде со лица што ги загрозуваат неговите сигурност и безбедност, така што секој самосвесен поединец ќе побара решение и ќе иницира промени. Од друга страна, кога некој постојано се доживува како жртва, тогаш тој живее со филозофија на недостиг и не е свесен дека проблемот е во него самиот.
Секогаш треба да бидеме внимателни во релациите со единките кои постојано ја префрлаат вината врз другите, притоа преувеличувајќи ги туѓите слабости и идеализирајќи ги сопствените вредности. На тој начин, тие сакаат да се спасат од одговорноста за личните неуспеси или, пак, за своите неморални постапки. Затоа проектираат дека другиот им напакостил, ги блокирал, ги унесреќил и ги спречил да ги реализираат личните потенцијали. Ретки се поединците што станале свесни за сопствените духовни слабости, за површноста, за слабоста на карактерот и за моралната загубеност. Обично луѓето сметаат дека тие се „позитивните“, додека другите се „негативните“.
- Лицата што поседуваат висока духовна свесност, внимаваат на достоинството и не дозволуваат лошите влијанија да ги одведат на раб на амбис
Ако сакаме духовно да напредуваме, неопходно е да бидеме самокритични и да не ги обвинуваме другите за работи што ги немаат направено. Притоа, ако и реално сме жртва во одредена состојба, треба да разбереме дека самите сме се определиле да бидеме жртва. Никој сосила не може да направи жртва од нас. Секој ја има опцијата да избира и да одлучува како ќе се постави во одредени животни ситуации. Некои од духовно воздигнатите поединци избираат да страдаат поради високи цели и идеали. Но, тоа не значи дека тие се жртви, туку патоводители кон вредноста и позитивноста на животот. Постојат голем број револуционери, духовници и мислители кои со своите хумани определби го трасирале патот што води кон светлите димензии на постоењето. Да се биде свесна жртва за доброто на другите (народот), значи да се биде херој и создадел кој оставил дела што никогаш не умираат.
Од друга страна, лицата што се сметаат себеси за најголеми жртви и упорно го презентираат тоа пред јавноста, всушност, се егоисти и манипулатори, кои претпочитаат само ним да им биде добро. Овие лица се мошне опасни бидејќи зад својата слаткоречивост и умислена добронамерност кријат суровост и нарцистичко растројство на личноста. Затоа, треба да бидеме внимателни во релацијата со лицата што експонираат ореол на жртва, како и со единките што градат лажна слика пред јавноста. На социјалните мрежи препознаваме лица што се претставуваат себеси како насмеани, отворени, хумани…, но, во приватниот живот знаат да бидат исклучително арогантни, конфликтни, егоистични, нарцисоидни итн.
Поединците со нарцистичко растројство на личноста во комуникацијата фаворизираат самољубие искажано низ зборовите: јас можам; јас знам; јас ти кажав… Тие очекуваат да се зборува само за нивните квалитети (колку се паметни, убави, вредни итн.), барајќи од другите постојано да им бидат на услуга и да ги задоволуваат нивните потреби.
- Нарцисот ужива да гледа од височина и затоа бара лица кои целосно ќе му се потчинат
Овие единки не трпат некој да биде поуспешен, повреден, поспособен и посреќен отколку што се тие самите. Во нивната ментална агенда е да омаловажуваат, да критикуваат и да пронаоѓаат туѓи слабости.
Една од главните карактеристики на нарцисите е во нивната умешност да манипулираат со јавноста, прикажувајќи се себеси како жртва на „неблагодарни и лоши“ поединци, а со кои некогаш биле во брак, во врска, работеле заедно или другарувале. Манипулацијата ја прават со цел да привлечат што поголемо внимание, затоа што во патологијата на нивната личност доминира потребата од виденост (постојано се експонираат на социјалните мрежи). Нивниот фокус е исклучиво насочен кон сопственото его, бидејќи имаат екстремна зависност од одобрувања, пофалби или воодушевувања. Во личните односи претпочитаат да го контролираат блискиот и да управуваат со неговиот живот.
Денес стана клучно да бидеме духовно будни со какви единки сме си фатиле работа. Секоја погрешна процена може да нè оддалечи од мирот и хармонијата. Затоа не треба идеализирање на другите, туку добра анализа на нивните дела, зборови и стремежи. Тоа ќе нè спаси од потенцијално разочарување и од губење на нашата енергија.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)