Сите ние сме дел од општество (свет) во кое преовладуваат манипулации и неискрени односи помеѓу луѓето. Алчната ориентација кон создавање што поголем профит предизвика да се гази по човечките животи, човечката слобода и човечкото достоинство. Концепцијата „По мене – потоп; кога ќе ме нема, може сè да пропадне“ создаде предуслови за: интензивно уништување и загадување на природата; за експлоатација на другиот; за наметнување на моќта и суетата; за деградација на семејните вредности; за уништување на перспективата на заедницата и за оддавање на разврат и распуштено однесување.
Главниот интерес е ставен на материјалистичките стремежи, така што алчноста, неморалот, неодговорноста, себичноста и сладострастието станаа стил на живеење и начин за бегство од духовната празнотија и површноста на постоењето. Се загуби вредноста на етиката, чесноста и емпатијата, поради што се наметна ставот дека сите луѓе се исти и дека не треба да се пропуштаат шансите. Тоа услови крадењето, лажењето, прељубите, политичките манипулации и егоизмот да се нормални појави во современиот начин на живеење. Многу од луѓето го премолчуваат, прифаќаат или несвесно го одобруваат таквото неморално и неодговорно однесување.
Ставовите на етичарите и на духовниците дека треба да престанеме негативно да се однесуваме и повеќе да размислуваме за хармонијата на својата душа и за духовната воздигнатост на личноста, голем дел од јавноста ги отфрла и третира како несоодветни и заостанати. Се истакнува максимата дека живееме во ера на високи технолошки достигнувања во која сè е дозволено, бидејќи најзначајни се капиталот и уживањето во моќта и во телесните задоволства. Тоа предизвика духот, душата и разумот (моралот) да ја загубат превласта над нагонот, страста и телото.
Будењето на свесноста за вистинските вредности и преземањето одговорност за сопствените постапки се клучни за излез од општата деградација и егзистенцијалната празнотија кон која се движи нашето општество и човештвото во целост. Како што пишува професорот Кирил Темков: „Етиката веќе не е прашање на учтивост, туку на опстанок”.
Неодговорноста и недостигот на свест за општото добро се показател за незрел однос кон повисоките основи на животот.
Во една општа незрелост, духовна неосвестеност и површност, многумина не сакаат да бидат одговорни, самосвесни и ориентирани кон позитивните аспекти на постоењето. Примери за неодговорност и негативно извршување на должноста можеме да пронајдеме во многу домени од човековото дејствување и професионално работење (во областа на политиката, медицината, образованието, правото, економијата итн.).
Денес стана исклучително лесно да се биде неодговорен, тоа е бегство од слободата за која пишувал Ерих Фром. Според него, „современиот човек тежнее да биде ослободен од одговорноста, а особено од одговорноста со личен пример да придонесе за доброто на другите и за заедницата во која живее“.
Кога не сме одговорни кон самите себеси, не можеме да имаме одговорност ниту кон другиот човек. И тогаш другиот не е воопшто битен. Таа другост (поврзаност), која е исклучително важна за создавање хармонични врски помеѓу луѓето, речиси и да не постои во овој денешен свет. Мислата на филозофот Мартин Бубер дека „одговорноста е во папочна врска со создавањето” станува илузорна кога гледаме дека во 21 век постои експанзија на детската проституција, трговијата со бели робје, нелегалниот бизнис со трансплантација на човечки органи, братоубиствената војна, религиозниот фанатизам, високата стапка на криминал и енормниот (бездушен) профит на одредени фармацевтски компании и приватни медицински институции (болници) во екот на пандемија.
За каква висока свест и одговорност можеме да зборуваме кога сме сведоци на: општа експлоатација на работниот труд; на сè поголеми злоба, завидливост и негативност помеѓу луѓето; на себичност, алчност и неизвршување на професионалната должност; на уништување на семејните вредности; на намерно предизвикување пожари; на деградација на екосредината; на повредување на животните и на обезвреднување на постулатите на духовноста, етиката и чесноста.
Сето тоа зборува дека системот на вредности воспоставен на општествен план многу ретко ги вклучува моралната одговорност, интегритетот на личноста, верноста на должноста и придонесот за општото добро. Наспроти тоа, преовладуваат затапеноста на духот, себичните интереси, манипулацијата, измамите и неодговорноста. Овие аномалии, за жал, станаа очекувана професионална и животна определба на голем број функционери и општествени чинители, избрани и повикани да претставуваат светол пример на одговорно, чесно и посветено работење за напредок на заедницата.
Кога постои духовна амнезија и незаинтересираност за етиката, праведноста, позитивноста и емпатијата, тогаш на цена се егоизмот, алчноста и ниските ориентации на животот.
Човекот кој е одговорен и внимателен во однос на своите чест и совест, носи мир со себе, а неодговорниот, себичен и неморален човек многу лесно се соочува со грижата на совеста и стравот од последиците за своето негативно однесување. Но, тоа важи само за здравите општества во кои правото и праведноста се темел на колективните вредности.
Една од формите на индивидуализмот се состои во следново размислување: „Јас одговорам само за себе и не ме интересира што прават другите и каков однос градат кон заедницата во која живеат“. Таквиот пристап не придонесува за општествен напредок и за личен развој на поединецот. Џорџ Бернард Шо има кажано: „Човекот се смета за умен не по присеќавањето за своето минато туку според одговорноста кон својата иднина”. Тоа подразбира дека секој човек треба да вложува во сопствената иднина, но и да придонесува за колективниот напредок.
Позитивното постапување, чувството за општо добро и правилното извршување на должноста се знаци за зрело, хумано и одговорно однесување.
Сепак, колку и да се обидуваме да придонесуваме за доброто на другите, треба да знаеме дека секој е одговорен за самиот себеси и е должен индивидуално да одлучува за својот живот. Кога дозволуваме родителот, шефот, партнерот, лидерот или некој друг да ја креира нашата судбина, тогаш поседуваме високо ниво на незрелост, неодговорност и зависност од туѓите влијанија. Според Екарт Тол, „еден од начините на кои се обидува да избега егото од личното незадоволство е да го велича и засилува сопственото доживување преку идентификување со групата: политичка партија, претпријатие, институција, секта, клуб, банда, фудбалски клуб”. Тоа предизвикува тотална зависност од надворешните фактори, претопување на своето Јас во другиот и губење на автономијата на личноста.
Најголема одговорност во својот живот имаме само кон една личност, а тоа сме ние самите.
Кога преземаме одговорност за другиот или манифестираме неодговорност кон самите себеси, ние го кршиме законот на личната одговорност.
Некои родители не сакаат да прифатат дека нивните деца станале возрасни личности, кои се одговорни за сопствениот живот. Ги жртвуваат своето здравје, парите, својот живот за децата и така ги спречуваат да пораснат како личности, да се осамостојат, да зајакнат и да стекнат способност за похрабро соочување со тешките животни испити.
Според американскиот терапевт Дајана Купер, „во моментот кога преземаме одговорност за некој друг, ние ја спречуваме таа личност да вкуси лекции што ѝ се потребни за да научи нешто во животот“. Секој од нас поминува низ различни животни лекции и искуства – тие ни овозможуваат да ја зајакнеме личноста и да ја исполниме нашата мисија.
Опсесивното преземање одговорност за туѓите промени може да предизвика многу стресови, немири и негативни состојби. Никој не може никого да промени доколку самиот поединец не почне да работи на личниот развој и на позитивните вредности на личноста. Секој е одговорен за сопствените дела, така што ние треба да помагаме, но не и целосно да станеме одговорни за погрешните животни одлуки и постапки на другите.
(Авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)