Современиот човек сѐ почесто е на удар на разни негативни влијанија. Неизвесноста и стресогените фактори ѝ се големи непријатели на психофизичката хармонија. Причинителите на личното неспокојство може да бидат различни, но најчесто произлегуваат од изневерените очекувања, наталожените фрустрации, ниското ниво на самодоверба, емоционалната оштетеност и неразрешените  трауми од минатото.

Проблемите произлегуваат и од стравот од неуспех  и од немањето цел и визија за надминување на тешкотиите.

Личното незадоволство, малодушноста и фрустрацијата привлекуваат негативна енергија и создаваат токсични релации. Голем број од луѓето шират емоционален отров и претерано го истакнуваат сопственото его. Овие лица имаат ниско ниво на емпатија и живеат во дисхармонија на духот и телото.

Поединците што зрачат со негативни вибрации, нужно привлекуваат негативни вибрации. Тие не разбираат дека се под владение на законот на отпорот и на негативната енергија. Токсичното живеење не креира љубов и разбирање, туку создава гнев, незадоволство и несигурност.

Во животот мошне е битно да станеме будни, селективни и внимателни. Голем број духовни лица зборуваат за моќта на љубовта, но и за разорната енергија на омразата. Свети Климент Охридски препорачува да се оттргнеме од злото и да итаме кон доброто. Клучно е да тргнеме кон патот на мирот и хармонијата и да престанеме да им се докажуваме на лицата што себично и површно се однесуваат. Не постои гаранција дека изразената љубов ќе разбуди љубов кај другиот, но речиси секогаш емоционалниот отров создава негативен набој во врската. Љубовта ќе разбуди љубов и ќе предизвика внимание само кај високо самосвесните поединци. Лицата што се определиле себично и негативно да се однесуваат, најчесто се иритираат од туѓите чесност, позитивност и етика.

Проблемите се дел од животот. Негативни животни искуства им се случуваат на сите луѓе. Голема мудрост е да умееме да преиспитаме со кого си имаме работа. Треба да бидеме внимателни пред кого емоционално се отвораме. Како што напишал Алан Пиз: „Кажете им ги своите животни цели и определби на малкумина што навистина се интересираат, другите се само љубопитни“.

Живееме во време на извртени вредности и неправди. Колку и да сме воздигнати на духовен и на етички план, тие наши вредности може да бидат игнорирани од другите. Суштината е да создаваме вредности, но и да станеме свесни дека мнозинството не препознава вредности. Сепак, вредноста, знаењето и љубовта не се споделуваат поради пофалби, награди и за да се одоброволат другите, туку поради чувството на мир и задоволство од создавањето добри дела.

Мнозина ми го поставиле прашањето: „Вие пишувате книги од областа на психологијата и на филозофијата, познавате многу теми и длабински навлегувате во предметот на истражување, дали и Вие се соочувате со проблеми и тешкотии и на кој начин го детоксицирате духот од штетните влијанија?“

Одговорот е дека, како и секој човек, и јас се соочувам со проблеми, тешкотии,  психофизички кризи и напнатост. Во таков период, мојата цел е да трае кризата што е можно пократко. Зборот „криза“ во кинескиот јазик е составен од два знака, едниот претставува тешкотија (опасност), а другиот можност. Ако не гледаме на кризата како на тешкотија, туку како на можност за создавање промени, тогаш не треба да стравуваме од проблемите со кои се соочуваме. Основно е да не потклекнеме пред кризата, туку да бараме начин за детоксикација на духот и за зајакнување на сопствените волја и карактер. Кога преовладуваат неубавите животни состојби, некои поединци гледаат можности онаму каде што другите гледаат тешкотии. Затоа не треба да се опстојува во немир и тешкотија, туку да се бара решение за надминување на неубавите околности. Главната цел е да создадеме силен одбранбен механизам за справување со животните кризи и тешкотии.

Кога се соочува човекот со психофизичка криза, неопходно е да стане свесен за состојбата во која се наоѓа и да почне да бара начин за излез од неа. Развивањето одбранбен механизам за справување со стресот поттикнува регенерација и животна трансформација. Мене лично, престојот во Охрид и прошетките во природа (на планина) целосно ме хармонизираат и регенерираат. Кога сте емоционално нападнати и под удар на стресогени фактори, треба да одите на некое место каде што се чувствувате убаво. Зошто е добар Охрид за хармонизација и регенерација на духот и на телото? Прошетките покрај Охридското Езеро облагородуваат и создаваат смиреност, бидејќи тој предел има некоја волшебна убавина и посебна енергија. Неслучајно многу цркви и манастири се изградени во охридскиот крај. Со својата облагородувачка енергија особено се истакнува црквата „Свети Јован Богослов – Канео“. Што треба да направите откако ќе го посетите овој магичен простор? Само треба да влезете во црквата, да запалите свеќи и да почувствувате голем мир и хармонија. Тоа може да се постигне со кажување молитви и со препуштање на божествената енергија. Вистинската верба во Бога и духовноста смируваат, облагородуваат и ослободуваат од неспокојство и од лоши енергии. Кога посветено се моли, верникот верува и се надева на Божјата сомилост и тогаш постигнува голема психофизичка преобразба. Треба да работиме на личниот развој, но и да имаме силна верба и надеж дека Бог ќе нè избави од големите страдања.

Практикувањето афирмации (молитви) и вербата во моќта на Божјата сомилост овозможуваат смирение, облагородување и духовно прочистување. Песимизмот, изолацијата и зависноста од антидепресиви не може да донесат позитивни резултати. Тоа е пораз за духот на човекот. Консумирањето антидепресиви делумно (моментално) ќе помогне, но не може да донесе целосно избавување од кризата.

Нема да креираме позитивно решение ако постојано тагуваме, се самообвинуваме, живееме во тензија и акумулираме емоционален отров. Клучно е да преземеме акција за остварување на нашите цели, да се сосредоточиме на работите што ги сакаме и да престанеме со поплакувањето.

Доколку сакате да имате среќен живот, поврзете се со цел, а не со луѓе или со предмети, потенцирал Алберт Ајнштајн. Истражувањата покажуваат дека поставувањето јасно дефинирани цели го продолжува животниот век на луѓето и води кон хармонизирање на личноста.

Судбината може да се подобри, само треба да имаш чиста мисла, да поседуваш силен дух и да расчистиш со стегите од минатото. Ако не си расчистил со минатото, тогаш мигот на сегашноста ќе ти биде исполнет со копнеж, немир и со дисхармонија.

Сепак, денес воопшто не е лесно да се постигне духовна смиреност и да се избегнат негативните вибрации. За да постигнеме внатрешна хармонија, неопходно е да поседуваме силна волја и да веруваме дека ќе најдеме решение за психофизичката криза. Клучот е во преземањето одговорност за сопствениот живот и во решеноста да ја исцелиме душата. Човековата душа е заболена од многу неправди, страдања, навреди и емоционални удари. Неразрешените трауми може да го загрозат здравјето и да предизвикаат неспокој, несигурност и дисхармонија.

Од моментот кога целосно ќе го загубите здравјето, премногу е доцна. Здравјето им ја дава слободата на луѓето, за која малкумина се свесни дека ја поседуваат сè додека не останат без неа, укажал Ален Пиз.

Најголемиот проблем на современото живеење доаѓа од копнежот по совршенство, од немањето храброст за иницирање коренити промени и од дисхармоничните односи со блиските. Кога преовладуваат конфликтите, тогаш не зрачиме со мир и со позитивна енергија. Несреќниот и површен начин на живеење води кон отуѓување, неверства, развод и кон егоборби меѓу половите.

Нема напредок во односот доколку едниот е посветен, позитивен и конструктивен, а другиот е отуѓен, незадоволен и деструктивен. Заклучокот е дека луѓето мора многу повеќе да работат на меѓусебното разбирање, на себехармонизацијата и на психофизичкото детоксицирање од штетното влијание на околината.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)