ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Пропаѓање

403

За да се почувствуваме среќни и исполнети, неопходно е да градиме хармоничен однос во љубовта, втемелен врз искреност, верност и посветеност. Со оглед што овие вредности почнаа сè повеќе да исчезнуваат, клучно е да се запрашаме: Што можеме да очекуваме во 21 век, кога се во прашање љубовните односи?

Семејните вредности се под сериозен удар на ниските страсти и раскалашената „љубов“. Впрочем, се наоѓаме во ерата на Водолијата и со текот на годините треба да очекуваме уште порадикални тенденции во правец на слободната љубов и изумирање на традиционалните брачни односи. Денес ниту хомосексуалните љубовни врски не се повеќе табу, така што во одредени земји го добија правото да склучат брак, а во некои други и да посвојуваат деца.

Во 21 век најактуелни и доминантни се врските без обврски. Тој факт доминира и веројатно уште повеќе ќе доминира, зашто луѓето не сакаат емоционално да се врзуваат и да бидат одговорни и посветени на љубовта. Сексуалната револуција овозможи човекот многу поспонтано да ги изразува страстите и да се насочува кон задоволствата на телото. Сето тоа е во експанзија и предизвикува институцијата брак да пропаѓа и да владеат слободните врски. Во Италија, Франција, Холандија, но и во други западни земји, свингерските врски (меѓусебна промена на партнери) се во доминација. Се наметна либералната ориентација, така што догмите, правилата, непишаните закони постојано се кршат и се воспоставуваат нови форми и практики на љубовта. Семејните вредности се под сериозен удар на ниските страсти и раскалашената „љубов“. Впрочем, се наоѓаме во ерата на Водолијата и со текот на годините треба да очекуваме уште порадикални тенденции во правец на слободната љубов и изумирање на традиционалните брачни односи. Денес ниту хомосексуалните љубовни врски не се повеќе табу, така што во одредени земји го добија правото да склучат брак, а во некои други и да посвојуваат деца.

Врските без обврски, пред сè, го фаворизираат телесно-естетскиот аспект на животот (во литературата претставен преку ликот на Дон Жуан): „Битно е да ни биде убаво, да шетаме, да уживаме и да не се оптоваруваме со правилата и стегите на љубовните односи”. Проблемите се јавуваат кога едниот партнер смета дека е во врска, а другиот тврди дека нивниот однос е слободен и дека така треба да остане. Како и да е, импулсот на страста отсекогаш бил надмоќен врз останатите категории на љубовта. Затоа, не треба да се изненадиме што сè повеќе се губи емоционалната и духовна поврзаност, без кои многу тешко може да се создаде квалитетна и стабилна љубовна врска.

Кога постои врска без обврска, партнерите многу потешко се одлучуваат да влезат во брак. Тоа е така зашто се навикнале на опуштениот стил на живеење и сметаат дека има време за брачна заедница. Но, како годините им изминуваат, така критериумите ги подигнуваат. Позната е максимата: „Чекав толку време, па сега не сакам да погрешам во изборот и „непромислено” да влезам во брак”.

Притисокот кај жената е да биде убава, сексапилна и привлечна, додека кај мажот е да биде способен да создаде материјален успех и да биде добар љубовник.

Кај жените клучен аспект стана да ја одржуваат својата физичка убавина и да најдат маж кој ќе обезбеди материјални средства. Со годините, жените попуштаат на физички план, но мажите не научија дека кај жената треба да ја вреднуваат убавината на душата, покрај атрактивноста на телото.

За разлика од телото, кое со текот на времето остарува,  душата е вечна и суштинска вредност, која никогаш не старее.

Мажот во најголема мера е ориентиран кон потребата да ги почувствува телесните страсти. Затоа, некои мажи кои создале голем капитал и оформиле семејство, сфатиле дека партнерката не им е доволно привлечна и атрактивна. Имајќи ги парите и статусот, тие многу лесно „загазуваат” во други полиња, барајќи авантури и предизвици. И кон што ги насочуваат своите ниски побуди? Кон убавите, атрактивни анимир-дами, кои не е битно колку се умни, туку колку се сексапилни и привлечни. Тие го даваат тоа што му е потребно на таквиот маж – телото и страста, а за возврат го добиваат тоа што ним им е потребно – подароци, привилегии, статус, пари. На таквиот маж не му е битно дали и колку ќе разговара со неа, дали ќе шетаат во јавноста, туку му е битно да ги задоволи своите нагони. Овие комбинации постоеле и ќе постојат сè додека нагонот, ниските страсти, парите и материјалните интереси владеат со духот на човекот.

Затоа во денешно време постојат многу неверства, а кон кои подеднакво инклинираат ѝ мажите и жените. Одредени мажи престанаа да се окупираат и насочуваат кон своите сопруги, сметајќи дека тие „не им се доволно привлечни”. Таквиот однос наметна потреба многу од жените да вложуваат во својата атрактивност и да посетуваат салони за разубавување, сè со цел да бидат интересни за своите партнери или, пак, за некои други мажи, кои им посветуваат многу повеќе внимание. Тука не треба да се исклучи фактот дека жените се разубавуваат и поради самите себе и потребата да се чувствуваат убаво во сопственото тело.

Како и да е, сите овие нешта зборуваат дека за сè се потребни двајца, така што доколку покрај себе имаме незрел партнер, кој не е свесен за своите години и за приоритетите на животот, тогаш колку и да се трудиме и да вложуваме, односот ќе биде осуден на неуспех.

Затоа, треба да инвестираме во себеси и да го негуваме тоа што е добро во нашиот живот, зашто никогаш не се знае кога после сонцето ќе следи дожд, и обратно. Поинаку кажано, не треба својата судбина да ја довериме во рацете на другиот, туку да бидеме лично одговорни за сè што ни се случува во животот.

Како што рекол Ошо: „Ако се чувствуваш среќен – тоа е заради тебе. Ако се чувствуваш несреќен – тоа е заради тебе. Секој човек сам си одговара за сопствената среќа или несреќа!”

Поентата е дека борбата кон подобро не смее никогаш да престане. Не смееме да се препуштиме на меланхолијата, очајот и горчината, туку да ги пронајдеме убавите работи во својот живот, да бидеме благодарни за тоа што го имаме и да се трудиме срцето да го исполниме со љубов, а душата со мир и хармонија.

Дали вистинската љубов може да помогне партнерите духовно да созреат и да ги осознаат суштинските вредности на животот?

Ако сакаме да се себеспознаеме и да ги почувствуваме вредностите, мора да анализираме и преиспитаме, поради кои причини сме западнале во неуспешна љубовна врска. Доколку во односот постојано се чувствуваме повредени, неопходно е да се запрашаме: Што е тоа што емоционално ме изместува и прави да се чувствувам повреден?

Љубовта, дефинитивно, на партнерите може да им помогне духовно да созреат, да се осознаат себеси, да сфатат што е вредноста на животот и да се определат кон патеката на хармонијата. Во суштината на љубовта е да предизвика напредок и да поттикне кон активирање на сопствените вредности на двајцата партнери, односно кон нештата и потенцијалите кои секој на свој начин ги носи во себе. Затоа преку другиот се градиме и воздигнуваме, но преку другиот може и да пропаднеме и да се загубиме. И за едното и за другото, секој сам си сноси одговорност.

Ако нашиот однос не е воден од вистинската љубовна припадност, туку е полн со интриги, лаги и сплетки, тогаш наместо да одиме напред, ние ќе стагнираме или ќе се уназадиме. Во таквата врска нема духовно и ментално да созреваме, туку ќе пропаѓаме. Но, ако сакаме да се себеспознаеме и да ги почувствуваме вредностите, мора да анализираме и преиспитаме, поради кои причини сме западнале во неуспешна љубовна врска. Доколку во односот постојано се чувствуваме повредени, неопходно е да се запрашаме: Што е тоа што емоционално ме изместува и прави да се чувствувам повреден? Дали причината за таквата ситуација е во негативното однесување на партнерот или во ранливоста на мојата личност? Ако е тоа случај, мошне важно е да се погрижиме раните од минатото да се зацелат. Само така може да научиме помалку да грешиме, да согледаме кон што треба да се насочиме и каква вредност да негуваме.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)