Да се одржи квалитетна, стабилна и хармонична љубовна врска стана исклучително тешка мисија, бидејќи разните искушенија, опаѓањето на моралните вредности, подложноста на ниските страсти и отсуството на срамсе повеќе стануваат наше секојдневие. Чесниот, искрен и посветен поединец не знае што може да го снајде во доменот на љубовта, посебно ако оствари љубовен однос со неморален, манипулативен и некомпатибилен партнер/ка. Едно од најголемите прашања кои го окупираат современиот човек е како да постигне мир, среќа и хармонија и да изгради врска со позитивна, стабилна, духовно изградена и емоционално посветена личност?
Копнежот да бидеме со „најдобриот/најдобрата“ неретко создава големи разочарувања, немири и страдања, зашто со желбата сé да биде идеално пропуштаме да ги согледаме вистинските доблести и слабости на партнерот. Идеализацијата на другиот и стремежот кон совршенство е главната причина за создавање проблематични и неуспешни љубовни односи. Не е добро кога параноично се однесуваме и сметаме дека ќе бидеме искористени, изманипулирани и изневерени, но не е добро ѝако непромислено и безрезервно веруваме во зборовите на лицето со кое започнуваме врска. Довербата треба да се заслужи, а посветеноста да биде резултат на заемна љубов, вложување и надополнување.
Што треба да направиме за да го пресечеме јазот што води кон пропаст, отуѓување и разочарување?
За да бидеме среќни, неопходно е да станеме храбри, решителни и подготвени да воведеме коренити промени во својот живот. Одржувањето однос во кој се чувствуваме несреќни, незадоволни и фрустрирани е сигурен показател дека страдањето, неуспехот и стагнацијата уште долго време ќе бидат наше секојдневие. Преокупираноста со настаните од минатото не е добра одлука, туку јалова работа која создава лоша енергија и страв од перспективите на иднината. Нештата кои не можеме да ги промениме, најдобро е постепено да ги разрешиме, да ги заборавиме и да се отвориме за позитивните можности во животот. Прифаќањето е клучниот аспект на разрешувањето и себе ослободувањето од штетните обрасци на однесување.
Расчистувањето со лошите искуства од минатото е првиот знак дека се отвораме за перспективите на иднината. Осознавањето на грешките, работењето на личниот развој, будењето на оптимизмот и преземањето одговорност за сопствениот живот се основни вредности што овозможуваат напредок, успех и уживање во мигот на сегашноста.
Врз основа на научената животна лекција ние ја градиме суштината на личноста, осознаваме колку вредиме и сфаќаме што треба да преземеме за поретко да сретнуваме проблематични лица и доживуваме тешки љубовни разочарувања.
Останувањето во токсичен однос максимално ја дисхармонизира нашата психофизичка состојба и ги уништува шансите за напредување и доживување нешто ново и поубаво во животот. Самопочитувањето, актуализирањето на сопствените вредности и нé дозволувањето другиот да ја управува и потценува нашата личност се главните фактори за постигнување мир со себе и напредок во љубовта. Секој е должен да ја препознае својата посебност, да го истакне и даде најдоброто од себе, без да стравува од судот на јавноста. Фокусот кон сопствените вредности, борбениот дух и независноста се силна брана пред налетите на „дежурните“ критичари. Кога зрачиме со позитивизам, шириме мир и создаваме добри дела, воопшто не е битно дали завидливците и негативците ќе најдат начин да го критикуваат нашето однесување.
Некои лица се научени постојано да земаат, а со ништо добро да нé возвратат. Една од најголемите илузии е да се надеваме дека таквите поединци ќе нé прифатат, почитуваат и третираат како значајна личност во нивниот живот. Треба да знаеме дека постојат многу неблагодарни и себични индивидуи, така што е неопходно да внимаваме на емоциите и да преиспитаме кому се отвораме и како ја трошиме својата психофизичка енергија. Мудро ќе постапиме ако ги избегнуваме единките кои определиле постојано да се жалат, да критикуваат и песимистички да размислуваат.
„Кој не ме сака, не ме ни заслужува“ е максима на лицата кои држат до себе и веруваат во сопствените вредности. Опсесивната потреба некој постојано да нé сака, почитува и вреднува може да ни создаде тага, несигурност и дисхармонија.
Поединците кои не се сакаат и вреднуваат самите себеси, многу ретко ќе биде задоволни, исполнети и среќни во љубовта. Колку ѝ да ги даруваме со нежност и внимание, тоа за нив ќе биде недоволно, зашто тие живеат со страв и убедување дека целата таа љубов еден ден ќе исчезне.
Не постои човек кој може постојано да ја пополнува нашата емоционална празнина, да нéизбави од стравот и води по патот на мирот, среќата и хармонијата, ако притоа ние самите не го направиме првиот чекор и веруваме дека ќеоствариме животна полнота.
Кога грижливо, внимателно и позитивно се однесуваме кон сопствената личност, тогаш осознаваме дека мирот во душата исклучиво зависи од личната ангажираност и посветеност. Постојаното исчекување другите да нé разберат, засакаат и да ни помогнат да се извлечеме од проблемите, може да ни создаде уште поголеми разочарувања. За да ги избегнеме таквите ситуации, неопходно е да работиме на подигнување на сопствените вредности, да го зајакнеме духот, да го пронајдеме доброто во себе и да сфатиме дека никој не е совршен во сé.
Тагувањето за партнер кој/а со своето неморално и неубаво однесување ја повредил нашата личност е знак за ниско ниво на самопочитување и за подложност на психолошки мазохизам. Не треба да ги задржуваме лицата кои одлучиле да изневеруваат или лошо да постапуваат, животот е премногу краток за да се разјадуваме, страдаме и фрустираме поради поединци кои не се искрени, чесни и емпатични. Наместо да преживуваме и да ѝ се радуваме на секоја трошка што ја добиваме,треба да направиме сé што е во нашата моќ за вистински да живееме и напредуваме во доброто. Пуштањето подразбира физичко дистанцирање, ментално заборавање и емоционално ослободување од единката со кој/а сме доживеале негативниживотни искуства. Разочарувањата нéсмеат да нé блокираат за вистинската љубов, бидејќи постојат добри, чесни и позитивни лица кои ќе умеат да ги препознаат нашите вредности и да нé даруваат со искрена љубов, посветеност и емпатија.
Понекогаш многу подобар избор е одреден период да бидеме сами, отколку да одржуваме однос во којсе чувствуваме осамени. Проблемите ќе станат уште поголеми доколку опстојуваме со некој/а само за да не останеме сами. Решението е да бидеме трпеливи, да веруваме во себеси и да знаеме дека тоа што е наше ќе си дојде.
Кога поседуваме високо ниво на самосвест, достоинство, храброст и самодоверба тогаш нужно ќе престанеме да се себеизмачуваме, опстојувајќи во врска со лице кое претпочита да омаловажува, потценува и постојано да критикува. Треба да имаме на ум дека некои се такви скроени и нивната матрица на однесување е другиот да гообезвредат, понижат и подредат, со цел да ја сокријат својата емоционална оштетеност, несигурност, инфериорност и фрустрираност.
Неретко токму болките, страдањата и разочарувањата се голем стимул за одење напред во животот и за позитивно чувствување на секој нов миг исполнет со радост, љубов и ведрина. Кога не би постоеле лицата кои со своето лошо и негативно однесување ја повредиле нашата личност, ние не би можеле да научиме значајна животна лекција и да сфатиме колку се значајни мирот во душата и топлината во срцето. Токму падот во љубовната бездна и емоционалното отрезнување го будат најдоброто во нас и го создаваатклучниотпресврт за искачување кон духовноста, среќата и љубовта.
Заклучокот е секогаш да искажуваме благодарност за животните лекции кои сме ги осознале и да му се радуваме на сето добро што го поседуваме, бидејќи и покрај сé – научивме да нé преживуваме, туку вистински да живееме.
(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)