ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Однос кон себе

354

Од односот што го имаме кон сопствената личност зависи дали мирот, успехот и хармонијата ќе се вселат во нашето живеење. Негативниот пристап, себеобвинувањето, ниското ниво на самодоверба и чувството дека сме мали, обични и помалку вредни се главните причини за стагнација, неуспех и незадоволство од животот.

Постојат неколку фактори што предизвикуваат да се осудуваме самите себеси и да ги потиснуваме сопствените вредности. Главните причини се во менталната преоптовареност со негативните ситуации од минатото, потсвесната врзаност за трауматичните искуства и емоционалниот отров кон лицата што ни создале стрес и неправда. Сите овие нешта имаат моќ психофизички да нé оптоваруваат и да го креираат нашето емоционално разјадување.

Врз структурирањето на личноста мошне силно влијаат навиките и искуствата што ги стекнуваме во текот на животот. Негативните искуства продуцираат немир, страв, потиштеност, негација, критицизам, стегнатост и емоционални блокади. Тие предизвикуваат да се концентрираме на неубавите нешта, да стравуваме дека може да нè снајде најлошото, однесувајќи се како хипохондрици кои живеат во грч и тензија, вообразувајќи сериозна болест. Дури и кога ќе дојдат до медицински доказ дека се потполно здрави, хипохондриците продолжуваат да умислуваат дека имаат некој здравствен проблем. Овие лица не се во можност целосно да ги вкусат задоволствата на животот, бидејќи се обременети со лоши мисли и се под наплив на негативната вибрација. Сличен пристап манифестираат и поединците што поседуваат ниско ниво на самодоверба и се под силен удар на трауматичните искуства од минатото.

Сите овие нешта покажуваат дека стресогените фактори и емоционалната вознемиреност максимално го детерминираат личниот развој на поединецот и влијаат врз неговото чувство на среќа или на несреќа.

Одредени фактори што будат несигурност се поврзани со критичкиот пристап и со негативната согледба на состојбата во која се наоѓаме. Филозофот Артур Шопенхауер има кажано: „Човекот кој најмногу знае, најмногу страда”.

Проблемот се јавува доколку постојано ги забележуваме слабостите и пристапуваме со отпор, недоверба и негативни вибрации. Не постои човек што не се соочува со проблеми и тешкотии. Ако пристапуваме со критичка опсервација, ќе пронајдеме многу причини за да се плашиме и за да живееме со чувство на недостиг. Со таков однос кон самите себе ништо позитивно нема да направиме, освен што ќе опстојуваме во апсурд, немир и бесмисла. Излезот е во духовниот развој и во оптимистичкиот пристап кон нештата, односно во перципирањето дека „чашата е полуполна, а не полупразна”.

Ако сметаме дека владеат празнотијата, недостигот и нереализираноста, тогаш постојано ќе се самообвинуваме дека сме неуспешни, несфатени и дека немаме среќа во животот. Овој начин на размислување ќе предизвика да зрачиме со негативна вибрација, да развиеме лошо чувство и да манифестираме празнотија на духот, преточена низ зборовите: „Јас сум празен и несреќен, бидејќи ништо добро не ми се случува во животот”.

Митолошката приказна за Сизиф е асоцијација на еден празен и бесмислен живот, опфатен со постојана борба и тркалање на тешкиот камен кон врвот на ридот. На колкумина им се случило нештата да им пропаднат токму кога пристигнале пред самата цел, поради што биле принудени сé да започнат одново? Но, таков е животот – понекогаш исполнет со многу среќни мигови, позитивни шанси и можности, а другпат полн со големи борби, тешкотии и неизвесност.

Песимизмот, ниското ниво на самодоверба и негативниот пристап може да создадат големи проблеми и во љубовта. Тоа особено важи за лицата што не ги разрешиле емоционалните трауми од претходните љубовни врски, поради што манифестираат страв, незадоволство и неубави мисли. Таквите поединци колку подлабоко се вљубуваат толку повеќе стравуваат, иницирајќи нервоза, несигурност, посесивност, љубомора и критичка опсервација.

Стравот од напуштање многу лесно може да предизвика манифестација на љубомора и да создаде предуслови несигурната личност да проектира стравови дека партнерот може да ја изневери или напушти, дека недоволно ја сака, дека не ѝ посветува доволно внимание, поради што несвесно почнува да реактивира негативна вибрација и да прави тензија во односот.

Излезот од таквите непријатни ситуации е да работиме на зајакнување на самодовербата и на отфрлање на стравот, осознавајќи дека сé произлегува од нашиот ум, односно дека сé е производ на сопствената перцепција и фиксација.

Проблемот нема да се надмине ако се фиксираме за неубавите нешта и сметаме дека судбината пропишала постојано да страдаме во љубовта.

Да ја замислиме следната ситуација. Доживуваме љубов, убаво тече односот, но ние фиксираме дека ќе се измачуваме и почнуваме да бараме причинители кои ќе го оживеат убедувањето дека на крајот повторно нé очекуваат болки и страдања (овие манифестации најчесто се случуваат на несвесно ниво, зашто ако свесно веруваме дека ќе страдаме, тогаш сме под целосен удар на психолошкиот мазохизам). По одреден период од врската, му велиме на партнерот: „Не ми посветуваш доволно внимание; не се јавуваш на мобилниот телефон кога те барам; не можам емоционално да се потпрам на тебе; сé ти е поважно од мене; не си посветен на семејството; сé помалку има страст во нашиот однос; не ми помагаш, не ме слушаш, не ме разбираш, не ме сакаш“, итн. Со сето ова не, не, не, илузорно е да се надеваме дека љубовното партнерство би можело да се движи во нагорна линија, туку е прашање на време кога целосно ќе се распадне.

Притоа, дискутабилно е дали реално постојат толку многу проблеми во врската и преовладува отуѓувачкиот и незадоволителен однос со партнерот. Многупати коренот на проблемот се наоѓа во неразрешените трауми од минатото, во вметнатиот страв, во карактерниот профил на личноста и во убедувањето дека ништо не е доволно добро и дека немаме среќа во љубовта.

Прво што треба да направиме е да го пренасочиме фокусот кон самите себе, да ги утврдиме сопствените вредности, да се воздигнеме на духовен план и да кажеме: „Вредам, можам и ќе успеам“. Второ, да сфатиме дека и страдањето е составен дел од животот – доколку се соочиме со тешки животни ситуации, неопходно е да веруваме дека ќе најдеме решение за проблемите. Најголемата мудрост се состои во сфаќањето дека ништо не е конечно, што и да е – ќе помине. Трето, искрено, чесно и посветено да љубиме, без постојано да стравуваме, бидејќи љубовта е најблагородната смисла на животот. Четврто, да се ослободиме од непотребните нешта што ментално нè окупирале и емоционално нè обремениле, имајќи на ум дека сé што е наталожено, може да биде и разрешено.

На кој начин и со какви методи може да ги надминеме страдањата и да се ослободиме од наталожените баласти на негативните емоционални искуства: читање поучни книги; инвестирање во личниот развој; разговор со добронамерни и умни луѓе; енергетско зајакнување на сопственото биополе; искажување молитви и афирмации; здрав стил на живеење; вежбање и контакт со природата; наоѓање време за самите себе; будење на вербата, надежта и позитивната вибрација; слушање релаксирачка музика; прифаќање на минатото; ослободување од емоционалниот отров; преземање одговорност за сопствениот живот; трпеливост, нефорсирање и немање притисок дека експресно мора да излеземе од кризата.

За сé треба време, како за градење вистински љубовен однос така и за ослободување од проблемите и страдањата. Затоа треба да си дадеме време и целосно да се посветиме на самите себе. Со правилен фокус кон сопствените вредности, насочување кон љубовта, позитивно размислување и елиминирање на ограничувачките влијанија, нужно ги отвораме портите за среќата, мирот и хармонијата во нашето живеење.

(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)