Стравот од болести, економски губитоци и неизвесни животни ситуации создадоа армија вознемирени, осамени и отуѓени луѓе кои не знаат како да се извлечат од вителот на несигурната и проблематична егзистенција.
Фрустрациите и незадоволствата се присутни на секој чекор. Коронавирусот предизвика стилот на живеење повеќе да не биде таков, каков што некогаш бил. Преовладуваат тензијата, критицизмот и негативната енергија. Политичките опции и случувања не ветуваат стабилизација на состојбата. Неисполнетите очекувања и бесперспективноста создадоа да се живее под влијание на напнатост, стрес и депресија. Доблесниот, одговорен и позитивен поединец не знае кој пат да го фати и како да се заштити од неодговорните и негативно определени поединци. Лицемерието, манипулативноста и отсуството на срам станаа нормална форма на живеење. Осаменоста и отуѓеноста сè повеќе се надвиснуваат врз меѓучовечките односи, а користољубивоста и неморалот се доминантно присутни.
Тоа предизвика мнозина да станат незадоволни од својот живот обвинувајќи ги судбината, општеството, родителите, партнерот или другите луѓе за проблемите со кои се соочуваат. Современиот човек сè повеќе станува свесен дека опстојува во свет во кој ништо не е сигурно. Финансиските заштеди, работата, здравјето и мирот преку ноќ можат да исчезнат, бидејќи постојат нечесници кои во името на профитот, моќта и статусот сè ќе однесат кон бездната. Експлоатацијата на работниот труд во повеќе случаи не кореспондира со висината на личниот доход, така што стравот од сиромаштија е сè поприсутен. Постои голема социјална нееднаквост која предизвикува привилегираните и богатите скоро секогаш да се извлекуваат, а политички незаштитените и сиромашните да страдаат.
Креаторите на новиот светски поредок изнајдоа начин да ги интензивираат мерките на присилба, контрола и медиумска манипулација создавајќи страв, изолација и фрустрација.
Цивилизацијата се менува, хуманоста се намалува, а алчноста и бесчесноста се зголемуваат. Културолошките вредности и чувството за општо добро ја губат битката со површноста пресликана низ корумпирано, неуко и себично работење (владеење).
И мнозина не се тоа што некогаш беа – кога почесто другаруваа, повеќе се смееја, позитивно размислуваа и меѓусебно си помагаа. Отуѓеноста толку силно надвладеа, предизвикувајќи блиските сè поретко да се гледаат, а подалечните роднини скоро и да не се познаваат.
Доминацијата на стравот и несигурноста наметнаа луѓето да живеат напнато, неисполнето и стегнато. Размислата на францускиот писател Луј Арагон дека „ништо не е толку несигурно како живеењето“, стана обележје за овие чудни времиња исполнети со многу лаги, интриги и манипулации.
Моќта, парите и ниските страсти станаа сè, а духовноста, мудроста и етиката одлика за општествено неприспособените и „чудните“. Преголемата окупираност и зависност од материјалното создаде фрустрација и незадоволство. Духовните вредности станаа илузорни и непрактични, бидејќи фокусот е ставен врз површните форми на живеењето. Патот кон успехот сè поретко зависи од знаењето, достоинството и карактерот на личноста. Материјализмот, одработувањето за негативците и полтронството сè повеќе избиваат на површина, додека алтруизмот и емпатијата попуштија пред егоизмот и неморалот. Таквата ориентација не создаде среќни и исполнети луѓе. Недостигот на внатрешно спокојство предизвика да доминираат вознемиреноста, тагата, осаменоста и апатијата. Многумина постигнаа материјален и професионален успех, но не се ослободија од стравот, отуѓеноста и површноста. Кога парите би ослободувале од грижа на совест, депресија, чувство на вина и глупавост, тогаш можеби луѓето ќе беа посреќни, поисполнети и поретко ќе консумираа антидепресиви. Стварноста е дека седативите и антидепресивите се меѓу најбараните медикаменти. Постои енормен пораст на потрошувачката на лекови за смирување. Светската здравствена организација проценува дека во 2030 година секој четврти човек на планетата ќе има некој облик на депресивно или анксиозно пореметување. Загрозената егзистенција предизвика луѓето да бидат целосно психички исцрпени и да не знаат како да се хармонизираат на душевен план. Сликата за празно, отуѓено и ограничено живеење ги прикажа сите слабости на постоењето, а најмногу удри врз човековото здравје.
Пред да го зафати телото, болеста ја напаѓа душата. Без исцелување на душата многу тешко може да се воспостави мирот и хармонијата. Многумина предност му дадоа на телото, ориентирајќи се кон површни форми на постапување исполнети со стрес, неверства, негативизам, но и со штетни навики на исхрана, порочност и бесцелност.
Незадоволството од економската транзиција и изневерените очекувања дека со преминот во капитализам ќе стане подобро, уште повеќе ги интензивираа разочарувањата. Наспроти напредок, станавме сведоци на повеќе децениски неуспеси, неправди, грабежи и манипулации извршени од некадарници кои си поигруваа(т) со судбината на народот. Надежта дека ќе се стабилизираат нештата и конечно општеството ќе тргне кон вистинската насока, не се оствари. Економскиот и социјален просперитет никаде го нема. Тоа предизвика да се акумулира хроничен стрес и животот да стане тежок за живеење. Чесните и моралните поединци извисија, а корумпираните и лошите се наметнаа. Резултати од таквите околности се одлив на мозоци, миграции во странство, намален наталитет, недоверба во правниот систем, изопачени вредности, но и експанзија на депресивни состојби или психички болести.
Падот на животниот стандард, лошите општествени околности, стравот од губење на работното место, уништувањето на семејната клетка и егзистенцијалната неизвесност го направија своето. Луѓето стануваат сè поболни, понесреќни и пофрустрирани.
Незадоволството е на сцена, а отуѓеноста стана стил на живеење. Психолошките, личните и социјалните проблеми го разјадуваат духот на човекот, предизвикувајќи му вознемиреност, напнатост и анксиозност. Консумеризмот и потрошувачкото општество создадоа голем притисок во трката за обезбедување материјални средства, истакнувајќи го лозунгот: „Ако не си богат, ништо не вредиш“.
Во капитализмот клучни се парите, така што ако не заработуваме доволно, неизбежно се соочуваме со егзистенцијална несигурност.
Проблемот е што современата култура и медиумите ја промовираат среќата и безгрижните моменти како неопходна константа. Трката за постојани задоволства создаде огромен притисок врз луѓето што не се чувствуваат среќно и исполнето. Тоа е посебно изразено кај младите кои гледаат како одредени нивни врсници премногу имаат, а тие едвај преживуваат. Јазот помеѓу екстремно богатите и крајно сиромашните уште повеќе ќе се продлабочува, бидејќи политичките моќници скоро секогаш го штитат крупниот капитал и се во спрега со олигарсите.
Без оглед на сè, не треба да дозволиме гневот, разочарувањата и неправдите да ја надвладеат нашата личност. Кога сме целосно под влијание на депресијата, потиштеноста и безволноста многу тешко може да се извлечеме од кризата. Решението за ограничувачките состојби произлегува од будењето на свеста и во препознавањето на смислата и вредноста на сопственото постоење. Наместо фокусот да го ставаме врз негативното, треба да се ориентираме кон позитивното. Вложувањето во вредностите што нè прават среќни е основата за постигнување на хармонијата.
Трудот го создаде човекот и тој е мошне битен за да се одржуваме себеси како продуктивно и креативно суштество. Чувството на сигурност и исполнетост во работата ги зголемува потенцијалите за среќа, мир и реализација. Самопочитувањето, опуштеноста и разбирањето од блиските се најдобар лек за надминување на несигурноста. Оптимизмот и гледањето на иднината како светла и убава се клучот на успехот.
Секој го дава тоа што го има и го добива тоа што го заслужува. Ништо не е недостижно за човекот кој верува дека ќе биде подобро и со целото свое битие работи на новиот концепт на животот. Промената е чин на мигот, а тој миг започнува со позитивната мисла, афирмативниот збор и благородните дела.
Љубовта е најмоќната сила на универзумот. Кога во љубов веруваме, кога љубов споделуваме и кога љубов добиваме – среќно живееме и сè надминуваме. Грижата за сопствената душа е основната нишка на љубовта, бидејќи ако самите себеси не се засакаме, тогаш не можеме да ги сакаме ни другите.
(Авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)