ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Негативни емоции

420
Негативните емоции како што се: фрустрацијата, срамот, гневот, стравот, тагата, депресијата, вознемиреноста и негативноста целосно не исцрпуваат на енергетски план, за разлика од позитивните емоции кои се динамо за енергија и никогаш не предизвикуваат исцрпеност и ментална истоштеност.
Кога сме зафатени од негативните емоции, тогаш максимално ни опаѓа креативната енергија, стануваме несигурни, фрустирани, незадоволни, полни со чемер, јад и со чувство на духовна неисполнетост. Ако сакаме да се извлечеме од песимизмот, немирот и кризата, неопходно е да ги преиспитаме причините што не довеле во лоша емоционална состојба. Високото ниво на самосвест ќе ни помогне да ги препознаеме негативните емоции и да воспоставиме контрола врз ситуацијата во која се наоѓаме.
Ослободувањето од штетните проекции дека “ништо не е доволно добро” и менталното чистење на негативните мисли се првите чекори што треба да ги спроведеме.
Секој човек на различен начин ги доживува егзистенцијалните кризи, тешкотии и притисоци. Некои луѓе имаат поразвиена отпорност и способност за справување  со проблемите, додека  други лесно паѓаат во депресија, губат волја и не умеат да им се спротивстават на ограничувањата. Кога стануваме свесни за причините кои довеле до лоши последици, тогаш многу поуспешно може да се избориме со проблемите. Причини за појава на негативните емоции има многу, тука ќе наведеме дел од нив: разочарување во себе или во другите; развод, конфликти и недоразбирања во љубовниот однос; неисполнети очекувања, чувство на подреденост и нереализираност на работното место; финансиска несигурност и константен недостиг на материјални средства; живеење во заедница без да се има време и простор за себе; нарушени и отуѓени односи со пријателите; тага поради емоционални повреди од минатото; страв од болест, од напуштање и губиток на блиски итн.
Сите овие нешта предизвикуваат негативни емоции, создаваат тага, иницираат длабок немир и прават ментален притисок врз личноста. Доколку дозволиме дел од овие состојби константно да ги напаѓаат нашите емоции, тогаш ќе се истоштиме на психофизички план и ќе ја уништиме можноста за создавање мир и хармонија во животот.
Негативните емоции се максимално штетни за нашето здравје, така што ако подолг период сме изложени на тага, мачнина, незадоволство, песимизам и имаме чувство на вина може да предизвикаме пад на имунитетот и да се соочиме со главоболки, срцеви заболувања, астма, артритис и други болести. Докажано е дека негативните емоции и стресот, заедно со генетските предиспозиции се меѓу главните причинители на малигните заболувања.
Кога долго време се чувствуваме несреќни, истоштени, гневни и несигурни, постепено ја исцрпуваме силата и го загрозуваме телото. Тома Аквински тоа го објасни со зборовите: “Од сите страсти, тагата најмногу му наштетува на телото”.
Кога сме тажни и под влијание на негативните емоции, тогаш и нашето его е многу пофрустрирано, поради што брзо се возбудуваме и за најмали ситници се бунтуваме и конфронтираме со околината. Личната несигурност и ранливост прави да паѓаме на провокации или да си умислуваме провокации. Тоа се случува, бидејќи не се чувствуваме добро со самите себе и имаме впечаток дека другите намерно ја загрозуваат нашата личност. Народната мудрост тоа го објасни со зборовите: “Не му се сите овци на број”. Кога е така, дисхармоничната енергија предизвикува да манифестираме его, да се расправаме и создаваме конфликти. Затоа се вели: Остави го, нека му помине, утре ќе разговараме, сега не е во состојба трезвено да размислува и конструктивно да му пристапи на проблемот.
Кога некој од нашите блиски чувствува психичка напнатост, емоционална тензија и шири бран негативна енергија, треба да го оставиме на мир и да чекаме да му помине кризата. Да замислиме што ќе се случи, доколку проблемите и недоразбирањата ги решаваме кога владее негативната енергија, а самоконтролата е на најниско можно ниво. Тогаш, какви ќе бидат резултатите?
Гневната и афективна реакција ја уништува можноста рационално да им пристапиме на проблемите и да ја согледаме пошироката слика на нештата. Кога ни е воспалена амигдалата (центарот на нашите емоции), тогаш имаме стеснета свест која оневозможува да го согледаме тоа што е вредно и да се ослободиме од тоа што е штетно.
Во амигдалата се сместени сеќавањата кои ги создаваат нашите стравови. Овие жлезди претставуваат сензори на позитивната и негативната емоција.
Врската помеѓу телото и умот е биолошки поврзана со нагонот за опстанок.
Кога сме под закана, нам ни преостануваат две опции – да се бориме или да бегаме. Ако се одлучиме за борба, во тој момент доаѓа до физиолошка реорганизација на целиот организам што овозможува да изградиме стратегија на себезаштита. Кога решаваме да бегаме, тоа не значи дека го прифаќаме поразот, туку се штитиме од негативната енергија и не дозволуваме афектот и нервозата да ги креираат нашите емотивни реакции. Затоа, се вели: “Изброј до 10, смири се малку, па потоа реагирај”. Доколку реагираме импулсивно и агресивно, може да предизвикаме голема штета и да создадеме конфликтни ситуации. Тоа најчесто се случува, кога ќе почувствуваме дека нашето его е повредено или кога сме под силно влијание на стресогените фактори.
Негативните емоции предизвикуваат да станеме конфликти, нервозни и деструктивни.
Многу т.н. улични тепачи афективно реагираат и се подготвени за борба, бидејќи сметаат дека некој лошо ги погледнал и сака да им наштети. Со таквите единки не треба да влегуваме во расправии, зашто тие се луѓе со краток фитил и лесно се воспалуваат и вознемируваат.
Умно постапување е кога создаваме пријателство или партнерство со позитивни и добронамерни личности. Исполнетиот и среќен поединец не пристапува со его и ниски побуди. Затоа сите сакаат да бидат во негова близина, бидејќи зрачи со позитивна енергија и придонесува за убавото расположение на другите. Доколку, пак, остваруваме релации со фрустрирани и негативни индивидуи, кои насекаде гледаат закана и непријателства, тогаш максимално ќе се исцрпиме на енергетски план и нема да се чувствуваме убаво.
Внатрешниот мир и емоционалната состојба на нашата личност ќе настрадаат, ако подолг временски период ги впиваме негативните вибрации и ги слушаме жалопојките на лицата кои константно манифестираат незадоволство од самите себе и од животот. Некои од нив можеби не се лоши луѓе и немаат намера енергетски да не исцрпат, но поради проблемите со кои се соочуваат, несвесно шират неубава, напната и фрустрирачка енергија. Постојат и лица кои се крајно себични, негативни, нестабилни и полни со емоционален отров. Доколку оствариме љубовна врска со такви поединци, може да се случи целосен колапс на нашето биополе, поради што ќе бидеме емоционално истоштени, психофизички загрозени и под константен удар на енергетскиот вампиризам.
Секогаш треба добро да размислиме кого пуштаме во својот интимен простор и со каква личност градиме љубовна блискост, пријателство или деловен однос.
Емоциите влијааат на целокупното тело, сметаат научниците од Универзитетот Алто во Финска. Кај испитаниците се забележани различни реакции во телото во зависност од емоциите кои ги имале. Љубовта и среќата предизвикале чувство на топлина, прилив на енергија и хармонија во целото тело; додека депресијата го затапила осетот во рацете, нозете и главата. Затоа, кога е во состојба на депресија, човекот е летаргичен, мрзоволен, пасивен и нема доволно енергија за реализирање на целите. Истражувањето покажало дека стравот создава силен ефект во пределот на градниот кош и срцето, а гневот предизвикува зголемена активност (гестикулација) на рацете.
Целта на истражувањето е да докаже дека емоциите имаат силно влијание врз телото и дека можеби “процесот на размислување не започнува од мозокот, туку од срцето”, како што своевремено сметале древните Египќани и Семити.
Како и да е, едно е сигурно – постои тесна поврзаност помеѓу нашите мисли и нашите емоции. Ние самите ги бираме стравовите, се определуваме за радоста или тагата, се насочуваме кон позитивната или негативната енергија. Гневот, стресот, напнатоста, стравот и сличните емоционални реакции потекнуваат од умот. Таквите реакции создаваат хемиски дисбаланси и прават отровни супстанци кои ја разоруваат внатрешната хармонија на телото.
Една стара индијанска изрека кажува: “Ако сакаш да знаеш какви ти биле мислите вчера, погледај ја состојбата на своето тело денес. Ако сакаш да знаеш како ќе ти изгледа телото утре, погледај какви ти се мислите денес”.
Доколку сакаме да бидеме во мир со себе, да го подобриме своето здравје, да чувствуваме убавина, хармонија и да зрачиме со благородна енергија, неопходно е да размислуваме позитивно и да иницираме емоции исполнети со мир, радост и ведрина.
Во тој контекст одат и укажувањата на Норман Винсент Пил: “Човекот кој размислува песимистички, испраќајќи ги своите негативни мисли, на негативен начин ги активира настаните околу себе и затоа ги привлекува негативните резултати. Негативните мисли се стремат кон негативни резултати, позитивните мисли – кон позитивни резултати”.
Заклучокот е дека секој од нас може да го подобри квалитетот на својот живот, но само доколку го промени менталниот став и се одлучи за позитивните мисли и емоции, бидејќи само таквиот избор создава позитивни резултати.