ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Мигот на среќата

427

Да се биде трпелив, посветен и верен на сопствените идеали претставува суштинска мудрост кон која малкумина одлучуваат да патуваат, не верувајќи во цврстите темели на вредноста и во позитивната визија на смислата. Сè во животот е процес – тој се одвива според благородниот агенс на причината и последицата, пропишана од законитоста дека ништо не е случајно, односно дека секој ќе го добие и ќе го вкуси тоа што го поседува и заслужува.

Секој човек, врз основа на своите свест и совест, го избира патот по кој ќе се движи низ животот.

Затоа, колку вложуваме толку и добиваме. Кога не работиме на сопствениот личен развој, кога премногу им се оддаваме на задоволствата на телото и не водиме сметка за исцелувањето на душата, тогаш не треба да очекуваме мирот, хармонијата и сигурноста да завладеат со внатрешната димензија на нашето битие.

Да се имаме самите себеси, да не стравуваме од тоа што го гледаме или да не се срамиме од тоа што го носиме во себе, претставува врвна среќа и главен патоказ кон остварувањето на хармонијата, смислата и на вредноста. Тогаш уживаме во мигот на сегашноста, позитивно ги градиме перспективите на иднината и не дозволуваме да влијаат врз нас негативните случувања од минатото.

Од друга страна, живеењето со случувањата од минатото и оживувањето на сликите, кои некогаш го осветлувале или го затемнувале нашето битие, е знак дека не сме подготвени да одиме напред и да ги почувствуваме позитивните вибрации на животот. Сè додека не се ослободиме од чувството на безвредност, од лутината, стравот, срамот, сомнежот во себе и од наметнатото чувство на вина, блесокот на изгрејсонцето нема да буди надеж, туку ќе биде копнежлив сон, кој ја оддалечува визијата од стварноста.

Стравот и грижата никогаш не може да ни ги решат утрешните проблеми, единствено може да ни го одземат денешниот мир.

Нашите мисли може да содржат жалење поради ситуации што се случувале во минатото, тага поради неуспешна врска, немир поради неуспех во работата, разочарување поради губење на блиска личност или бројни други нешта. Колку и да бегаме и да ги потиснуваме, сеќавањата и чувствата околу овие нешта и понатаму се дел од нашиот живот, било да се присутни во умот било да се оставени во потсвеста. Можеби се скриени од нас, но и понатаму се доволно моќни да предизвикаат хаос, немир, фрустрација и конфузија во нашиот живот. Сè додека не ги препознаеме и не се соочиме со нив на директен и здрав начин, тие ќе продолжат да се појавуваат низ разни уништувачки состојби.

Најважно е да научиме нешто корисно од неволјите и од неуспесите, да ги заборавиме и потоа храбро и позитивно да тргнеме по нашиот животен пат.

Како што најтемниот час е оној што доаѓа пред изгревот на сонцето така и среќата е најсветлосниот миг што доаѓа по победата во борбата.

Кога постојано водиме борба со животот и со другите луѓе, неизбежно ја црпиме својата сила и не успеваме да ги пронајдеме нишките што нè поврзуваат со мирот во душата и позитивниот импулс на смислата. Затоа, наместо да се вртиме кон надвор и да бегаме од празнотијата во душата, барајќи го спасот од безвредното и ништожното, многу подобро е да се свртиме кон внатре и да почнеме да ја водиме борбата со самите себе и со наметнатите уверувања на безвредност, срам, страв и вина.

Да се биде во борба со другите претставува погрешно потрошено време, а да се работи на себе значи будење на свесноста, надежта и волјата дека не само што ќе ни биде добро во мигот на сегашноста туку и дека со секој нареден ден ќе ни станува уште подобро.

Кога сме трпеливи, посветени и верни на сопствените идеали, тогаш даваме можност  времето да работи за нас. Тоа не значи дека треба да бидеме пасивни, дистанцирани и рамнодушни, туку духовно активни и храбро насочени кон остварувањето на целите. Клучот е да не дозволиме времето да тргне по нас, туку ние да тргнеме кон него и да не оставиме тоа да пресуди дали и колку ќе бидеме среќни, задоволни и исполнети во текот на иднината. Времето постои во мигот на сегашноста и тоа секогаш е такво какво што го создаваме со нашите мисли, зборови и постапки.

Мигот на сегашноста никогаш не му е непријател на човекот што се определил да учи од искуствата, активно ја бара смислата и трпеливо работи на подигнување на личноста.

Да препуштиме времето што поминало и времето што сè уште не пристигнало да го креираат нашиот живот, значи дека ништо не сме научиле од животот и дека ќе мора многу да работиме за да го елиминираме стравот од мигот на сегашноста. И наместо да стравуваме од мигот на сегашноста, треба да размислуваме за силата на вечноста, која опстојува сè додека постоиме и ние.

Животот е низа од непрекинати мигови, кога ќе нè нема нас, тогаш и мигот и вечноста ќе ја загубат смислата на своето постоење.

Затоа, секој миг од животот треба да го сметаме за драгоцен, неповторлив и вреден за живеење. Тоа што можеме да го направиме денес, не треба да го оставаме за утре, зашто секое денес е шанса да се започне нов живот и можност за раѓање некој нов, уште поскапоцен миг.

Што треба да направиме за да го оживееме мигот на сегашноста и за да го оплодиме со смисла, вредност и со убавина?

Треба да ги вметнеме во својата свест поуките што ги предочил писателот Ог Мандино како духовен излез од негативните вибрации на минатото.

Ниеден миг нема да потрошам залудо во оплакување на вчерашната лоша среќа, на вчерашниот пораз, на вчерашната длабока болка зашто: зошто да го отфрлам доброто по лошото? Можам ли да ги оживам вчерашните грешки и да ги исправам? Можам ли да ги вратам вчерашните рани и да ги излекувам? Можам ли да станам помлад од вчера? Можам ли да ги отповикам злото што е изговорено, ударите и болката што се зададени? Не. Вчерашниот ден е закопан засекогаш и повеќе нема да размислувам за него. Ќе го живеам овој ден како да ми е последен.

Пријатните искуства го прават животот убав и опуштен, болните искуства прават тој да се зацврстува, развива и да се усовршува. Страдањето ни укажува на нашите болни точки, каде уште треба да растеме и да се развиваме, исто како што физичката болка ни укажува кој дел од нашиот организам е заболен и дека мора да го исцелуваме.

Мирот, смислата и вредноста ќе ги постигнеме доколку го поздравиме мигот на сегашноста со љубов, вера и со надеж во срцето.

Како, според зборовите на Ог Мандино, ќе го постигнеме тоа?

Ќе го сакам сонцето зашто тоа ги топли моите коски; сепак, ќе го сакам и дождот зашто тој ми ја прочистува душата. Ќе ја сакам светлината зашто таа ми го покажува патот; сепак, ќе ја сакам и темнината зашто таа ми ги покажува ѕвездите. Ќе ѝ посакам добредојде на среќата зашто таа ми ја проширува душата; сепак, ќе ја поднесувам и тагата зашто таа ми ја отвора душата. Ќе ги прифаќам наградите зашто сум ги заслужил; сепак, ќе ги пречекувам со добредојде пречките зашто тие се предизвик за мене.

Суштината е во смислата и во мудроста на постоењето. Тие категории на животот, пак, не се ништо друго освен спремност на душата, способност, да може да се почувствува и да се вдише секој нов миг, секоја мисла за единството и непрекинатиот низ случувања, кои имаат цел да нè научат и да нè поттикнат вистински да го осознаеме и да го осмислиме нашето живеење.