ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Лекување со бои

236


Во тибетанската медицина менталните и емоционални неспокојства отсекогаш се сметани за причинители на многу болести, вклучувајќи го и ракот. Вознемирувачките емоции се првиот извор на неморално однесување. Тие се и основа за неспокојство, депресија, конфузија, стрес и негативно расположение.

Со цел емоционалната состојба на нашата личност да стане позитивна и опфатена со мир и хармонија, добро е да имаме на ум дека и перцепцијата на боите игра улога врз нашето расположение. Докажано е дека боите на многу начини влијаат врз емоционалната состојба на човекот. Некои истражувачи утврдиле дека боите влијаат врз човековата концентрација, врз неговото физичко и ментално здравје, а постојат докази и дека бојата може да биде од голема полза и за хармонизирање на духовната состојба на луѓето.

Лековитата моќ на боите е позната скоро во сите стари источни култури. Хромотерапијата веќе неколку илјади години се користи во ајурведската медицина (традиционална индиска наука за здравјето). Некои од древните култури, вклучувајќи ја египетската, индиската и кинеската, практикувале хромотерапија, односно ги користеле боите во исцелителни цели. Хромотерапијата и денес се користи како холистички и алтернативен медицински третман.

Во овој текст ќе објасниме што омилените бои зборуваат за нас и како спектарот на боите може да помогне во воспоставување добро здравје, мир и хармонија?

Боите најчесто ги бираме потсвесно, во склад со својата личност и расположение. Се работи за моќна алатка која може максимално да го избалансира нашиот организам. Според ајурведата, основните бои на светлосниот спектар се поврзани со седум енергетски центри (чакри). Тие се распоредени по должината на рбетниот столб. Бидејќи енергетскиот дисбаланс помеѓу чакрите е причина за повеќе заболувања, боите се користат за воспоставување рамнотежа и за враќање на виталноста на организмот.

Црвената боја се поврзува со првата чакра, која го контролира рбетниот столб, колковите и нозете. Се смета дека донесува топлина и виталност, па поради тоа е корисна за обновување на енергијата. Истражувањата покажале дека црвената боја може да поттикне силни физички и емоционални реакции. Гледањето црвена боја го забрзува пулсот, го подига крвниот притисок, предизвикува лачење на адреналинот и длабоко дишење. Може да иницира главоболка, затоа не е погодна за емоционално нестабилните личности кои брзо се лутат. Дејствата и се повеќекратни, зашто црвената ги стимулира сетилата и ја поттикнува сексуалноста. Таа е одлично дополнување во лекувањето на срцевите заболувања, анемијата, кожните болести, лошата циркулација, недостатокот на апетит и импотенцијата. Хромотерапијата не смее да се користи со црвена боја во третманите на ракот, зашто поттикнува умножување на клетките. Понекогаш може да делува престимулативно и да генерира гнев. Црвената боја се употребува кога треба да сугерираме брзина, самодоверба и призвук на ризик. Во негативна конотација асоцира на лутина, непријатна битка или криење на вистината. Се поврзува со љубовта, топлината, возбудувањето и страста. Ако ја сакате црвената боја, тоа значи дека живеете со полна пареа, поседувате моќна енергија, наклонети сте на ризици и импулсивни реакции. Максимално сте друштвени, добронамерни и срдечни, но тежнеете кон доминација и не поднесувате суетни луѓе и лажни вредности. Аверзијата кон црвената укажува на скриени стравови, малодушност, несигурност и емоционално студенило. Во астрологијата под нејзино влијание се зодијачките знаци Овен, Бик и Скорпија, која ја претпочита темноцрвената боја.

Портокаловата боја нема смирувачко влијание врз расположението на човекот, но е силно поврзана со амбициите и новите фази на животот. Таа е енергетска и стимулативна боја, која ги поттикнува емоциите, размислувањето и апетитот. Во терапијата со бои се користи за лекување на белите дробови и за зголемување на нивото на енергија. Владее со втората, сакрална чакра, која ги контролира бубрезите, мочниот систем и репродуктивните органи. Портокаловата е корисна и во терапија на штитната жлезда, дијабетисот, пореметувањето на циркулацијата, акните, како и кај депресијата. Освен тоа, ја подобрува лактацијата, ја намалува напнатоста, го стимулира креативното мислење и буди ентузијазам. Ако ја сакате портокаловата боја: Имате силна волја, дружељубиви сте и чувствителни. Манифестирате оптимизам, рационалност и веселост, не се откажувате лесно од своите цели и вложувате во духовните вредности. Исто така, обожувате да бидете во центарот на вниманието и да придонесувате за напредокот на заедницата. Одбојноста кон портокаловата може да укаже на потиснување на емоциите, сексуалноста и преголема оддаденост на хедонизмот и материјализмот. Во астрологијата се поврзува со зодијачките знаци Лав, Близнаци и Овен.

Жолтата боја е боја на сонцето, светлината, надежта и оптимизмот. Таа поттикнува будност, концентрација и симболизира мудрост. Хромотерапијата, оваа боја ја поврзува со третата чакра – соларниот плексус. Жолтата директно влијае на органите за варење (желудникот, панкреасот, црниот дроб, жолчната ќеса), го прочистува телото и го подига крвниот притисок. Одлично го дополнува лекувањето на болките во мускулите, каменот во жолчката, заболувањето на желудникот, астмата, ограните за дишење и недостатокот на апетит. Жолтата е најтешка боја за човечкото око која мозокот треба да ја дешифрира, па е забележено дека премногу жолта боја предизвикува мачнина и главоболка. Изложеноста на жолта боја може да поттикне ментална активност и да ја зголеми енергијата, но и да предизвика анксиозност, фрустрација и нетрпеливост. Иако се смета за весела боја, опкруженоста со жолта боја може да доведе до гневни реакции, а воочено е и дека бебињата поинтензивно плачат во простории во кои преовладува жолтата боја. Ако ја претпочитате жолтата поседувате силна интуиција, моќна харизма и развиена самосвест. Сакате другите да ви се воодушевуваат, манифестирате оптимизам, независност, мегаломанија, отвореност и недоследност. Ве привлекува се што е ново и необично. Одбојноста кон жолтата боја укажува на љубомора, емотивни разочарувања, огорченост, склоност кон рационализација на емоциите и површни врски. Жолтата боја најсилно влијае врз Лавот и Овенот.

Зелената боја значи живот, плодност, обновување, растење. Зелената детелина со 4 листа е симбол на добрата среќа. Се употребува за да сугерира баланс, природа, мир и здравје. За зелената боја хромотерапијата ни го потврдува следното: Кореспондира со четвртата чакра, така што се поврзува со срцето, белите дробови и тимусот. Има позитивно дејство во случај на кардиоваскуларни и малигни заболувања, цревни паразити, бронхитис, фистули и црвенило на очите. Помага во надминување на стравот од интимни односи, недоверба, љубомора и несигурност, поттикнува простување и буди емоции, сочувствителност и дружељубивост. Има смирувачко влијание врз умот и телото. Се верува дека зелената боја врши позитивно влијание на ослободување од стресот, а утврдено е дека лицата кои работат опкружени со оваа боја поретко имаат болки во стомакот. Во однос на црвената, зелената боја има спротивни ефекти: го симнува крвниот притисок, го смирува нервниот систем и мигрената, воспоставува лична рамнотежа, ја ублажува исцрпеноста и несоницата и ги шири капиларите. Лицата кои ја обожуваат зелената боја се упорни, вредни, прецизни и подготвени да се жртвуваат за напредокот на семејството. Им се допаѓа улогата на водач, сакаат да даваат наредби и да го организираат туѓиот живот, поради што често влегуваат во конфликти. Личностите кои се иритираат од зелената боја имаат потреба за самостојност и постојан развој. Негативните конотации се поврзуваат со незрелост, ароганција, љубомора и лутина. Под влијание на зелената се Бикот, Ракот, Девицата, Стрелецот, како и Скорпијата, која владее со темнозелената боја.

Сината боја е смирувачка, иако може да создаде и депресија, тага и повлеченост. Физиолошки придонеси на сината боја се: Го смирува срцевиот пулс, го успорува ритамот на дишење, поттикнува умни активност, себеанализа, сталоженост – за неа се кажува дека е боја на мирот и одморот. Хромотерапијата, сината боја ја поврзува со петтата чакра. Таа се однесува на грлото, а влијае и на белите дробови, ушите, устата, рацете. Едвин Бабит, во својата студија “Принципи на боите и светлината”, ја нарекол најсилен анестетик. Се користи во терапија на висок крвен притисок, хронична болка, мигрена, воспаление на грлото, хемороиди, грозница, несоница, анксиозност и иритација на кожата. Донесува мир, дава чувство на сигурност и урамнотеженост. Го подобрува вербалното изразување и комуникацијата, го стимулира уметничкиот израз, возвишеноста и ја зајакнува волјата. Ако ја сакате сината боја, тоа значи дека имате копнеж кон мир и топлина и наклонетост на самоанализа и фантазија. Тежнеете кон рамнотежа и хармонија, поседувате сочувствителност, но тешко го поднесувате неуспехот, кој лесно може да ве одведе во депресија. Личностите кои немаат афинитет кон сината боја се мошне организирани, дисциплинирани, вредни, не трпат авторитети и ограничувања. Сината е една од најпопуларните бои. Според резултатите од повеќе анкетни истражувања, извршени на Универзитетот во Дарам, третина од испитаниците ја избрале сината, потоа црвената, додека најмалку посакувани биле жолтата и црната боја. Во астрологијата сината боја владее со зодијачките знаци Риби, Водолија, Вага, а Ракот повеќе и е наклонет на светлосината боја.

Индиго бојата го подобрува видот и ја поттикнува интуицијата. Шестата чакра, чиј симбол е оваа боја, сместена е на средината на челото, а се поврзува со очите и долниот дел од главата. Индигото го јакне имунитетот и лимфниот систем, го подобрува видот, ја продвижува интуицијата и поттикнува идеи. Доколку ја сакате индиго бојата: Полни сте со разбирање, лесно простувате, но често сте нерешителни и подложни на туѓи влијанија. Тежнеете кон сигурност и хармонија, битно ви е мислењето на околината, а голем дел од енергијата ја насочувате кон партнерот и децата. Лицата кои не ја сакаат оваа боја се конзервативни, напнати, несигурни и премногу свртени кон статусот и кариерата. Јарецот и Водолијата се поврзани со индиго бојата.

Виолетовата боја го стимулира помнењето, креативноста и духовноста. Поврзана е со 7 крунска чакра, сместена на врвот од главата. Благотворно влијание има во случај на душевни болести, стрес и расеаност. Помага во лекување на меланхолија, алкохолизам и болести на зависност. Притоа, поттикнува хармонија, интуиција, мудрост, моќ и ментална сила. Оваа боја треба да се користи во умерени количини, зашто може да предизвика депресивни мисли кај лица кои се наклонети на такви состојби. Доколку ја сакате виолетовата боја, по природа сте емотивни, имате високи идеали и понекогаш чувствувате потреба да побегнете во светот на соништата и фантазиите. Лицата кои имаат отпор кон оваа боја, манифестираат незрелост и веруваат само во тоа што го гледаат. Во астрологијата е поврзана со Вагата, Рибите и Водолијата.

Розевата има релаксирачко дејство, па е користена во затворите како начин за смирување на затворениците. Се доживува како женска боја или боја на послабиот пол, зашто означува нежни чувства. Симболизира љубов, идеализам и емоции. Лицата кои ја претпочитаат розевата се романтични, шармантни, префинети, култивирани, нежни, ранливи и подложни на променливо расположение. Ракот и Рибите се под влијание на оваа боја.

За сивата боја се смета дека има мало или никакво психолошко влијание врз емоционалната состојба на човекот. Можеме да ја поврземе со самодовербата, упорноста, зрелоста, конзервативноста, сталоженоста, монотонијата и самостојноста. Укажува на недостаток на виталност, што може да предизвика депресивни состојби. Исто како и црната, сивата се поврзува со формалноста и жалењето. Лицата кои ја сакаат сивата боја се рационални, зрели, сериозни, доследни, емоционално студени и здодевни. Во астрологијата се поврзува со Јарецот, Бикот и Девицата.

Црната боја е асоцијација на конзервативност, сериозност и конвенционалност, но и на мистичност, сексипил и софистицираност. Се поврзува со несреќата, сексуалноста и префинетоста. Позитивната страна на оваа боја е што буди моќ на трансформација и регенерација (опоравување во кризни ситуации), посебно кај поединци кои поседуваат високо ниво на самосвест и духовност. Опседнатоста со црната боја може да предизвика депресивни мисли, недостаток на мир, волја и негативен пристап кон искушенијата на животот. Во астрологијата е сродна со зодијачките знаци Скорпија и Јарец.

Кафената има силна врска со природата и земјата. Поврзана е со топлината и удобноста, така што придонесува луѓето да се чувствуваат пријатно и сигурно. Во астрологијата владее со Бикот и Девицата. Белата боја овозможува да се чувствуваме чисти, невини и смирени. Таа е боја на позитивната енергија, слободата и емоционалната поврзаност. Кога е присутна во големи количини може да предизвика главоболка или заслепување. Под нејзино влијание се Стрелецот, Ракот и Девицата.

Заклучокот е дека боите играат значајна улога во човековиот живот, бидејќи непосредно влијаат врз неговите емоции и расположение. Но, од човекот зависи како ќе се постави кон нештата во себе и околу себе и дали ќе одлучи боите на радоста, мирот и хармонијата да го одведат кон позитивното расположение и поубавата страна на животот.