Позитивниот пристап кон перспективите на животот е клучен за реализација на целите и за подобрување на состојбата во која се наоѓаме. Надежта дека ќе биде подобро, надополнета со очекувањата за посреќни мигови исполнети со мир, здравје, љубов и со хармонија, никогаш не треба да нè напушти.
Без оглед на тешкотиите, борбите и неизвесноста, човекот ја поседува способноста да ги менува нештата и да создава подобри услови за среќно и хармонично живеење. За да го постигне тоа, неопходно е да верува во сопствените вредности и да ја негува надежта дека ќе му биде наклонета судбината и дека Бог ќе му помогне да се избави од проблемите. Во Библијата пишува: „Според вашата вера ќе бидете наградени”, односно „чукни за да ти се отвори, побарај за да најдеш, посакај за да ти се даде“. Асоцијацијата е дека колку ќе се потрудиме толку и ќе постигнеме, но колку повеќе придонесуваме и веруваме во силата на доброто толку поретко ќе бидеме во допир со лошото и под влијание на негативните вибрации на околината. Секогаш треба да ја имаме на ум максимата забележана во многу религиозни списи: „Прави добро и ќе бидеш награден со добро, тргај се од зло за да не те стигне лошото“.
Оптимистичкото размислување и желбата да биде подобро не се доволни за да ги придвижиме нештата кон афирмативната патека на животот. Клучот на успехот се наоѓа во преиспитувањето на погрешните постапки, конечното расчистување со негативните лица и ситуации од минатото и во позитивната фокусираност кон предизвиците на иднината. Кога веруваме, зборуваме и дејствуваме во насока на доброто, тогаш нема да имаме време и енергија за да се окупираме со лошото, туку ќе ја насочиме целата своја сила да станеме посреќен, поуспешен и подобар човек.
Психолошкото значење на новата година е во тоа што отвора можност да се соочиме со самите себеси и да размислиме што сме направиле; кон какви вредности се движиме; во каква состојба се наоѓаме и што треба да постигнеме. Самокритичноста и преземањето одговорност за мигот на сегашноста е знак дека сме ја сфатиле лекцијата и дека сме подготвени за нови поубави и посреќни мигови во животот.
Што треба да поставиме како цел во новата година?
Да научиме повеќе да се опуштиме; да се детоксицираме од негативните вибрации на околината; да живееме со цел и смисла; да работиме на подигнување на свеста; да сфатиме дека ништо не е поважно од мирот во сопствената душа; да бидеме искрени пред самите себе, но и да не се товариме со нештата што не сме ги направиле; да вложуваме во љубовта, зашто само љубовта може да создаде љубов; да го симнеме психолошкиот јарем што самите на себе сме си го поставиле со ставот дека сме помалку вредни од другите; да не стравуваме од промени; да немаме отпор за нешто ново и интересно во животот; да го јакнеме својот дух; да не ги уништуваме моралот и достоинството на личноста; да ги избегнуваме завидливите и негативните луѓе, кои постојано сакаат да нè обвинуваат и критикуваат; да не дозволиме ниските страсти да го завладеат нашето тело и да разбереме дека верата, вербата и духовноста се спас за душата.
Нема човек што не се надева дека ќе биде подобро. Оптимизмот, визијата и иницијативноста се клучни за постигнување успех, како и решеноста да ги оставиме зад себе неубавите искуства и лошите настани од минатото. Вербата во сопствените потенцијали и уверувањето дека „ништо не може да ме спречи да го дадам најдоброто од себе и да го остварам тоа што го сакам”, треба да бидат нашата идеја водилка во секоја нова година.
„Среќен е човекот што може да избира”, па зошто, со почетокот на секоја нова година, да не ги избереме мирот во душата, уживањето во мигот на сегашноста, импулсот на љубовта, силниот карактер и патот кон доброто?
Кога ќе разбереме дека патот кон среќата, хармонијата и кон убавината секогаш почнува од љубовта кон себе и од позитивниот однос кон сопствените вредности, тогаш и Бог ќе ни помогне со милоста своја и ќе нè награди за афирмативниот пристап кон нештата. Во Светата книга е запишано: „Сакај ги другите така како што се сакаш самиот себе”. Тоа значи дека сѐ зависи од емпатијата што ја поседува човекот, од нивото на неговата свест и од изборот што го прави во животот – тој е творец на љубовта, среќата и добрината или на омразата, злото и несреќата. „Сакајте се помеѓу себе и бидете семе од кое ќе никнат најубавите плодови на радоста, вистината и среќата” е лозунгот на сите религии, кои ги учат луѓето да се натпреваруваат во добрина и да споделуваат љубов, хармонија и убавина.
Патот кон позитивните вибрации почнува откако нема да ја насочуваме својата свест кон неубавите нешта од минатото, престанеме да им се докажуваме на негативците и се дистанцираме од завидливите.
Ние сме владетели на сопствениот живот и време е да го направиме тоа што е најдобро за нашата личност. Опушти се и креирај среќна судбина!
Среќата е ќерка на духот, а мирот во душата е сестра на совеста, чесноста и на искреноста. Кога сме во мир со себе, задоволни од тоа што сме, позитивно фокусирани кон тоа што треба да биде и определени за светлата страна на животот, тогаш среќата нема да биде сон, туку светлина што ја грее душата и ја буди радоста.
Време е да ја промениме навиката првично да го забележуваме лошото, а потоа да го бараме доброто. Зошто да се лепиме за темнината кога можеме да уживаме во светлината? Нека светлината на нашиот дух биде никулецот на промената што ќе го развие цветот во душата, создавајќи го новиот концепт во животот креиран од вербата, љубовта и од позитивноста. Народната мудрост кажува дека каков што е човекот – такви му се пријателите. Тоа значи, каков однос градиме кон самите себе, такви ќе ни бидат и релациите со другите личности. Кога самите за себе ќе станеме љубов, среќа и хармонија, тогаш ќе привлекуваме луѓе што поседуваат и споделуваат љубов, среќа и хармонија.
Лошото треба да го оставиме зад себе, да не размислуваме за тоа што било и како требало да биде, туку да ја насочиме целата своја сила кон мигот на сегашноста, стремејќи се кон перспективите на иднината.
Новата година ветува многу повеќе радост, мир и хармонија. Да ја пречекаме со насмевка и со чувство дека ќе стане многу подобра од претходната. Затоа да си ветиме самите на себе дека вредиме, можеме и ќе бидеме опфатени од среќата и исполнети со ведрина, душевна убавина и со позитивна енергија.
Мудриот човек не чека судбината да му создаде услови за среќа, напредок и за хармонија, туку тој самиот го трасира патот и ги пронаоѓа решенијата за реализација на целите. Заклучокот е да не размислуваме за неубавите нешта доживеани во минатото, време е да се радуваме, да уживаме и да им се препуштиме на прекрасните мигови споделени со своите сакани, токму во пресрет на новогодишните и на божиќните празници, кои најдобро сведочат дека љубовта е секогаш посилна од омразата, светлината помоќна од темнината, а вистината победник над лагата.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)