Живееме во време на изгубени морални вредности, на алчност, на неодговорност, на негативизам и на отсуство на срам. Голем број од луѓето се отуѓени, фрустрирани и незадоволни од самите себе. За жал, духовната воздигнатост и високата свест се минимално присутни. |
Во животот најважно е да постигнеме внатрешен мир, себеспознание и реализирање на сопствените потенцијали и вредности. Остварувањето внатрешна хармонија воопшто не е лесен и едноставен процес. За да се постигне мир со себе, неопходно е да се вложува во позитивните потенцијали на личноста. Постојат пет категории кои најдобро го прикажуваат нивото на личниот развој, самовредноста или, пак, карактерната слабост на поединецот. Првата категорија е поврзана со нагонот (страста), инстинктот на личноста; втората категорија се однесува на емоцијата; третата категорија е поврзана со умот или рационалната согледба; четвртата категорија е духот и петтата категорија е душата.
Секој треба да преиспита дали на позитивен начин управува со потенцијалите на нагонот, емоциите, умот, духот и душата. Клучот е во подигнување на нивото на себеразвојот и во постигнувањето хомеостаза, односно внатрешна балансираност и хармонизираност на духовен, ментален, емоционален и физички план.
Емоционалната ранливост за сè и сешто, неводењето сметка за телото, умот и душата, подложноста на стресот и константните енергетски атаци од надворешната околина, се едни од најголемите причини за слабеењето на нашето биополе и за појавата на разните болести. За да постигнеме здрав, исполнет и среќен живот се препорачува да водиме сметка за психофизичката балансираност на сопствениот организам. Со нарушување на биополето, стануваме подложни на стресот и лесна мета на негативните вибрации, кои пред сè, ги напаѓаат лицата кои се духовно слаби, емоционално ранливи и без механизми за себезаштита.
Нагонот или страста се исклучително битни за саморазвојот на човекот. Во здраво тело, здрав дух. Оваа изрека била главен лозунг во античкиот период. Тоа подразбирало вложување во личниот развој и креирање здрава рамнотежа помеѓу духот и телото.
Доколку во нашиот живот недостига страст, енергија, импулс, волја и визија, дали ќе може да се надеваме на успех и позитивни постигнувања? Познато е дека најголем впечаток оставаат ораторите што зборуваат со силна страст, емоционална внесеност, флуид и енергија. Треба да имаме страст кон животот и постојано да се стремиме кон подобрување и себевоздигнување. Сепак, некои лица поседуваат ниско ниво на страст, тие се млитави и не зрачат со витална енергија. Но, постојат и индивидуи кои зрачат со силна аура и претставуваат пример за внатрешна хармонизираност и за духовна воздигнатост.
Како позитивна појава на духовна посветеност ќе ги истакнеме источнохристијанските монаси – исихасти. Тие имале за цел преку молчење, самување и аскетизам да се доближат до Бога и да постигнат голем внатрешен мир. Исихастите зрачеле со силна страст насочена кон Бога, со смиреност на духот, со енергија, со визија и со потреба да се поврзат со божествената светлина. Тие не биле ориентирани кон телесните страсти, туку кон духовните страсти. Постои голема разлика помеѓу психофизичката енергија на поединецот што поседува духовна страст, позитивен дух, афирмативна волја и насоченост кон општото добро, наспроти поединецот што им робува на ниските страсти, на развратот, на алкохолот, на алчноста, на егото и на разните перверзии на духот и телото.
Одредени истражувачи сметаат дека опсесивната насоченост кон блуд, прељуби и неморал се одлика на духовно сиромашните и површни поединци. Немајќи високо ниво на свест, емпатија и етички капацитет (внатрешен спокој), овие лица се оддават на разни безумни постапки поврзани со ниски страсти и егоистички побуди. За разлика од нив, духовно воздигнатиот поединец афирмативно дејствува и избегнува да ги троши своето време и својата енергија на површни нешта.
Промискуитетот (често менување на сексуални партнери), подложноста на ниски страсти, прељуби и неверства се показател за незрело и неразумно однесување. За таквите поединци најважни се задоволствата на телото и гениталната љубов.
Живееме во време на изгубени морални вредности, на алчност, на неодговорност, на негативизам и на отсуство на срам. Голем број од луѓето се отуѓени, фрустрирани и незадоволни од самите себе. За жал, духовната воздигнатост и високата свест се минимално присутни. Површноста, заглупувањето и оддавањето на разни зависности поврзани со коцка, алкохол, храна, предмети, разврат, промискуитет и ниски побуди сѐ повеќе се на сцена. Преку оддавање на минливи задоволства и нездрави навики, некои поединци се обидуваат да побегнат од чувството на отуѓеност и од внатрешната празнотија. Таквата ориентација создава уште поголемо себеразјадување и дисхармонизирање на личноста. Овие лица треба да се подигнат над сопствените слабости и да не дозволат ниската страст да го завладее нивното битие.
Дали воопшто може да избегаме од самите себе и од одговорноста за сопствените лоши и неморални постапки?
Никој не може да избега од соочувањето со самиот себе. Тука има две категории. Првата категорија е совеста. Совеста не можеш да ја излажеш за она што си го направил. За да ја подлажеш совеста ги рационализираш постапките (се убедуваш себеси дека ништо лошо не си направил). Како форми на рационализација ќе ги наведеме следните размисли: живеј брзо и не размислувај премногу за иднината; животот поминува, зграпчи го мигот; не вреди да бидеш морален, чесен, одговорен; страста е најважна, прифати го искушението; шансата треба да се искористи и да се вкуси од „забранетото овошје“.
Втората категорија е поврзана со законот на отпорот и негацијата. Тој предизвикува критички пристап кон нештата: не е добар партнерот, не ми дава доволно љубов, не ми посветува внимание итн. Постојаното поплакување ѝ овозможува на неморалната личност да ги оправда (или потисне) своите лоши и нечесни постапки. Таквиот поединец се обидува да ја залаже совеста, но не може да ја прелаже потсвеста. Потсвеста многу добро знае што и се случува на личноста. Знае дека не е добро да се манипулираат и повредуваат другите луѓе. Во животот сè се плаќа и сè се враќа, така што еден ден сметката ќе пристигне за наплата.
Состојбата на свест на моралниот и духовно ориентиран поединец е многу поразлична, отколку на единката што поприма разни негативни енергии. За какви негативни енергии се работи? Замислете во нашиот организам да влезат разни туѓи клетки и дисхармонични енергетски вибрации. Постојаното менување сексуални партнери може да биде знак за прикриена депресија, за незадоволство од самите себе и за ниско ниво на самовредност. Кога интимниот однос не е производ на љубовта, тогаш негативната енергија доминира и создава дисхармонија и разнебитување на психофизички план. Одредени автори укажуваат дека поединците што се оддале на блуд и разни пороци, многу побрзо стареат и го губат сјајот на својата аура. Во својата научна студија, д-р ли Смит наведува дека промискуитетните лица се изложени на зголемен ризик од развој на хуман папиломавирус (ХПВ), кој се смета за клучна причина за рак на грлото на матката кај жените и неретко се поврзува со малигни заболувања на други органи во телото.
Подложноста на ниски страсти и пороци не може да создаде здравје и хармонија.
Законот на привлечноста предизвикува да го постигнеме тоа за кое размислуваме, односно „какви што сме ние, такви околности привлекуваме“. Веројатно нешто длабоко во нас не е најхармонизирано, поради што ги привлекуваме негативните вибрации или паѓаме под влијание на лоши лица и ситуации. |
Духовно воздигнатите личности кои живеат во љубов, мир и хармонија зрачат со позитивни вибрации. Сите ние сме приматели на разни енергетски вибрации. Доколку работиме или престојуваме во средина каде што постои високо ниво на бучава, врева, нервоза, тензија, тогаш какви вибрации ќе попримиме? Ќе попримиме лоша енергија и ќе живееме со негативни вибрации. Психофизичката слабост и емоционалната изместеност најчесто се производ на негативните животни околности и дисхармоничниот однос кон самите себеси. Законот на привлечноста предизвикува да го постигнеме тоа за кое размислуваме, односно „какви што сме ние, такви околности привлекуваме“. Веројатно нешто длабоко во нас не е најхармонизирано, поради што ги привлекуваме негативните вибрации или паѓаме под влијание на лоши лица и ситуации.
Суштината на постоењето е да бидеме во мир со самите себе, да изградиме хармонични односи со блиските, да создаваме креативни дела и да се движиме кон позитивната патека на животот.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)