ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Движење кон целта

28

Да се биде оптимист значи да се има силна верба, да се препознае вредност и да се пронајде смисла во сопственото постоење.

Луѓето честопати доживуваат моменти исполнети со неизвесност, тага и неспокој. Проблемот не е во тагата и неспокојот, туку во немањето цел и визија за надминување на тешкотијата.

Кога чашата на животот ќе се преполни со немир, пораз и горчина, тогаш таа неизбежно ќе претече. Не постои човек што нè чувствувал тага и не бил под удар на негативни вибрации. Незаздравените душевни лузни од минатото оставаат длабока трага во биополето на човекот. Негативните емоции што траат долго го менуваат нивото на важни хемиски соединенија во мозокот, со што се буди депресивното расположение, а резервите на енергија зголемено се исцрпуваат.

Човекот поседува вроден ген за опстанок и за напредок. Праисториските луѓе создавале разни орудија, се бореле против опасни животни, со голем труд обезбедувале храна и мигрирале од еден континент на друг, барајќи подобри услови за живеење. Историјата на човечкиот род покажува дека луѓето се отпорни, приспособливи и издржливи, бидејќи имаат способност да ги поднесат и најтешките удари на судбината.

Животните искушенија, товари и притисоци, демнат од сите страни, така што воопшто не е лесно да се постигне внатрешен мир и хармонија. Без оглед на разните ограничувачки фактори присутни во современото живеење, треба да најдеме начин да се самоисцелуваме и да опстанеме во ова време на невреме. Кога имаме проблеми на здравствен план, во работата или во меѓучовечките односи, една од можностите е да бараме решение за состојбата во која се наоѓаме. Во генот на човекот е да се справува со разните непогоди и лоши услови на егзистирање. Уште од праисторијата луѓето биле под удар на катаклизми, студ, болест, страдање, глад, уништување итн., но не престанале да бараат решение за тешките животни околности. Човекот поседува вроден ген за опстанок и за напредок. Праисториските луѓе создавале разни орудија, се бореле против опасни животни, со голем труд обезбедувале храна и мигрирале од еден континент на друг, барајќи подобри услови за живеење. Историјата на човечкиот род покажува дека луѓето се отпорни, приспособливи и издржливи, бидејќи имаат способност да ги поднесат и најтешките удари на судбината.

Потребно е да ги пробудиме своите потенцијали и храбро и посветено да се движиме кон целта. Кога сме атакувани од негативните вибрација, соочувајќи се со граничната ситуација на животот – да се биде или не, тогаш во секој човек треба да се разбуди поривот за опстанок, за победа и за живот.

Кон какво решение треба да се насочиме во период на криза, тензија и напнатост?

Најважно е да се обидеме да го детектираме изворот (причинителот) на кризата и да почнеме психофизички да се регенерираме. Како што напишал Марк Твен: „Тајната на напредувањето е во тоа да се почне“.

Кога не правиме обид за надминување на кризата и не иницираме промени, тогаш остануваме на степенот на проблемот и тешкотијата. Најчесто луѓето се ограничени од стравовите, предрасудите и менталните блокади што самите ги поставуваат пред себе. Многу од луѓето не ни тргнуваат по патот што води до остварување на нивните потенцијали затоа што се плашат од неуспех. Стравот од непознатото и ниското ниво на самодоверба, неретко се најголемите непријатели на напредокот на човекот.

Те фатила нервозата, те фатила несреќата, те фатила тагата, те фатил неуспехот, те фатило чувството дека ќе пропаднеш и затоа манифестираш малодушност и не се обидуваш да се извлечеш од кризата. Таквиот пристап нема да ти донесе подобрување, туку ќе те осуди на неуспех и на живот исполнет со маки и страдања.

Личност која вели: „Јас можам! И личноста која вели: Јас не можам! Имаат право, и тоа речиси секогаш“, потенцирал Хенри Форд. Време е да станеш личност која вели: „Ќе се отворам за новите перспективи и ќе успеам да го реализирам тоа што го сакам“.

Треба да се движиме кон целта и да се отвораме за позитивните нешта што ги гледаме и чувствуваме во своето постоење. Значи, придвижи се и види што ќе ти се отвори. Не пристапувај со песимизам и престани да размислуваш на следниот начин: не вреди да дејствувам; ништо позитивно нема да ми се отвори; немам повеќе шанси за напредок; ми отидоа годините; не вреди да љубам; никој не ме разбира итн. Со таков начин на размислување, неизбежно ќе следи стагнација или, пак, уништување на потенцијалите за напредок. Иако има случаи кога чекањето на вистинскиот миг може да биде подобро решение, сепак треба да се креираат цели и активности бидејќи ѝ најдолгиот пат започнува со првиот чекор.

Сè тече, сè се менува. На крајот сè ќе помине. Колку и да е тешко, колку и да е страшно, колку и да е напнато, со секој нов момент, со секоја нова минута, со секој нов ден емоционалната болка ќе попушти и ќе загуби дел од својот интензитет. Најлошо е кога се врзуваме за лошите емоционални искуства и сметаме дека нема основа за подобрување на состојбата. Континуираната тага може да создаде сериозни проблеми на психофизички план.

Вистинскиот верник денот го започнува со молитва и со благодарност што Бог му дал шанса за подобрување на нештата и за духовно себеосознавање.

Во животот постојат многу разочарувања, така што не треба да паднеме со духот и да престанеме да се надеваме дека ќе биде подобро. Напротив, треба да веруваме дека ќе доживееме вистинска љубов и ќе постигнеме внатрешна хармонија. Вистинската љубов ќе ни донесе нова енергија, нов поттик за создавање, за емоционално предавање и за креативно дејствување. Кога ќе ги почувствуваме импулсите на љубовта и хармонијата, треба целосно да им се предадеме.

Ако денес се чувствуваме тешко, мрачно и вознемирено, нашата визија треба да биде насочена кон денот што следи. Зошто да не веруваме дека со утрото се раѓа новата надеж и се отвора новата животна шанса. Со самото тоа што постоиме, ние сме во одредена добивка. Некои лица не се повеќе меѓу нас и тие со ништо не можат да ги променат и подобрат условите на постоењето. Вистинскиот верник денот го започнува со молитва и со благодарност што Бог му дал шанса за подобрување на нештата и за духовно себеосознавање.

Кога сме спасени од лошите нешта (нечесни лица, болест, опасност итн.), тогаш Бог или судбината имаат некој план за нашата личност. Ако било пишано да пропаднеме, тогаш нужно ќе пропадневме. Но, ако сме спасени, тогаш постои причина зашто сме спасени.

Секогаш треба да креираме решение, волја и визија. Успехот следи ако сме водени од позитивната вибрација и храбро да се насочиме кон тоа што го сакаме.

Наша најголема цел треба да бидат мирот, хармонијата и љубовта. Проблемот е ако ги трошиме своите емоции на лица кои тоа не го заслужуваат. За жал, во денешно време лицето што шири и дава безрезервна љубов, мнозина го доживуваат како наивно и мислат дека можат да го манипулираат.

Впрочем, како што напишал писателот Меша Селимовиќ: „Понекогаш и добриот човек се заморува од својата добрина. Зашто додека за сите бил добар, за себеси бил најлош“.

Мошне битно е да знаеме што да очекуваме во односот со другите луѓе. Тешкотиите можат да се појават ако не поставуваме доволно прашања и ги потиснуваме сопствените желби и потреби. Разговорот е мошне битен за надминување на отуѓеноста, предрасудите и несигурноста. Разговорот можеби ќе ги поттикне лицата што имаат страв од напуштање (неуспех) на позитивен начин да ги изразат своите емоции.

(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)