Постојаната подложност на лоши вести, политички тензии, несигурност и на неправди присутна во нашето општество, никого не може да остави рамнодушен и опуштен. Повеќедеценискиот грабеж на општествените добра, неказнивоста, нееднаквоста пред законот, катастрофалното водство од страна на политичките лидери и недостигот на етичка свест и одговорност кај големиот број високо етаблирани функционери предизвикаа народот да стане крајно несреќен, фрустриран и подложен на стрес, страв и на болести.
Таквата состојба го изнесе на површина законот на преживување, а не законот на креативно дејствување. Кога се чувствува човекот загрозено, тогаш за него не постои културно воздигнување и духовно осознавање, туку борба за опстанок и фаворизирање на максимата „Целта ги оправдува средствата“.
Стравот, незадоволството, страдањето и насилството се меѓусебно поврзани. Многумина наоѓаат уживање во бучавата, конфликтот, агресијата, во нетрпеливоста кон другите луѓе, омразата или одбивноста кон некоја посебна раса или група луѓе и во негувањето непријателски емоции кон различното. Човекот што не прибегнува кон насилство, исполнет е со радост. Таа емоција јасно се разликува од онаа произлезена од гнев, судири, непријателства и од стравови што тие агресивни пориви ги предизвикуваат. Треба да допреме до причините за насилството и чувството на загрозеност и да се ослободиме од нивното штетно влијание. Во спротивно, вечно ќе живееме во неслога, фрустрација, страв и во закана. За жал, многумина ги имаат прифатено негативизмот и конфликтите како природен дел од секојдневниот живот. Тие сметаат дека натпреварот, љубомората, себичноста, ненаситноста и агресијата се нормална форма на живеење. Ако сме подготвени да живееме на таков начин и не сакаме да видиме дека преживуваме во болно општество, тогаш нужно ќе опстојуваме според подјармувачките правила на однесување.
Егзистенцијалната борба прави луѓето да станат несигурни, нервозни, негативни и полни со гнев и фрустрација кон сé што е поразлично или што се коси со нивните сфаќања за моралот, вредноста и за вистината. И наместо јасно да ги перципираат општествените штетници и паразити, кои со децении им ја уништуваат иднината, тие го насочуваат целиот свој гнев кон послабите, кон повредување на животните, кон загадување на екосредината или кон уништување на општото добро. Како поинаку да се доживеат енормната загаденост во која живееме, негативизмот присутен на социјалните мрежи, игнорирањето на неправдите со кои се соочува нашата татковина?
Сето ова зборува за два аспекта. Првиот е дека живееме во сериозно заболено општество, а вториот е дека сме навикнати да преживуваме во држава шампион по загаден воздух, корпупција, апатија, стрес, болести и со мизерна доверба во судството. Затоа не треба да бидеме изненадени што во анкетата на „Галуп“ од 2021 година, Македонија е трета најнесреќна држава на светот. Пред нас се само Гана и Украина. Да не е толку трагично, би било смешно кога ги слушаме сите оние политичари полни со суета, лажен оптимизам и умисленост дека само што не се отвориле портите на „рајот“.
Бидејќи клучевите од „рајот“ се кај поединците и кај групациите што најмалку водат сметка за чесноста, доблеста, свеста и за совеста, сите ние треба да се преиспитаме кон што го водиме нашиот живот и колку придонесуваме да тргнат нештата кон нагорната патека на постоењето. Нема да го постигнеме искачувањето доколку продолжиме заспано да живееме, доколку очекуваме другите да ни ги решаваат проблемите или постојано да ги обвинуваме надворешните фактори за кризата во која се наоѓаме.
Едно е сигурно, колку и да бегаме од личната одговорност – таа како сенка упорно ја следи нашата личност. Човекот од сé може да избега, но не и од можноста да избира. Дури и кога мисли дека не избира, тој, всушност, избира пасивност, затвореност, скриеност или замаеност. Затоа време е да се избереме самите себе, да ги избереме добрите луѓе, да ја избереме едукацијата и, пред сé, да ја избереме сопствената татковина. Доколку дозволиме да ја разнебитуваат некадарници, поткупливи, површни, неуки и безлични поединци и групации, тогаш ниту себеси се избираме, ниту напредокот за поколенијата го избираме, ниту доброто го избираме, а најмалку ја избираме сопствената татковина. Да се има толкав отпор кон општото добро и кон напредокот на татковината, никако не може да се разбере, освен дека, можеби, се работи за синдром на самоуништување или за крајна форма на духовна неосвестеност. Како поинаку да се објасни стремежот дека другите се секогаш подобри од нашите или дека за напредок на домашните, неопходно е да нè креираат и да нè водат странци.
Едни собираат арач во името на кнезот на темнината, а други се воини на светлината што се борат во името на правдата и на вистината. Секој го дава она што го има и се определува за тоа што го носи во душата. Доколку душата е бојосана со мрачните бои на себичноста, алчноста и на негативноста, тогаш резултатот ќе биде: отсуство на доброто и манифестација на злото. Ерата на рибите и максимата на христијанството за сомилост, сочувство, за љубење на непријателот и за вртење на обрзот тотално отидоа во историјата. На сцена е поинаква животна филозофија. Егото, статусот, отсуството на срам, превласта врз другиот, материјалното, агресивноста и ниските страсти почнаа сé повеќе да се наметнуваат и да стануваат очекуван и посакуван код на однесување. Семејните вредности го загубија приматот; физичката (силиконска) убавина е поценета од мудроста; моќта стана синоним за вредност, богатството – за успешност, а многуте лајкови – за виденост. Главното прашање не е само во какво општество живееме туку и на какво човештво може да се надеваме.
Се наоѓаме на самиот почеток од ерата на водолијата, која негува сосема поразлични религиозни, филозофски и егзистенцијални концепти од оние што беа присутни во ерата на рибите. Големиот технолошки напредок, сателитизацијата, инженерството, информатичката технологија максимално го променија начинот на живот и создадоа придобивки, но продуцираат и голем страв за напредокот на човештвото. Водолијата владее со роботизацијата, радијацијата и со атомската енергија, така што без инвестиција во човековата одговорност, моралната воздигнатост и чувството за општото добро, не можеме да бидеме оптимисти во однос на глобалните случувања. Впрочем, и денес сме сведоци на огромни опасности произлезени од безумната војна, економската и енергетската криза, пандемската закана, климатските промени, бескрупулозното уништување на природата и на сé поголемиот јаз помеѓу малцинството енормни богаташи и огромното мнозинство крајно осиромашени жители на Земјата. Тоа само кажува дека технолошката еволуција го постигнува својот врв, а „еволуцијата“ на ниво на свест и морал – своето дно. Во ерата на водолијата, како сé повеќе да почнува да се оживува манихејската и богомилската теорија за вечната борба помеѓу доброто и злото. Секој ќе треба, врз основа на своите морал, свест и совест, да се определи што и кого ќе следи – патот што води кон светлината или понорот на злото и темнината.
Светските духовни традиции нудат неколку начини за развој и за засилување на позитивното дејствување. Првиот чекор е да се разбудиме и да станеме свесни за нештата што глобално ги приредуваат и ги сервираат луѓето на злото и темнината. Штом почнеме духовно да се будиме и да се дистанцираме од лошите влијанија, тогаш ќе можеме да управуваме со своите дух, ум и тело. Инаку, мрачните сили ќе загосподарат со нашата личност и во името на квазипридобивките, „спасителните“ мисии и лажните вредности, ќе го трасираат патот кон неосвестеноста, болеста, сиромаштијата и насилствата.
Кога стануваме свесни (како народ) колку вредиме, колку можеме и како да го постигнеме тоа што го можеме, тогаш нужно ќе напредуваме. Затоа треба да иницираме културна револуција – само така духот на светлината, знаењето, доблеста и верноста на должноста ќе ги надвладеат неукоста, коруптивноста, партиската книшка и подобноста креирани од кнезовите на темнината.
(авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)