ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: БИДИ ПОБЕДНИК!

288

Дали за постигнување на целите треба да бидеме подготвени да преземеме ризици, односно дали во сè треба да го бараме совршенството и да дејствуваме само откако сме стопроцентно сигурни дека ќе успееме?

Клучно е да сфатиме дека не постои совршенство и дека не треба да дозволиме проблемите и потрагата по идеалот да ги пасивизираат нашите сили и да не оддалечат од борбениот, активен и дејствителен пристап кон животот.

Кога ќе го прифатиме фактот дека проблемите се неизбежен дел од животот и значаен катализатор на напредокот, ќе престанеме опсесивно да се грижиме и ќе почнеме похрабро да им се спротивставуваме. Човекот треба да биде подготвен секогаш одново да ги докажува своите таленти и способности, да се бори против надворешните ограничувања и внатрешните кризи и да сфати дека ризиците и неизвесностите се составен дел од неговото постоење. Минатиот труд и позитивните резултати се показатели дека ќе успееме, но тие не даваат гаранција оти со сигурност ќе бидеме поефикасни и подобри од претходно.

Секоја потрага по успех и награда со себе носи ризик, зашто сè си има своја цена. Ако навистина сакаме да ги реализираме целите и да ја оствариме својата животна мисија, мораме да бидеме подготвени да го прифатиме ризикот и да платиме цена, без оглед колкава и да е. Бидејќи, како што пишува Андреј Курпатов: „Не е тешко да се обвинат сите околу нас за нашите незгоди. Меѓутоа, потребен е огромен напор себеси да си го дадеш правото на грешка, да ја пронајдеш, платиш за неа и да почнеш сè од почеток“.

Во одредени случаи, колку и да се обидуваме да се заштитиме, нема целосно да ги избегнеме опасностите и ризиците. Сепак, за многу нешта што ни се случуваат во животот и ние самите сме одговорни, бидејќи со своето однесување ги предизвикуваме и повикуваме опасните ситуации. Некој тоа го прави со невнимателно и ризично учество во сообраќајот, друг со неодговорен однос кон материјалните добра, трет со оддавање на разни зависности, некои со агресивност и конфликтност во односите со другите лица итн. Значи, и нашиот карактер ги предизвикува лошите нешта, така што без работа на себеси, многу тешко ќе успееме да се дистанцираме од ризичните и опасни ситуации.

Сè е движење, сè е вложување и едно ново раздвижување и дејствување, така што моќните сили на нашиот ум се активираат само кога се стимулирани од јасно дефиниран мотив. Затоа, ако го правиме она што отсекогаш сме го правеле, нема ништо конкретно да промениме, туку ќе го добиеме она што отсекогаш сме го добивале.

Само со фанатична работа, професионализам, волја, работни навики и верба во сопствените вредности може да се стане победник.

„Талентот го респектирав до 16 години, потоа се ориентирав кон макотрпната работа. Навечер ќе го земам клучот, ќе ја отворам вратата од салата и ќе тренирам. Чистачката и јас. Таа си го работи своето, јас своето. Никогаш не сум го пропуштил утринскиот тренинг. Никогаш. Ќе ја земам топката и ќе уфрлам 500 или повеќе кошеви. Ги поставувам столовите и дриблам. И така со часови. И уживам!“. Ова се зборови на славниот хрватски и југословенски кошаркар Дражен Петровиќ, кој и покрај вонсерискиот талент, бил максимално вреден и фанатично посветен на својата определба да создаде врвни спортски резултати. Уште тогаш, стручњаците му предвиделе брилијантна кариера, бидејќи забележале дека и на рана возраст (на 15 години станал член на сениорскиот тим на Шибенка), бил подготвен да ја преземе целата одговорност за својата екипа, па дури и ако е потребно, самиот да го реши натпреварот. Најголемиот кошаркар на сите времиња Мајкл Џордан за Дражен Петровиќ има кажано: „Уживав да играм против Дражен. Беше голем играч. Не се плашеше, беше борбен, концентриран и со голема самодоверба. Нашите двобои секогаш беа возбудливи и крајно неизвесни. Без страв се впушти во НБА предизвикот и на останатите Европејци им покажа како можат да успеат“. Дражен Петровиќ успеа да изгради одлична кариера, зашто веруваше во себеси, упорно работеше и не се откажуваше кога нештата не се одвиваа како што посакуваше.

Тој покажа дека кога правиш нешто во кое уживаш, не е важно колку напорна може да биде таа професија: нема да бидеш исцрпен, туку радосен и мотивиран за работата. Но, без оглед на неговата голема талентираност, дисциплинираност и посветеност на кошарката, и Дражен се соочувал со проблеми, неуспех и застој во кариерата. Поради политиката на клубот и недоразбирањата со тренерот, првите две сезони во НБА лигата, ги преседел на клупа и многу малку влегувал во игра. Според зборовите на Клајд Дрекслер (еден од најдобрите НБА играчи на своето време и соиграч на Дражен Петровиќ во Портланд): „Додека Дражен го празнеше шкафот, знаејќи дека си оди од Портланд, неконтролирано плачеше. Никој не можеше да го утеши. Цврсто го гушнав и му реков: „Портланд греши. Но, ова е нешто најдобро што можеше да ти се случи. Ова е твоја голема шанса. На сите ќе им докажеш колку вредиш. Колку си голем. Верувај ми!“. И навистина, неверојатната работливост и желба за успех, вродиле со плод, како и неговата верба во законот на позитивната вибрација, кој обезбедува „кога една врата ќе се затвори, друга да се отвори“. Во својот нов клуб Њу Џерси Нетс, Дражен Петровиќ го покажа целиот раскош на својот талент и на крајот од втората сезона, избран е помеѓу петнаесетте најдобри кошаркари на светот. Тој остана запаметен и како најуспешен европски кошаркар на сите времиња и како еден од најзначајните европски кошаркари што настапувале во НБА лигата.

Оваа животна приказна нè подучува дека треба максимално да се биде истраен, ангажиран и да не се потклекнува пред искушенијата, односно да се биде малодушен и исплашен за својата иднина кога нештата нема да се одвиваат како што посакуваме.

Поуката е дека големиот талент, бара уште поголем труд, силна волја и карактер, многу откажувања и целосна посветеност кон тоа што се работи. Затоа, кога ќе го откриеме својот дар и цел, тогаш треба да разбереме дека најголемиот ризик е да не ризикуваме.

Како што наведува Норман Винсент Пил: „Сме гледале луѓе кои имале и цел и мотив, кои работеле и се бореле, размислувале и се молеле. Меѓутоа, бидејќи секогаш сè не се одвивало онака како што сакале, со текот на времето се заморувале, се обесхрабрувале и најпосле се откажувале. Подоцна, честопати, излегувало дека ќе го постигнеле посакуваниот резултат само ако можеле да гледаат малку нанапред и да издржеле уште малку“.

Од друга страна, некои поединци не сакале да се помират со ограничувањата, туку претпочитале да работат, да се надеваат, да се борат и да дејствуваат. Тие докажале дека тешките времиња ја унапредуваат моќта на карактерот и дека кога постои силен мотив, шансите за постигнување на успехот максимално се зголемуваат. Впрочем, карактерот не може да се развива во мир и тишина, рекла Хелен Келер. „Само низ искушенија и страдања душата може да се зајакне, видот да се разбистри, амбицијата да се вдахнови и успехот да се постигне“.

Животот е полн со борби и тешкотии, но и со убавини и успеси. Од нас зависи како ќе се поставиме кон нештата и кон што ќе се насочиме – кон поразот или победата. Заклучокот е дека колку повеќе акумулираме знаења, искуства, сила и волја, толку полесно и поуспешно ќе се справиме со искушенијата и ќе постигнеме позитивни резултати.