Легендарниот возач во Формула 1, Ники Лауда, почина во 71. година од животот, а неговата животна приказна никого не остави рамнодушен. Тој е роден веднаш по Втората светска војна во Виена во богата фамилија која се занимавала со индустрија. Бил мирно и повлечено дете, иако училиштето не го интересирало премногу. Негова страст биле само автомобилите.

Додека сите од неговата фамилија биле угледни адвокати и бизнисмени, тој барал да оди на трибини од каде ќе ги гледа брзите автомобили. Брзината целосно го исполнувала, била неговиот правец во живот. Богатата австриска фамилија не сакала да му ги исполнува желбите на Ники, а покрај тоа им забраниле на спонзорите да вложуваат во него. Сепак, неговата волја била посилна од болните амбиции на родителите.

  • Заборави на Формула 1. Твоја работа е да се занимаваш со семејниот бизнис, онака како што го правел тоа твојот дедо, а потоа и татко. Формула 1 не доаѓа предвид, гласела јасната порака на загрижените родители.

Сепак, Ники никогаш не се откажал од своите соништа.

  • Не е проблем. Не ја прифаќам понудата, Заборавете на фамилијарната работа, не мора да ми помогнете. Ќе успеам сам. Само запаметете едно, кога ќе станам светски шампион, не ме барајте. Тогаш нема да бидам вашиот син, вашиот внук, едноставно нема да ве познавам, бил одговорот на Лауда кој храбро продолжил кон остварување на сонот.

Лауда веднаш отишол во една позната банка во Австрија за да подигне кредит и со тие пари си купил место во еден Формула 1 тим уплатувајќи полиса за своето животно осигурување. Судбината сакала токму таа банка подоцна да му биде и главен спонзор.

Во 1971 година возел за тимот на Марч, кој во тоа време бил во Формула 2, но набргу бил промовиран и во елитното натпреварување. Една година подоцна сезоната за Марч била разочарувачка, Лауда очаен, а потоа повторно зел кредит и се преселил во тимот на БРМ. Ниту тука не му цветале рози бидејќи болидот бил далеку од неговите очекувања. Сепак успеал сам да го унапреди својот болид поради тоа што одлично ја познавал автомеханиката и хидрауликата на тимот.

Набргу потоа, од тимот на Ферари виделе дека се работи за голем потенцијал, па го ангажирале во своите редови. Само една година подоцна со тимот на Ферари ја освои и првата титула и веќе станало јасно за каков генијалец се работи. Поради својата способност да ги проучува патеките на кои се тркал и огромното знаење за автомеханиката, Ники Лауда го добил прекарот „дигитрон со мозокот“.

Тој период ја одбележи и катастрофалната несреќа која ја доживеа во 1976 годна на патеката „Нирбургринг“ во Германија кога за влакно не го загуби животот. Сè му одело од рака на светскиот шампион сè додека не се случил големиот инцидент, кога во вториот круг од трката излетал од патеката и со 200 километри на час удрил во заштитната ограда, а болидот бил речиси згмечен. Лауда едвај бил извлечен од болидот, а изгорениците му го зафатиле целото тело. Добил труење во крвта поради вдишување на отровните гасови, па дури и свештеникот му ја исчитал последната молитва кога паднал во кома. Иако многумина сметале дека нема да преживее, само шест недели подоцна, Ники се вратил на патеката и завршил на четвртото место на трката за Големата награда на Италија.

Лауда во 1977 година ја освои и втората титула, што воедно му била последна со тимот на Ферари. Потоа ги известил сите дека го напушта Ферари, што луѓето од тимот го нарекле Лауда – предавник, затоа што заминал во редовите на Бреб, тимот на уште една легенда – Берни Еклстоун. Само две години подоцна ја напушта Формула 1 бидејќи му дошло преку глава што се вози само во круг.

Како последица на страотната несреќа, два пати му бил пресадуван бубрег. Првиот пар му го донирал неговиот брат, а бидејќи организмот му го исфрлил тој бубрег, вториот му го донирала 30 години помладата сопруга, стјуардесата Бирџит Висингер, која му ги роди близнаците Макс и Миј.

Лауда по завршувањето на кариерата повремено се вклучуваше во Формула 1 како менаџер и консултант во неколку тимови, а воедно инвестираше и во авиобизнис.