Живеам втор живот благодарение на моето мото: Можам, морам и ќе успеам!

500

Викторија Давидова помага во Дневниот центар „Пролет“, во кој владее зедништво и љубов. – Во тешка сообраќајна незгода, која ја доживеав на 13 години, токму пред мојата полуматура, се здобив со тешки повреди и бев во количка. Ова ми е втор живот. Пред несреќата многу сакав да учам медицина и да им помагам на луѓето. Благодарение на мојата упорност и физикална терапија станав од количката и сега зборувам. Најлошото помина. Моето мото е: „Можам, морам и ќе успеам“ и навистина тоа го постигнав. Сега пишувам песни и преведувам од англиски јазик, ни ја раскажа Викторија својата животна приказна. Таа доаѓа во Дневниот центар откако е отворен и им помага на другите корисници, бидејќи има помалку попречености

Петмина корисници на Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост над 18-годишна возраст – „Пролет“, нè пречекаа со убаво добредојде и широка насмевка. Внатре беше топло, пријатно, и се слушаше музика.

– Музиката е по нивна желба. Мора постојано да ја има – објасни координаторката на Дневниот центар, Кристина Петрова.

Некои од нив цртаа, некои работеа математика, некои читаа.

– Овде ни е многу убаво, бидејќи сите работиме со љубов, заедно и сме сложни -дофрли Викторија Давидова, која има 26 години и е од Драчево.

На тоа координаторката Петрова возврати дека иако се на различна возраст, тие се многу поврзани меѓу себе.

– Ако некој отсуствува и само еден ден од одредени причини или болест, овде веднаш се прашува каде е и им недостасува на останатите – вели Петрова.

Инаку, Викторија доаѓа во Дневниот центар откако е отворен и им помага на другите корисници, бидејќи има помалку попречености.

– Претходно бев во Дневниот центар за стари лица. Помагав во внесување на податоци од корисниците во компјутерот, а сега сум овде. Во тешка сообраќајна незгода, која ја доживеав на 13 години, токму пред мојата полуматура, се здобив со тешки повреди и бев во количка. Ова ми е втор живот. Пред несреќата многу сакав да учам медицина и да им помагам на луѓето. Благодарение на мојата упорност и физикална терапија станав од количката и сега зборувам. Најлошото помина. Моето мото е: „Можам, морам и ќе успеам“ и навистина тоа го постигнав. Сега пишувам песни и преведувам од англиски јазик – ја раскажува својата животна приказна Викторија.

Таа вели дека и сега продолжува да им помага на луѓето.

– Имам постара другарка која е слепа. Постојано ѝ помагам. Излегуваме заедно со мајките и се дружиме. Така го поминуваме времето. А и овде во Центарот работиме заедно со корисниците. Пееме, цртаме, танцуваме, работиме математика, читаме книги и разговараме за проблемите. Овде сме како дома – вели Викторија, која доаѓа од Драчево сама, со автобус.

И Леон Шатовиќ, кој има 23 години и доаѓа од Аеродром, вели дека е многу среќен во Дневниот центар.

– Овде веќе имам другари: Марко, Кико, Стефан и други. Многу брзо ми поминува времето. Не чувствувам кога сум дошол, а веќе поминало времето и треба да си одиме дома. Нè посетуваат волонтери од Црвениот крст на Град Скопје и тоа два пати во неделата. Многу ни е забавно. Читаме. Еве последна книга која ја читавме беше „Пинокио“, гледаме филмови, шетаме. Многу ни е забавно – вели Леон.

И тој доаѓа сам од Аеродром и се враќа сам, со тоа што до автобуската станица го испраќа некој од вработените во Дневниот центар, а на станицата во Аеродром го пречекува неговата мајка.

Координаторката на Дневниот центар, Кристина Петрова, вели дека за овие два месеца откако е отворен овој Дневен центар имаат 10 корисници на возраст од 21 до 36 години.

– Со корисниците почнавме да работиме на 13 јануари. Еден месец ни беше потребен за административни подготовки. Работното време ни е од 8 до 16 часот, а корисниците доаѓаат од 8:30 до 11 часот, бидејќи некои од нив имаат физикална терапија. Инаку, целта на овој Дневен центар всушност е социјализација на овие лица преку едукација и работилници – изјави Петрова.

Се подготвува месечна програма по која работи Дневниот центар.

– Се држиме до програмата и строго предвидуваме кој ден што ќе работиме. Досега имавме работилница за забо-здравствена заштита. Корисниците учеа како се одржува хигиената во устата и како правилно се четкаат забите. Дури имавме и макета од вилица, па корисниците практично покажуваа како правилно се четкаат забите. Имавме и работилница за здрави навики и хигиена во рамките на која корисниците учеа како правилно се мијат рацете, но и како правилно се мијат овошјето и зеленчукот пред употреба – објаснува Петрова.

Минатиот месец тие го посетиле градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ. Се запознале со работата на Општината и со тоа што работи градоначалникот во текот на денот, но и тие му раскажале како ним им е исполнет денот и со што се занимаваат во Дневниот центар.

– Освен тоа два пати неделно доаѓаат и волонтери од Црвениот крст на Град Скопје. Имавме ликовна работилница со волонтерите од Општинската организација на Црвен крст – Центар. Еднаш неделно имаме и музичка работилница со волонтерите од Клубот на млади на Црвениот крст на Град Скопје. Еднаш до два пати во неделата корисниците гледаат филм или македонски народни приказни. Се трудиме целосно да им го исполниме времето – објасни Петрова.

Овој месец имале предвидено и прошетка до „Веро центарот“, како и во Градскиот парк, а ги очекува и пријатно изненадување. Овој месец треба да им гостува познатиот пејач Влатко Лозановски, кого многу го сакаат сите.

Со корисниците на овој Дневен центар работат и социјален работник, а три пати во неделата доаѓа и доктор.

– Ова и за нас е нов предизвик. Ги надминавме нашите очекувања со посетеноста -заклучи Петрова.

Овој центар беше отворен на 4 декември минатата година, по повод Светскиот ден на лицата со попреченост, а во пресрет на Светскиот ден на волонтерството. Го отвори Црвениот крст на Град Скопје, а просторијата е од Општината Центар. Тоа е поранешната кафеана „Кај Злате“, која комплетно се преуреди за да заличи на она што е сега.    

(А.П.) – фото: Н. Батев