Повозрасна жена која паднала во бунар во село Побожје на Скопска Црна Гора, жива била извлечена од страна на екипа на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Настанот се случил пред околу два месеци, а текот на акцијата за спасување за весникот „Вечер“ ја раскажа Владимир Кочовски, кој 30 години работи како пожарникар ризикувајќи си го сопствениот за да спасува туѓи животи.

– Пред околу два месеци имаше дојава дека треба да се извади падната жена во бунар во село Побожје. Воопшто не нè известија дали жената е почината или сè уште е жива. Кога стигнавме на местото, слушнавме повици за спас од длабочината на бунарот – почна да раскажува Кочовски кој беше дел од одбележувањето на Денот на пожарникарството во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје во Автокоманда.

Тој истакна дека екипата за спасување се подготвила најбрзо што може, преземајќи ги сите безбедносни мерки за спуштање во бунарот и за спасување на жената.

– Таа се држеше за едно црево, со грбот беше потпрена на ѕидот од бунарот, а нозете ѝ беа потпрени на камења од бунарот. Во прашање беше минута од која ѝ зависеше животот. Не размислував, се симнав во бунарот. Водата беше многу студена, а и бунарот беше длабок. Од студенилото рацете едвај ги движев. Се спуштив до неа, а таа веќе и не можеше нормално да комуницира. Ја врзав според правилата и според она колку што дозволуваа условите и просторот. Им дадов знак на колегите да нè извлекуваат нагоре. Иако жената беше безбедно врзана, а и јас, сепак ја држев со раце. Кога нè извлекоа жената, која веќе беше помодрена од студената вода во бунарот, ја предадовме на Службата за итна медицинска помош која претходно беше повикана од моите колеги – со емоции се сеќава Кочовски. 

Тој додава дека засега не знае што е со жената.

– Немаше кој да ми даде информации за името и презимето на жената. Само знам дека бунарот беше во дворот на нејзината куќа и не знам дали живееше сама или со некого – вели Кочовски.

Ова е само еден од мноштвото примери на овие храбри луѓе кои покажале пожртвуваност, но и ризикување на сопствениот живот за да спасат друг(и). Кочовски вели дека воопшто не размислува на последиците кога треба да се интервенира, било да е тоа пожар или техничка интервенција, извлекување на тела од автомобили во случај на сообраќајна незгода или кога треба да се спаси маче или куче во неволја.

– Тоа се случи минатото лето. Кучето беше на платформите од средниот крак на Камениот мост. Бидејќи немавме добра соработка со Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“, импровизиравме со торби и успеавме да го спасиме кучето, извлекувајќи го на безбедно живо и здраво – истакна Кочовски.

Кочовски вели дека спасувајќи туѓи животи и имоти, не размислувајќи пожарникарите го ставаат во опасност сопствениот.

– Повеќе пати сум настрадал. Кога беше опожарен магацинот на „Даути Комерц“ бев затруен, при друг пожар се здобив со изгореници на вратот и на раката. Таква е нашата професија, немаш многу време да размислуваш за последиците по сопствениот живот, само одиш да помогнеш и да спасиш нечиј живот или имот –  дециден е Кочовски.

Парамедикална служба ќе ги следи пожарникарите

Градоначалникот Шилегов на денешното одбележување на Денот на пожарникарството најави дека од 1 јуни, паралелно со екипите на пожарникарите во соработка со Црвениот крст ќе оди и парамедикална служба да им укаже прва медицинска помош на повредените онаму каде што интервенира Бригадата за противпожарна заштита.

(А.П.)