Инфлацијата во земјава зема сè поголем замав и доколку не се преземат соодветни и навремени мерки, тоа може да доведе до уште подлабока економска криза. Според економистите, инфлацијата ќе почне да забавува кога ќе почнат да се намалуваат цените на енергенсите. Ова го потврдија и од Меѓународниот монетарен фонд од каде што оценуваат дека цените ќе растат до крајот на годината, а можно е да продолжат и наредната година.
Генералната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева, изјави дека сите знаци укажуваат дека инфлацијата сè уште не е под контрола и заклучи дека е најважно да се воспостави контрола над неа, во спротивно ќе се намалат приходите.
-Цените на суровините, како нафтата, можеби се стабилизираа и почнаа да опаѓаат во последните месеци, но тоа не мора да значи дека инфлацијата е скротена, туку дека тоа е повеќе реакција на пазарните играчи на ризиците од рецесија. Централните банки ги засилуваат мерките за контрола на инфлацијата и тоа е приоритет. Тие мора да продолжат додека не стане јасно дека очекувањата за инфлација се цврсто закотвени, изјави Георгиева.
Потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија м-р Зоран Јовановски смета дека инфлацијата ќе почне да забавува кога ќе почнат да се намалуваат цените на енергенсите.
-Се покажа дека прогнозирањето на инфлацијата е неблагодарно. Пред година дена, кога се појавија првите сигнали за забрзување на инфлацијата во светски рамки, многумина оценуваа дека инфлацијата ќе биде само преодна и кратко ќе трае, но работите излегоа сосема поинакви. Инфлацијата ќе почне да забавува кога ќе почнат да се намалуваат цените на енергенсите, а во моментов е прилично неизвесно кога тоа ќе се случи. Важно е и тоа дека инфлацијата почна да го добива должното внимание од централните банки, кои веќе преземаат мерки, изјави за ВЕЧЕР, Јовановски.
Според него, кризата што ја предизвикаа високите цени на енергенсите силно ги погоди компаниите, бидејќи на краток рок е тешко да се обезбеди замена со поевтина енергија од други извори.
-Во овој момент, Стопанската комора акцентот го става на цената на електричната енергија како најважна работа за да се преживее кризата, во моментов и во периодот што доаѓа. Во таа насока Комората предлага конкретни чекори што треба да ги преземат носителите на економските политики во земјата. Притоа, важно е да се истакне дека времето е фактор, исклучително е важно да се дејствува што поскоро, смета Јовановски.
Економистите сметаат дека не помалку важен фактор за раст на цените е и војната во Украина, а цените нема да престанат да растат додека трае војната. Според нив, повисоките цени значат намалена куповна моќ. Ако инфлацијата е 10 отсто со иста сума на пари можат да се купат 10 отсто помалку производи. На пример, ако лебот е 20 денари со 200 денари може да купите 10 леба, но ако лебот поскапе 10 отсто, односно стане 22 денари со 200 денари може да купите 9 леба, односно 10 отсто помалку, појаснуваат економистите.
Од Народната банка на Македонија оценуваат дека најголемиот дел од домашната инфлација е резултат на притисокот од увозните цени на храната и енергијата, кои досега растат посилно од очекуваното. Овие притисоци брзо се прелеваат врз цените и на другите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања. Најновите податоци и очекувања на светските пазари навестуваат постепено стивнување на ценовните притисоци. Имено, за првпат по извесно време очекувањата за цените на храната се ревидирани надолу. Наедно, и кај цените на нафтата и кај цените на храната се очекува стабилизирање во втората половина на 2022 година, а потоа и нивно намалување. Сепак, неизвесноста од идните движења на цените на енергијата и храната е нагласена поради воените случувања во Украина, укажуваат од Народната банка.
(А.С.)