Наградниот фонд за мастерс тенискиот турнир во Рим, ќе биде изедначен до 2025 година. Кога лани на турнирот триумфираше Полјакката Ига Швионтек, доби помалку од половина од парите што за својот трофеј ги заработи српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ. Швјонтек, тогаш доби 332.260 евра, додека на сметката на српскиот тенисер легнаа  836.355 евра.

-За прв пат во историјата го започнавме процесот за изедначување на наградниот фонд на женскиот и машкиот турнир, во рок од три години. Станува збор за осум милиони евра за секој турнир. Можеме да го направиме овој голем скок, бидејќи првата жена извршен директор на една голема банка во Италија ни ги обезбеди потребните ресурси, рече претседателот на Италијанската тениска асоцијација, Анџело Бинаги на презентацијата на турнирот што годинава ќе се одржи од 10 до 21 мај.

Легендарната Били Џин Кинг често зборуваше дека сака да започне специјално професионално женско натпреварување, откако таа освои 600 долари за победата на Италија опен во 1970 година, додека Иље Настасе освои 3.500 долари за победа на истиот турнир таа година.

Турнирот во Рим го подобри статусот на АТП и ВТА и наместо осум дена ќе трае 12, со учество на 96 играчи во ждрепката во машка и женска конкуренција, за разлика од претходниот формат со по 56 играчи.

-Со тековните напори на ВТА да постигне еднаков награден фонд на сите турнири, возбудени сме поради заложбата преземена од турнирот во Рим да го има ова до 2025 година. Се надеваме дека ќе видиме таква посветеност на повеќе ВТА турнири, се вели во соопштението на оваа организација.