EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Натпреварот меѓу Англија и Словачка во осминафиналето на Европското првенство ѝ донесе вистинско богатство на една жена, која одигра седум различни типувања на овој натпревар, заработувајќи 300.000 евра.

Англија на „мускули“ ја победи Словачка со 2:1 по 120 минути игра, откако со доза на среќа израмни на 1:1, со голот на Џуд Белингам во последните секунди од регуларните 90. Потоа, уште во првата минута од продолжението, Хари Кејн ги постави конечните 2:1. Претходно, Словачка поведе во 25. минута преку Шранц.

Токму поради ваквиот расплет на теренот, една обложувалница мораше да ѝ исплати 300.000 евра на извесна Џоана Гордон.

Како што пренесуваат британските медиуми, 50-годишната Англичанка погодила дури седум различни типувања на натпреварот во Гелзенкирхен. Имено, уплатила тикет на точен резултат во првото полувреме (0:1), точен резултат по 90 минути (1:1), прв стрелец (Шранц), прв жолт картон (Гуехи), број на корнери (10), минута на прв гол (25) и дали ќе биде досуден пенал (не).

Таа имаше многу среќа со многу работи, особено што погодокот на Џуд Белингем дојде со ножички, во петтата минута од судиското надополнување.

  • Навистина не знам како да опишам со зборови. Неверојатно е. Слушате за некои луѓе што стануваат богати и си мислите: „Добро, и јас ќе се обидам“, но никогаш не мислев дека ќе се случи тоа. Реков не, може да е вистина, не разбирам – беше реакцијата на Гордон, а пренесуваат британските медиуми.

Нема сомнеж дека оваа победа ќе ѝ го промени животот. На добро или на лошо, зависи како ќе се однесува со огромната добивка.