Жена во САД доби милионска отштета бидејќи добила отказ откако не примила вакцина против Ковид-19

104

Тринаесет милиони долари и додели сојузната порота во САД на поранешна вработена во приватната компанија за здравствено осигурување Blue Cross Blue Shield, која тврди дека била погрешно отпуштена затоа што одбила да ја прими вакцината против  Ковид-19 поради нејзината религија.

Лиза Домски поднела тужба во август 2023 година преку Окружниот суд на САД во Мичиген, тврдејќи дека била отпуштена од здравствениот систем откако одбила да ја прими вакцината поради нејзината религија, а пресудата била донесена оваа недела.

Адвокатот Џон Марко во изјава рече дека Лиза Домски е побожна католик и дека потоа поднела барање за верско ослободување од вакцината. Тој додаде дека Домски, која работи во здравствениот систем речиси 38 години, дала писмена изјава во која ги објаснила своите верувања, како и името и контакт информациите на нејзиниот свештеник.

Тој изјави дека Blue Cross Blue Shield не контактирал со свештеникот, објаснувајќи дека може да се искористи писмената изјава на Лиза Домски, но наместо тоа и било кажано дека ќе добие отказ доколку не ја прими вакцината. Домски одбила, по што добила отказ. Адвокатот рече дека Домски добила 13 милиони долари, од кои 315.000 долари заостанати плати.

„Нашите предци се бореа и умреа за слободата на секој Американец да ја практикува својата вера. Ниту владата ниту корпорацијата немаат право да принудат поединец да избира помеѓу кариера и совест. Лиза одби да се откаже од својата вера и верувања и неправедно беше отпуштена од единствената работа што некогаш ја знаела“, се вели во изјавата на адвокатот.

Тој додаде дека пресудата на поротата покажува дека „верската дискриминација нема место во Америка и го потврдува правото на секоја личност на верска слобода“.