Реформите се потребни и во областа на статистиката и тоа не заради Европската Унија туку заради државата и граѓаните, порача евроамбасадорот Самуел Жбогар на настанот што вчера го организираа Народната банка и Државниот завод за статистика (ДЗС) по повод Денот на европската статистика.
Жбогар смета дека во Северна Македонија има позитивен развој во полето на статистиката, но има и простор за дополнително подобрување.
-Независен и непристрасен статистички систем е многу значаен за секое општество за да може да се креираат подобро јавните политики и да се носат одлуки. Статистиката треба да се управува без влијание од политиката бидејќи само на тој начин општеството може да биде подобро, рече тој.
Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежовска смета дека кога станува збор за статистичките податоци клучна е координацијата на институциите.
–Во нашиот случај горди сме на одличната координација со нашите партнери – Државниот завод за статистика и Министерството за финансии. Значаен исчекор во овој дел ќе биде ставањето во функција на т.н. систем на интегрирана координација, на составување на владината статистика со податоци во реално време достапни за сите три институции. Ова во крајна линија би значело поконзистентни фискални, финансиски и макроекономски статистички податоци, рече Ангеловска-Бежовска.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симевски најави дека тие како носител на националниот статистички систем ќе продолжат да ги негуваат партнерствата со институциите и со сите засегнати страни кои се занимаваат со оваа проблематика.
– За нас како статистичари и производители на официјални статистички податоци останува определбата за следење и почитување на сите стандарди на европскиот статистички систем со што стануваме негов рамноправен член, посочи тој.
Европскиот ден на статистиката се одбележува под мотото „Подобри податоци, подобар живот“.
На настанот во Скопје покрај обраќањето на гувернерката на Народната банка, директорот на Државниот завод за статистика и евроамбасадорот Жбогар, предавање одржа и Пер Ниманд-Андерсен, советник во Европската централна банка.