Жаре Бербер кој е познат по своите вокални способности, извонредни забави, а пред неколку години сите со нетрпение чекаа да почне неговата емисија “Кој те шиша“, во која гостуваа многу домашни, но и странски ѕвезди деновиве ни приреди уште едно убаво изненадување со песната „Циганко мала“.

Тој по промоцијата на неговата последна мелодија „Понекад“, повторно е актуелен со оваа нова, но и убава нумера за која автор на текстот и музиката е Горан Јованович – Топче, а аранажманот е на Бобан Василески од групата „Нон Стоп“. Песната е снимена во студиото „Speed Limit“.

Без сомнение на новата песна и на новиот видеоспот ќе му позавидат многу колеги од македонската естрада, па дури и од соседството. А, доказ дека неговите нумери вредат се дваесет години постоење на естрадната сцена.

Идејата за спотот е на самиот пејач кој смета дека човек може сè да направи кога ќе вложи многу љубов и енергија.

– Идејата за спотот е моја, ја реализирав вложувајќи многу енергија и сè што е потребно за висококвалитетен спот. Со дечките од бендот одлучивме дека отсега па во иднина сите видеа ќе ги работиме во нашa продукција, бидејќи заклучивме дека ова е само еден показател дека човек може сè да направи кога ќе вложи многу љубов и енергија – изјави Жаре.

Идејата на ентериерот и стајлингот е инспирирана од минатиот век пропратена со топла атмосфера и уживање.

– Ентериерот и гардеробата кои се дел од сцената се изработени за видеото да изгледа како да е снимено некаде во почетокот на минатиот век со цел да се прикаже убава и топла атмосфера во која сите уживаме – вели познатиот пејач.

Во спотот може да се забележат илјадници денари кои специјално се направени за снимањето и истите се соодветно уништени.

Она што го прави неговиот видеозапис поразличен од другите видеа е поентата на животот и тоа дека љубовта може да внесе промени во нашите животи.

– Ова е видео во кое сакаме точно да ја прикажеме единствената поента на животот, дека љубовта е единственото нешто што може да ве измести од колосек и да ве натера инспирирани од неа да се препуштите на кафеанско и боемско уживање. Добрата чашка и добрата музика сè со цел да ја заборавите љубовта на вашиот живот, која може да остави трага нa вас. Ваква ситуација во животот, верувам дека секој од нас барем еднаш почувствувал – додаде Жаре за крај.

(Маја.А) – фото: приватна архива