„И ако треба да изразам благодарност, тоа секако ќе биде за огромната чест што ми е направена, но, исто така и пред сè, во името на сите поети кон оние кои, во оваа природна песна од планини, шуми, езера – во Македонија, ја држат високо крената светилката на поезијата. Затоа, „Струшките вечери на поезијата“ се мугрите на срцето и на духот“, рече лауреатот Жан-Пјер Симеон при примањето на највисокото признание „Златниот венец“ за 2024 на меѓународната поетска манифестација 

Со поетското читање „Мостови” и врачување на фестивалските награди синоќа се затворија 63. Струшки вечери на поезијата. Свеченото затворање на меѓународната поетска манифестација и годинава традиционално се одржа на Мостот на поезијата во Струга и беше проследено со спектакуларен огномет.

Лауреатот Жан Пјер Симеон, француски поет, драматург и есеист го прими највисокото признание „Златниот венец“ за 2024, кое му го врачи претседателката на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, Елизабета Шелева.

Награда „Златен венец“

– Ако песната е срцето на животот што бие, Струга, во срцето на милениумската Европа, е срцето на поезијата што бие. И ако треба да изразам благодарност оваа вечер, тоа секако ќе биде за огромната чест што ми е направена, но, исто така и пред сè, во името на сите поети кон оние кои, во оваа природна песна од планини, шуми, езера – во Македонија, ја држат високо крената светилката на поезијата. Затоа, „Струшките вечери на поезијата“ се мугрите на срцето и на духот – рече лауреатот Жан-Пјер Симеон.

 

На меѓународниот поетски митинг „Мостови“ беа врачени и наградите „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата на македонската поетеса и книжевен теоретичар Катица Ќулавкова за книгата „Небото ми е дома“ и „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и СВП ја доделуваат за најдобар поет-дебитант, а годинава таа ѝ припадна на германската писателка Катрин Пиц за поетската книга „Вакви денови имало отсекогаш“.

Награда „Браќа Миладиновци”

Глигор Стојковски ѝ ја врачи наградата „Браќа Миладиновци“ на поетесата Катица Ќулавкова, а директорот на „Струшките вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски на поетесата Катрин Пиц од Германија.

Награда „Мостови на Струга”

Годинава првпат беше доделена и наградата „Млада Струга“ за необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант. Наградата „Млада Струга“ ѝ беше врачена на Филипа Сара Попова за збирката „Скршен терариум“.

Награда „Млада Струга“

Покрај добитниците на фестивалските признанија на поетскиот митинг „Мостови” стихови читаа многу странски и македонски поети.

Струшките вечери на поезијата официјално завршуваат денес со Меѓународниот поетски митинг на платото пред Музејот на современата уметност (20:30 ч) во Скопје.

Годинава Струшките вечери на поезијата се одржаа под мотото „Допир на убавината“, со кое се оддава почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку неговата тактилност и релјефност со допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата.

За првпат Константиновата „Т`га за југ“ на свеченото отворање на СВП беше прочитана со Брајово писмо од слепо лице. Манифестацијата почна со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест лауреатот и палење на фестивалскиот оган во Домот на поезијата. (Н.И.Т.)