Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер ќе добие нов стратег, затоа што Бранислав Ангеловски по поразот од Алкалоид со 32:25 во Суперлигата, одлучи да си поднесе оставка од кормилото на битолскиот тим.

Зелено-белите“ вторпат оваа сезона беа надиграни од директниот конкурент за титулата во домашниот шампионат, Алкалоид, а тоа беше доволно битолчанецот да подвлече очекуван потег и да си замине од кормилото на битолскиот тим. Еурофарм Пелистер сезонава игра под очекувањата, а ваквото сценарио битолчани го бараа уште многу порано, односно по поразите од Алкалоид во Суперкупот и Вардар во Суперлигата.

Бранислав Ангеловски си поднесе оставка од функцијата прв тренер на Пелистер. Среќно понатаму Бранко, ти благодариме за сè“, соопштита од тимот на Пелистер.

Под водство на Ангеловски, Еурофарм Пелистер минатата сезона ја одбрани титулата во домашниот шампионат, а во Лигата на шампионите го освои првиот бод, против Спортинг во Битола.

Пелистерци за два дена ќе го пречекаат тимот на Веспрем во Лигата на шампионите. На овој натпревар предводник на шампионот најверојатно ќе биде асистентот на Ангеловски, Алексо Лембанов, а потоа ќе биде именуван новиот тренер. Не е тајна дека голема желба на битолската публика е словенечкиот стратег Бранко Тамше, кој по заминувањето од Нексе Нашице е без ангажман.

Ангеловски ја остава битолската екипа на четвртата позиција во Суперлигата со 12 бодови по осум одиграни кола, односно четири поени помалку од лидерот Алкалоид.