Mузичкиот документарец го претставува шармантното музичкото патешествие на членовите на данскиот бенд „Ефтеркланг“ и продуцентот на МКЦ, Владица Младеновски-Грга, односно нивната потрага по македонски музичари, со цел соработка и составување на ансамбл за заеднички настап пред споменикот „Македониум“ во Крушево. Како што истакна пред фестивалската публика, пејачот на „Ефтеркланг“, Каспер Клаусен, процесот на создавање заедничка музика преставувал неверојатно искуство…

Со проекција на музичкиот документарец „Ефтеркланг: Македониум бенд” во режија на Андреас Јонсен, по кој следуваше концерт на данско-македонскиот ансамбл насловен како филмот, синоќа, во паркот зад Младинскиот културен центар стартуваше 23. „Синедејс“. Вечерта, на отворањето на Меѓународниот фестивал на европски филм, и покрај големите жештини кои ја зафатија нашата земја, скопската публика дојде во поголем број, а поттикната од настапот на ансамблот играше и оро.

Филмот го следи данскиот бенд „Ефтеркланг“, во состав Мадс Брауер, Каспер Клаусен и Расмус Столберг, кои доаѓаат во Македонија и заедно со 22 домашни музичари одржуваат концерт пред споменикот „Македониум”. Документарецот, кој се снимал во текот на април 2023, го претставува шармантното музичко патешествие на членовите на „Ефтеркланг“ и продуцентот на МКЦ, Владица Младеновски-Грга, односно нивната потрага по македонски музичари, со цел соработка и составување на ансамбл за заеднички настап во Крушево. Покрај бендот „Ефтеркланг“, во ансамблот од македонската страна учествуваат  музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска, Јане Трајковски, како и 16 хористки на Женскиот младински хор при МКЦ.

Од синоќешниот концерт на „Синедејс“

Како што истакна пред фестивалската публика пејачот на „Ефтеркланг“, Каспер Клаусен, процесот на создавање заедничка музика преставувал неверојатно искуство. „Неверојатно искуство, да твориш со тотални странци, а на крајот да се чувствуваш како да сте најблиски пријатели“, рече Клаусен.

Сцена од филмот

Инаку, светска премиера филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд”, кој е во продукција на МКЦ, Rosforth и Rumraket, имаше на фестивалот „CPH:DOX” на 23 март годинава во Копенхаген каде ансамблот имаше два концерта.

Фестивалот „Синедејс“, пак, годинава до 17 јули треба да прикаже околу четириесетина филмски наслови. Се одржува под слоганот „Како е? Викај ура“, а ќе се одвива во паркот зад МКЦ, киното Фросина и летното кино на Кинотеката на Македонија. Во рамки на фестивалската програма ќе можат да се видат светски и македонски филмови и копродукции во Гала програмата, Официјалната селекција, SEE програмата, МК Shorts (кратки филмови), Ретроспектива на филмови посветена на легендарниот југословенски режисер Вељко Булајиќ, како и кратки филмови од Вим Вендерс.

Гала програмата ги носи филмските остварувања на Давид Кроненберг, Вуди Ален, Мохамед Расулоф, Роман Полански. Фестивалската публика ќе може да ги проследи: хорор-трилерот со Деми Мур „The substance“ на Корали Фержо, добитник на награда за најдобро сценарио во Кан, драмата „The Seed of the Sacred Fig“ на иранскиот режисер Мохамед Расулоф, добитник на специјалната наградата на жирито во Кан и ФИПРЕСЦИ, научнофантастичниот трилер со Винсент Касел „Тhe Shrouds“ на Давид Кроненберг, прекрасната француско-италијанска комедија со Кјара Мастројани и Кетрин Денев „Marcello Mio“ на Кристоф Оноре, драмата „Caught by the Tides“ на Жанг Жи, анимацијата „The Most Precious of Cargoes“ на Мишел Хазанавициус, црната комедија со Џон Клиз во главната улога. „The Palace“ на Роман Полански, како и „Coup de chanced“ на легендарниот Вуди Ален, за затворање на фестивалот.

И годинава, натпреварувачката програма на „Синедејс“ е селекција на Бернд Будер. Во Официјалната селекција, во која меѓународното жири во состав: Ивица Димитријевиќ, Гентијан Кочи, Мина Ѓукиќ, Роан Бери Крикмар, Горјан Атанасов ќе одлучува за наградите Најдобар филм, Најдобра режија и Најдобро сценарио, публиката ќе може да ги погледне европските остварувања: „Good Guys Go to Heaven“ на Раду Поткоава, „Dolomite and Ash“ на Тома Селиванова, „The City“ на Амит Улман, „Beyond the Blue Border“ на Сара Нојман, „A Nice Jewish Boy“ на Ное Дебре, „Schirkoa: In Lies We Trust“ на Ишан Шукла, „Spirit of Ecstasy“ на Хелена Клоц и „Body Odyssey“ на Грација Трикарико.

Во придружната фестивалска програма ќе се реализира проектот „Living Music,“ под водство на проф. Дарија Андовска, во кој студенти или тукушто дипломирани режисери и композитори од Европа работат заедно и создаваат филмска музика која потем ќе ја изведат во живо. Во рамки на музичката програма „CINEmusic“, покрај одржаниот концерт на „Ефтеркланг: Македониум бенд”, свој настап ќе имаат и регионалниот експериментален панк бенд „Turbo Trans Turisti“, скопскиот инди-состав „СИЗ“, како и психоделичното музичко дуо „Cyril-Cyril“ од Швајцарија. (Н.И.Т.)

Фото: Стефан Самандов и Кристиан Христов