Долготрајноста на постапките, за жал, и 25 години по примената на Европската конвенција за човековите права од страна на државава, сè уште е една од најчестите повреди на човековите права, кои ги генерираат самите судови. Па така, наместо судовите да ги штитат човековите права, тие истите ги повредуваат – истакна министерот за правда, Филков
Ефикасниот правосуден систем е клучен за борба против криминалот и корупцијата и гаранција за основните човекови слободи и права, изјави министерот за правда, Игор Филков, на отворањето на 15. сесија на Националната конвенција на ЕУ во Македонија. Ефикасноста, според него, се мери и со должината на судските постапки.
– Странките пред судовите очекуваат нивните предмети да бидат решени од независни и професионални судии, со донесување пресуди во разумен рок. Токму долготрајноста на постапките, за жал, и 25 години по примената на Европската конвенција за човековите права од страна на државава, сè уште е една од најчестите повреди на човековите права, кои ги генерираат самите судови. Па така, наместо судовите да ги штитат човековите права, тие истите ги повредуваат, што е констатирано со бројните одлуки на Европскиот суд за човекови права против нашата држава, каде што најчестите повреди се констатирани токму за правото на правично судење во разумен рок, согласно со Европската конвенција за човековите права и основните слободи – рече Филков.
За забелешките од извештајот на ЕУ за напредокот на земјава, министерот Филков рече дека постојат разни начини за решавање на идентификуваните проблеми во однос на ефикасноста. Како пример ги посочи реформите на процесното законодавство, воспоставувањето рокови и временски рамки за одредени активности или фази на судските постапки, измена на судската мрежа и надлежност на судовите, создавање електронски постапки за одредени видови случаи.
На сесијата беше истакната потребата за унапредување на ефикасноста на судските постапки и на квалитетот на судската правда. Беа предложени неколку клучни препораки.
Првата е Владата и надлежните институции да го забрзаат процесот на развивање и целосна имплементација на Платформата за интероперабилност меѓу судовите и другите релевантни институции. Односно побрза размена на податоци, особено во случаите каде што се потребни информации од други институции како што се, на пример, МВР, УЈП и други, што ќе го скрати времето на судските постапки и ќе го подобри пристапот до правдата.
Потоа, во судовите треба да се воспостави механизам за брзо обезбедување на потребните информации и податоци преку назначување лица за врски со безбедносни сертификати и привилегиран пристап до податоците од релевантни институции (на пример, МВР, Централниот регистар, Агенцијата за катастар на недвижности, УЈП), кои би можеле да прибавуваат потребни информации за судските постапки без да се испраќаат формални барања во форма како што се прави тоа сега. Третата препорака е финансиската поддршка и техничките ресурси за дигитализација да ѝ бидат приоритет на Владата. Тоа вклучува развој на современи системи за „е-суд”, кои ќе овозможат поднесување документи и управување со судските предмети електронски, што ќе го подобри ефикасното решавање на судските спорови.
– Потребно е да се воспостават и механизми за јавен надзор на судските процеси преку дигитални платформи, овозможувајќи граѓаните и невладините организации да следат како напредуваат судските предмети. Можноста да се опсервира движењето на судските предмети ќе го зголеми нивото на транспарентноста и ќе придонесе за поголема доверба во судството – стои во препораката.
Петтата препорака е судската администрација и судиите да добијат соодветна обука за работа со новите дигитални системи и безбедносни процедури за заштита на податоците. Со воведувањето на новите дигитални платформи, како седма препорака, потребно е да се воспостават и софистицирани безбедносни мерки, кои ќе го намалат ризикот од злоупотреба на податоците и од корупција. Системите треба да бидат отпорни на сајбер напади и злоупотреби.
Осмата препорака налага процесот на дигитализација и реформа да има континуиран надзор преку специфични индикатори за ефикасност, за што е потребно да се ревидираат стратегиите според потребите на судскиот систем. Последната препорака вели дека врз ефикасноста на судските постапки и врз квалитетот на правдата влијаат и капацитетите во правосудството. Така, како пример беше посочено дека нееднаквата оптовареност на судиите и на јавните обвинители со предмети влијае врз брзината на постапките и врз квалитетот на пресудите. Препораките имаат цел да ја подобрат ефикасноста на судските постапки и да го зголемат квалитетот на судската правда, истакнувајќи ја важноста на владеењето на правото и на заштитата на човековите права. (П.А.)