ЕУ ќе додели две милијарди евра грантови и четири милијарди поволни заеми за Западен Балкан од 2024 до 2027 година како дел од Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, откако Европскиот парламент го одобри тоа на денешната пленарна седница.
„Инструментот е централен дел од планот за раст за Западен Балкан“, рече коизвестувачот Тонино Пицула (SDP/S&D) на пленарната седница.
Станува збор за финансирање на шесте земји од Западен Балкан на нивниот пат кон Европската Унија. Во ноември минатата година, Европската комисија го претстави Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан за периодот од 2024 до 2027 година, кој ќе вклучува две милијарди евра грантови и четири милијарди поволни заеми.
Известувачи во име на Европскиот парламент беа хрватските европратеници Тонино Пицула (СДП/С&Д) и Карло Реслер (ХДЗ/ЕПП).
Пицула беше ко-известувач на ЕП пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), а Реслер беше ко-известувач пред Комитетот за буџет (БУДГ).
Реслер за Хина рече дека тоа е инструмент споредлив со националните планови за закрепнување и отпорност, но за шесте земји од Југоисточна Европа надвор од ЕУ. Тој нагласи дека исплатата на средствата е поврзана „со точно дефинирани реформски активности“.
Реслер апострофираше дека ќе се води сметка и за усогласување на надворешната и безбедносната политика и визната политика со ЕУ.
Црна Гора и Србија со години преговараат со ЕУ, Северна Македонија и Албанија официјално ги отворија преговорите пред две години, а лидерите на земјите-членки на ЕУ во март донесоа одлука да ги отворат пристапните преговори со Босна и Херцеговина. Брисел сè уште го смета Косово за потенцијален кандидат.