ЕУ треба денеска да го признае Гуаидо за претседател на Венецуела

32

Рокот што и го постави Европската Унија на Венецуела за закажување нови избори истече на полноќ, и се очекува денеска ЕУ да го признае опозицискиот лидер Хуан Гуаидо официјално за претседател на Венецуела, јави дописничката на МИА од Брисел.

По неколку денови двоумење, Европската Унија минатата недела му даде ултиматум на актуелниот претседател Николас Мадуро да свика нови избори до денеска, и дека во спротивно Унијата ќе застане зад неговиот политички противник, Хуан Гваидо.

Мадуро го отфрли европскиот ултиматум во текот на овој викенд и ја обвини ЕУ дека сака да предизвика конфронтација.

-Зошто ЕУ треба да и кажува на некоја земја во светот која веќе имала избори дека треба да ги повтори затоа што не победиле добри десничарски сојузници, порача Мадуро.

Европската Унија не ги призна венецуелските избори и смета дека не биле ниту слободни, ниту транспарентни, ниту фер.

За разлика од САД, земјите членки на ЕУ не избрзаа со признавање на Хуан Гуаидо, но притисокот се зголемува од земји како Белгија, Португалија и Холандија.

Европскиот Парламент во петокот го призна Гуаидо како „легитимен привремен претседател“ на Венецуела и побара од земјите членки да заземат ист став.

ЕУ треба денеска да се изјасни дали ќе го признае Гуаидо.