ЕУ со Македонија направи историска грешка на квадрат!

Огромна, историска грешка на ЕУ е што Македонија, која заедно со Хрватска во 2008 година доби позитивно мислење од ЕК за почеток на преговорите со Унијата, сè уште ги нема започнато преговорите, а таа грешка сега може да се стави на квадрат, бидејќи „Северна Македонија ќе биде ставена зад Албанија, за што не гледам никакви причини“, порача од Охрид унгарскиот премиер Виктор Орбан, на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски. Орбан, во петокот, му соопштил на Мицкоски предлог за договор со Бугарија и се понуди Будимпешта да биде посредник помеѓу Скопје и Софија. Унгарскиот премиер порача дека националната гордост е најважна за една нација, а во изминатите 10 години ЕУ постојано ја повредува македонската гордост  -Ако гледаме реално, вие одамна требаше да бидете членка. Единствено гледам решение до крајот на оваа година да започнете преговори, рече унгарскиот премиер Виктор Орбан. Македонскиот премиер Мицкоски рече дека жали што повторено сме жртва на билатерализација и истакна дека со одлуката за раздвојување на Македонија и Албанија, задоволени се само две страни - политичарите во Бугарија и опозицијата дома

64

Огромна, историска грешка на ЕУ е што Македонија, која заедно со Хрватска во 2008 година доби позитивно мислење од ЕК за почеток на преговорите со Унијата, сè уште ги нема започнато преговорите, а таа грешка сега може да се стави на квадрат, бидејќи „Северна Македонија ќе биде ставена зад Албанија, за што не гледам никакви причини“, порача од Охрид унгарскиот премиер Виктор Орбан, на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Христијан Мицкоски. Орбан му соопштил на Мицкоски предлог за договор со Бугарија и понудил Будимпешта да биде посредник помеѓу Скопје и Софија. Унгарскиот премиер порача дека националната гордост е најважна за една нација, а во изминатите 10 години ЕУ постојано ја повредува македонската гордост.

-Северна Македонија е кандидат за членство од 2005 година и заедно со Хрватска во 2008 година доби позитивно мислење. Хрватска веќе е членка на ЕУ, а со Северна Македонија уште не се започнати преговорите за зачленување. Ова е огромна грешка од страна на ЕУ, што би ја карактеризирал како историска и сега може да се стави на квадрат, бидејќи Северна Македонија ќе биде ставена зад Албанија, за што не гледам никакви причини. Имам предлог за спорот со Бугарија. Подготвени сме за тоа да посредуваме во ова прашање. Унгарија да биде посредник во спорот меѓу двете држави, да се најде решение што ќе им одговара на двете страни. Тешко е да се разбере од страна на една нација постојано да ги залажувате со почеток на преговорите за членство, а после сите оние држави со кои заедно тргнаа – да напредуваат, а нив да ги држите настрана. Националната гордост е најважна за една нација и ЕУ мора да го има тоа предвид. А во изминатите 10 години ЕУ постојано ја повредува гордоста на Северна Македонија. Ако гледаме реално, вие одамна требаше да бидете членки. Според мене, голема грешка е што сè уште не сте членка и е голема грешка што ве одвојуваат од една држава, која ја форсираат, и единствено гледам решение вие до крајот на оваа година да започнете преговори, изјави во Охрид унгарскиот премиер Виктор Орбан, чија земја до крајот на годинава претседава со ЕУ.

Орбан рече дека Унијата мора да го има геополитичкиот фактор, но мора да се почитуваат и државите кои долги години работат на зачленување на ЕУ, а се ставени во втор план.

–  Тоа не е чесно од нашата страна. И затоа како претседавачи на ЕУ сметаме дека е многу важно да се одржи на дневен ред зачленување на Западен Балкан во ЕУ и согласно тоа би сакале да се забрза процесот на зачленување на Северна Македонија во ЕУ. Подготвени сме да се одржи меѓувладина седница, а ако не, ќе одиме билатерално. Ставот на Унгарија е добро познат. Многу е важно стабилноста на Западен Балкан и интеграцијата во ЕУ. Зачленување на една држава не е проблем и предизвик, туку една огромна можност. За сите држави кои се веќе членки на ЕУ, така и за Унгарија. Сите видовме дека со зачленување сите добивме многу напредок, но ЕУ во меѓувреме ја загуби динамиката и затоа мора да обезбедиме проширување и тоа е најдобар начин, изјави Орбан.

Народите од Западен Балкан, порача Орбан, заслужуваат многу повеќе и одамна требало да бидат членки на ЕУ.

-Сакам да пренесам поздрави од унгарскиот народ, бидејќи се работи за две пријателски држави. Денешната средба е 18. средба што јас и господинот премиер ја реализиравме и не е тајна дека партијата што ја претставува вашиот премиер и нашата ФИДЕС се братски, но ние никогаш не ги мешаме партиските работи и државните работи, но секогаш е добро братски партии да бидат на власт и заеднички да ги разменуваат своите делувања, изјави Орбан.

Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски рече дека жали што повторено сме жртва на билатерализација и истакна дека со одлуката за раздвојување на Македонија и Албанија, задоволени се само две страни – политичарите во Бугарија и опозицијата дома.

-Ние не смееме да се разочаруваме иако многу пати се разочаравме во изминатите децении. Жалам што повторно мора да бидеме жртва на билатерализација, а не на Копенхашките критериум. Ќе продолжиме да ги решаваме проблемите дома, кои морам да признам се напластени доста, кои ни останаа наследство од претходната влада. Им посакувам сè најдобро на албанската влада во процесот на преговори, се надевам дека и ние ќе можеме еден ден да бидеме на таа маса и дел од тоа семејство. Со оваа одлука за одвојување само две страни беа задоволени – политичарите кај нашиот источен сосед и опозицијата кај нас дома. Таа одлука беше неправедна за македонскиот народ. Можеби и ние еден ден ќе бидеме оценувани за Копенхашките критериуми, а не за прашања од средниот век, истакна премиерот Мицкоски.

Мицкоски истакна дека македонскиот и унгарскиот народ ги врзува длабоко вкоренето пријателство и заемна почит. Унгарија, рече тој, секогаш нè поддржувала, како во тешките времиња, така и во напорите за нашата европска интеграција.

-Унгарија отсекогаш била силен поддржувач на проширувањето на Европската Унија и на нашите аспирации за полноправно членство. Ние ја делиме заедничката визија со нашите унгарски пријатели за интегриран Балкан, каде што сите земји од регионот ќе бидат дел од големото европско семејство. Оваа визија не се однесува само на политичките и економските интеграции, туку и на нашата заедничка културна и историска врска која е клучна за стабилноста на целиот Балкански Полуостров. Верувам дека со поддршката на Унгарија и другите наши сојузници, Балканот ќе го заземе своето заслужено место во Европската Унија, истакна македонскиот премиер.

Премиерите Мицкоски и Орбан денеска одржаа тет-а-тет средба, по што имаше и заедничка меѓувладина седница. Покрај официјалниот дел, беше предвидена и прошетка во Охрид, посета на црквата „Богородица Перивлепта“, Античкиот театар и манастирскиот комплекс „Свети Наум“, како и положување цвеќе пред споменикот на Светите Кирил и Методиј во Охрид.

Согласно ротирачкото претседателство, Унгарија претседава со ЕУ од јули до декември оваа година. Оваа година Македонија и Унгарија прославуваат 30-годишнина од воспоставување на дипломатските односи и премиерот Орбан го поканил премиерот Мицкоски во Унгарија, каде што ќе се одржи следната меѓувладина седница. (В.С.Н.)

Кинески пари не можеме да ви даваме, европски – можеме!

Кинески заем и кинески пари не можеме да даваме, бидејќи Унгарија со Кина има договор сите пари кои доаѓаат од Кина да одат на конкретни проекти за развој во Унгарија. А европски пари можеме и ќе ви ги даваме, истакна унгарскиот премиер Виктор Орбан, одговарајќи на новинарско прашање дали парите од унгарскиот заем во висина од 500 милиони евра се кинески или унгарски. Орбан рече дека економијата не е најважно прашање меѓу нашите две држави, туку е второстепено. Примарно прашање е националната безбедност и борбата против миграцијата.

-Во Унгарија сите прашања ги решаваме од аспект на безбедноста и имаме поразвиена соработка со земјите кои се побитни за нашата национална безбедност. Северна Македонија не е само пријателска земја на Унгарија, туку и многу важна држава за безбедноста на Унгарија, бидејќи се наоѓате на мигрантската рута. Доколку има потреба, имаме волја да ви помогнеме на сите начини, порача Орбан.