Финишираат внатрепартиските разговори и се премеруваат резултатите од анкетите во пресрет на претседателските избори. Завршува огласот за пријавување на кандидати за претседател во најголемата опозициска партија, а власта се уште без официјални информации и потврда – дали и кого ќе го понуди како консензуален кандидат.
Во јавноста се засилуваат шпекулациите дека националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, според резултатите од партиската анкета, и вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, според поддршката на партиското раководство, се двете имиња на кои најверојатно ќе се сведе кандидатот на власта за претстојните претседателски избори. Дел од медиумите пренесуваат дека токму Пендаровски добил најголема поддршка меѓу членството, додека првиот полицаец е фаворит за раководтсвото на “Бихаќка”, но и по мерак на коалициониот партнер ДУИ.
Според информациите кои засега се неофицијални и непотврдени, токму од овие двајца кандидати, власта ќе понуди еден како решение за претседателските избори, но се уште е неизвесно дали тоа ќе значи и консензуално решение и заеднички кандидат на СДСМ и ДУИ.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го затвори огласот за пријавување, а кандидатот за претседател ќе биде соопштен по партискиот Конгрес, кој според најавите ќе се одржи на 16 февруари во Струга. Засега нема официјална информација, дали и професорката Гордана Силјановска Давкова испратила кандидатура по повикот од околу 30-ина нејзини колеги да се кандидира за претседател. Во повикот се апелираше и до ВМРО-ДПМНЕ да застанат зад евентуална кандидатура на професорката.
ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од барањето граѓаните на предвремени парламентарни избори да одлучат за промена на власта. Пратеничката група побара мнозинството да не спинува и да ја прифати нивната иницијатива за распуштање на парламентот.
И во СДСМ започна постапката за избор на кандидатот за претседател. Според информациите, ќе се бира на Конгрес на 3 март.
Според истите извори, се очекува до крајот на неделава највисокото раководство на СДСМ да пресече дали напролет заедно со претседателските ќе се оди и на предвремени парламентарни избори.
Мнозинство од партиското раководство на последната седница на Централниот одбор јасно истакнале дека се против предвремени избори.
Портпаролот на партијата Костадин Костадинов вели дека Извршниот одбор како највисоко партиско тело во следниве денови ќе се состане и ќе ја донесе одлуката.
Премиерот Зоран Заев неколкупати досега изјави дека фокусот треба да биде ставен на реформите кои треба да се спроведуваат во евроинтеграциските процеси и оти сега не е време за избори.
Пратеникот Артан Груби за Алсат-М изјави дека нема да има предвремени парламентарни избори и дека со ист став е и нивниот партнер во владата СДСМ.
-Јас верувам дека прогресивните сили во коалицијата, но и во општеството се против предвремени парламентарни избори и верувам дека оваа дебата е затворена поради тоа што не сакаме да паднеме во замката во барањата на тие кои постојано се распоредуваат погрешно од 2016 година до денес. Така да, за нас прашањето за предвремени парламентарни избори е затворено, а верувам и за сите од коалицијата, рече Груби. Меѓу другото Груби во емисијата говореше и за претседателските избори каде истакна дека лидерите на ДУИ и СДСМ Али Ахмети и Зоран Заев речиси се договорени да излезат со заеднички кандидат.
Претседателските избори според најавите ќе бидат распишани на осми февруари. Првиот круг од гласањето за избор на претседател се планира за 21 април, а вториот круг би се одржал на 5 мај.