Ракометарите на Еурофарм Пелистер претрпеа елиминација уште во групната фаза во Европската ЕХФ лига, откако на домашен терен во Битола пред полна сала загубија од Мотор Запорожје со 25:27, иако ја имаа улогата на фаворит.
На битолчани им одговараше и реми, сепак украинскиот претставник сосема заслужено дојде до полн плен и обезбеди европска пролет (нокаут фаза). Гостите во најголемиот дел од мечот беа во резултатска позитива, а во второто полувреме не му дозволија на македонскиот вицешампион ниту еднаш да дојде во водство.
Најефикасен во македонскиот тим беше репрезентативецот Марио Танкоски со девет погодоци од десет обиди, додека на спротивната страна прв стрелец беше Турченко со седум гола.
Инаку, за овој меч предводникот на „пелистерци“, Ларс Валтер, не можеше да смета на неколку квалитетни ракометари како Павле Атанасијевиќ и Гоце Ојлески, а во протоколот не влезе ниту новото засилување Дарко Стевановиќ, кој сè уште чека на своето деби во „зелено-белиот“ дрес.
Во 1/16 финалето Мотор Запорожје силите ќе ги одмери против тимот на Нексе.