Тринаесет земји-членки на ЕУ, воглавно нови членки од Централна и Источна Европа, Австрија и Италија, изготвија нацрт документ со цел да го оживеат кредибилитетот на политиката на проширување на Унијата, пред се кога станува збор за Западен Балкан. Документот, кој има форма на „нон-пајпер“, би требало да биде презентиран на состанокот на амбасадорите на ЕУ на 12 јуни во Брисел.

Зад документот стојат Естонија, Литванија, Латвија, Чешка, Полска, Словачка, Унгарија, Бугарија, Италија, Австрија, Хрватска, Словенија и Малта, објави ЕурАктив Белград (Меѓународна Интернет мрежа на агецијата Бета, посветена на активностите на ЕУ).

-Идејата е да се иницира покана за отворање на преговорите за пристап со Северна Македонија и Албанија, изјави за ЕурАктив неименуван дипломат од една од земјите вклучени во иницијативата.

„Тоа е и форма на притисок, која треба да укаже дека дилемата- дали ни е потребно прво зајакнување на ЕУ, а дури потоа проширување, е лажна и погрешна. Ако овие два процеса не одат рака под рака, ЕУ наскоро повторно ќе се соочи со Западниот Балкан, но за жал, на начин кој ќе биде многу пообемен и болен за двете страни“, објаснил дипломатот.

Европската комисија формално препорача отворање преговори со Скопје и Тирана, но оваа одлука треба да ја потврдат сите членки на Европскиот совет.

-Се потешко е да се разбере оваа лажна дилема, бидејќи станува збор за отворање преговори, а не само за проширувањето. Запад очигледно ова не може да го разбере, изјавил дипломатот за ЕурАктив.