ЕСМ: Соработката со потрошувачите е клучна за претстојната грејна сезона!

20

Во пресрет на новата грејна сезона 2024/2025 година што започнува на 15 октомври, за компаниите формирани од АД ЕСМ и подружницата Енергетика, соработката со потрошувачите е од суштинско значење за навремено и квалитетно снабдување со топлинска енергија.

– Ги повикуваме нашите корисници да ги завршат сите потребни проверки и поправки на внатрешните грејни инсталации пред почетокот на грејната сезона, бидејќи редовното одржување на внатрешните грејни инсталации е нивна обврска. Затоа е препорачливо навремено да се извршат проверки и да се завршат започнатите интервенции во најкус можен рок, и тоа да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи. На тој начин придонесуваат испораката на топлинска енергија од системот за централно греење да се одвива непречено и навремено – велат од ЕСМ.

Ги информираат заедниците на сопственици да овозможат пристап на службените лица до топлинските потстаници во објектите и да обезбедат непречено електрично напојување во топлинската станица (платени сметки за електрична енергија за топлинската станица и функционална електрична инсталација).

– Навременото и квалитетно снабдување со топлинска енергија е од витално значење за комфорот на нашите корисници. Затоа, апелираме да ги следат препораките и да соработуваат со службените лица за да се обезбеди непречено функционирање на системот за централно греење. За информации или пријави на дефекти и завршени интервенции, потрошувачите може да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи – соопштуваат од ЕСМ.