Ескобар со понуда за уставните измени – „земи или остави“?!

Дали американскиот заменик-помошник државен секретар доаѓа во земјава со решение за уставните измени, за кое не може да се преговара? Според најавите, Ескобар во Скопје ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Димитар Ковачевски, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Јасно е дека високиот американски дипломат најмногу работа ќе има со лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија, Мицкоски, кој изјави дека Европа и светот прават стратегија како да го скршат ВМРО-ДПМНЕ за нејзини пратеници да гласаат за уставни измени. Сепак, денеска Мицкоски, во пресрет на доаѓањето на Ескобар, изјави дека власта посетата на Ескобар сака да ја прикаже како посета на дипломатски булдожер кој е повикан од Владата да врши тортура, но, тој е добредојден да ги слушне нивните аргументи и да ги презентира неговите. -Тортура и притисок во 21 век никој не врши, а и да вршат, тогаш одбрале погрешни соговорници, рече Мицкоски.

518

Заглавената процедура за промена на Уставот во македонското Собрание и одожената собраниска седница на неодредено време, додека власта не обезбеди двотретинско мнозинство, го носат американскиот заменик-помошник државен секретар, Габриел Ескобар, во посета на земјава утре и во петок, во обид да ја поттурне процедурата за носење на уставните измени. Според најавите, Ескобар во Скопје ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Димитар Ковачевски, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Од кабинетот на претседателот потврдија дека Пендаровски утре попладне ќе го прими Ескобар. Јасно е дека високиот американски дипломат најмногу работа ќе има со лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија, Мицкоски, кој изјави дека се прави стратегија како да се скрши ВМРО-ДПМНЕ за нејзини пратеници да гласаат за уставни измени. Сепак, денеска Мицкоски, во пресрет на доаѓањето на Ескобар, изјави дека власта посетата на Ескобар сака да ја прикаже како посета на дипломатски булдожер кој е повикан од Владата да врши тортура, но, тој е добредојден да ги слушне нивните аргументи и да ги презентира неговите.

Мицкоски: Ескобар не е булдожер дипломат, тој е добредојден

 -Изминатиов период имавме многу посети од високи странски претставници. Ќе ги слушнеме аргументите од таа страна, ќе ги кажеме нашите аргументи, отприлика содржината на состанокот се наѕира, така што секој добронамерен соговорник е добредојден, секој оној кој што сака да ги слушне аргументите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на народот во Македонија е добредојден. Тоа што сега се обидува власта посетата на Ескобар да ја претстави како посета на условно кажано дипломатски булдожер кој е повикан на помош од Владата да врши тортура и притисок, тоа е веќе слабост на овие криминалци од Владата. Тортура и притисок во 21 век никој не врши, а и да вршат, тогаш одбрале погрешни соговорници, рече Мицкоски за време на посетата на Велес.

Лидерот на најголемата опозициска партија во земјава потврди дека се вршат притисоци врз ВМРО-ДПМНЕ за гласање на уставните измени.

-Не е тоа тајна. Ако мислите дека на состаноците разговараме за времето надвор од канцеларијата или читаме поезија тогаш се лажете. Тоа се состаноци каде сериозно ги аргументираме позициите, траат неколку часа и ВМРО-ДПМНЕ не го прави тоа затоа што е инаетлива, туку затоа што сме загрижени за постоењето на македонскиот народ, за неговата иднина и за иднината на Македонија и затоа иако не бевме косултирани за предлозите нудевме решенија кои власта не ги прифаќаше, изјави Мицкоски.

Претходно, Мицкоски од Кичево изјави дека Европа и светот прават стратегија како да го скршат ВМРО-ДПМНЕ за нејзини пратеници да гласаат за промена на Уставот.

– Денеска додека ова го зборувам, ние сме соочени пред историски епохален предизвик. Денеска Европа, светот прави стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ и овие 44 да изгласаат предавнички уставни измени во парламентот скроени по бугарски диктат, предупреди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во свое обраќање во Кичево.

Во пресрет на доаѓањето на американскиот заменик-помошник државен секретар, амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер изјави дека не е нејзино да зборува за уставните измени, но смета дека просперитетот и безбедноста на земјава се во нејзиното пристапување кон Унијата и се надева дека политичарите од сите политички партии во земјава ќе работат кон остварување на тоа.

 -Границата со Грција не потсетува на тешките одлуки што оваа земја веќе ги направи, и знам дека и ова е тешко, но ги охрабрувам граѓаните да им дадат до знаење на нивните политичари дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ, изјави Агелер по посетата на Граничниот премин „Богородица”, заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Вашингтон со силни пораки за промена на Уставот

За разлика од Агелер, која е поодмерена во изјавите, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, ги повика сите партии во македонскиот парламент да ги поддржат уставните измени и патот на земјата кон Европската унија.

Ескобар доаѓа во земјава откако со 70 гласа „за“, во Собранието беше усвоен дневниот ред на седницата за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, но по исцрпувањето на дискусијата, претседателот на парламентот, Талат Џафери, го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.

Минатиот месец, специјалниот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во дебата за Западен Балкан пред Поткомитетот за надворешна политика на Конгресот на САД, порача дека Вашингтон го поддржува процесот за уставни измени што ќе го овозможи пристапувањето на Македонија во ЕУ, а е ангажиран и со новата Влада на Бугарија за да се осигура дека нема да поставува нови барања откако Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори.

– За да ги унапреди своите аспирации за ЕУ, Владата на Северна Македонија е посветена да се спроведат уставни измени за признавање на бугарското малцинство. Силно го поддржуваме овој тежок, но неопходен чекор, а, исто така, сме ангажирани со новата Влада на Бугарија за да се осигуриме дека нема да поставува нови барања откако ќе ги исполни Северна Македонија своите обврски од постојните договори, рекол Ескобар.

И претходно, во мај годинава од Вашингтон стигнаа силни пораки за потребата од Уставни измени. Ескобар тогаш порача дека промените во македонскиот Устав се тежок, но неопходен чекор и дека Македонија е земја која направила сè што е потребно за да премине на следниот чекор кој го заслужува. Ескобар порача дека ова е најдобриот договор што го добивме. Тој смета дека договорот е разумен и се надева дека сите политички страни ги поддржуваат потребните промени за земјава да може да продолжи напред кон ЕУ. Советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле, исто така, тогаш порача дека САД треба да ја поддржат Македонија за потребните уставни промени кои можеби изгледаат минорни, но се политички доста тешки.  (В.С.Н.)