Во Националната галерија објект „Мала Станица“ вечерва (16 декември) со почеток во 20 часот ќе се отвори самостојната изложба на младата мултидисциплинарна уметница Мила Добревска „Ескапизам: Меморијата и идентитетот”.

Мила Добревска неодамна магистрираше на Академијата за ликовни уметности во Равена, Италија со специјализација во современ мозаик. Таа е активен член на Друштво на ликовни уметници на Македонија ДЛУМ и МАРТЕ Асоцијацијата за современ мозаик.

Досега младата македонска уметница имала бројни групни изложби и учество на натпревари на интернационално ниво, од кои ги издвојува презентациите на нејзините дела во Италија, Франција, Шпанија, Србија, Полска, Словенија и Македонија.

Делата на Мила одекнуваат со живописни бои и текстури, црпејќи инспирација од народниот вез и колективната енергија на македонската култура. Овие елементи се испреплетуваат за да ја прикажат двојноста на ескапизмот – мали паузи на задоволство или големи мечтаења полни со надеж. Делата не се само визуелно уживање, туку и покана за размислување: Дали ескапизмот е само бегство, или е и пат за рефлексија и лична трансформација? Како традициите, кои некогаш биле прибежиште, стануваат дел од нашиот модерен идентитет? Што значат обредите и уметноста во контекст на современите човечки „занеси“?“ – вели кураторот Јовановски.

Делата проткаени со уметност, истражување и интроспекција на „Ескапизам: Меморијата и идентитетот” ќе бидат изложени до 22 декември во галеријата „Мала Станица“