На следната владина седница треба да се најде предлогот за есенската потрошувачка кошничка, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој рече дека е постигнат договор и дека предлогот на Министерството за економија и труд бил доставен до Владата.
– Вчера имаше предлог од министерот за економија, кој е резултат на средбата што ја имаа надлежните со производителите и со трговците. Рековме дека ќе ги решаваме работите преку дијалог, беше постигнат договор и тој ќе биде веќе на следната владина седница. Вчера не беше поради определени технички причини, но сакаме да ги помине и оние филтри како што се Генерален колегиум и Комисија за економски систем. Очекувам на следната владина седница, во вторник, да биде на дневен ред – рече Мицкоски.
За Законот за нефер трговски практики, кој треба да стапи во сила на 28. овој месец, рече дека доколку не добијат конечен став од бизнис-секторот, ќе се оди според предвидената динамика.
До вторник треба да биде познато кои прехранбени производи ќе бидат опфатени со есенската потрошувачка кошничка и дали ќе се оди со мерка за замрзнување на цените или за ограничување на маржите. Во изминатиот период, на ова работеше работна група со претставници од министерствата за економија, финансии и за земјоделство.