Ердоган е „најистакнатиот светски лидер“

41

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган е прогласен за „најистакнат светски лидер“ во истражување во арапскиот свет, спроведено од медиумската групација Расдњуз, која има големо влијание меѓу Арапите.

Ердоган освоил 77 проценти од гласовите, а зад него на листата се наоѓаат голем број светски лидери, меѓу кои претседателите на САД и на Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, и саудискиот крал Салман.

На второ место со поддршка од 52 отсто е поранешниот египетски претседател Мохамед Морси, кого војската го собори од власт во 2013 година.

Во анкетата учествувале 300.000 лица кои ги избрале „најистакнатите личности во светот за 2018 година“.

Убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул, пак, е наведено како „најдистинктивен настан во 2018 година“. Ужасното злосторство, извршено на 2 октомври минатата година, го потресе целиот свет, особено со откривањето на деталите за случајот.

Медиумите од групацијата Расдњуз, формирана во Египет по револуцијата во јануари 2011 година, се следени од милиони корисници во целиот арапски свет.