„Вакви наоди во гробница долга 7 метри и широка 4 метри, и со длабочина од 5 метри се откриваат еднаш во векот и ги нарекуваме епохални откритија. Се надевам дека ова откритие ќе ја поттикне цела македонска археологија. И по монументалност и по наодите, и по многу нешта оваа гробница ја надминува и Требенишка. Овдека се претставени еден мал дел од она што е пронајдено, а не можам да кажам и дека нема Златна маска, но тука има и повредни наоди“, истакна археологот Перо Арџанлиев, раководителот на истражувањата на локалитетот Расница, во атарот на с. Корошишта, Струшко. Тој на вчерашната прес-конференција во Заводот и Музеј Охрид информираше дека во 2023 година тимот од Археолошкиот музеј Скопје добил согласност од сопственикот на нивата Букури Шемшедини за вршење археолошки истражувања

 

Златни прстени, килибарни и стаклени перли, златни фолии со различни форми и декорација, сребрени игли, бронзен шлем… се само мал дел од ексклузивните наоди откриени на локалитетот Расница во атарот на с. Корошишта, Струшко, а кои вчера беа претставени пред македонската јавност. Според раководителот на истражувањата, археологот Перо Арџанлиев овие наоди ќе одекнат како археолошка бомба не само во Македонија туку и пошироко со оглед на нивната ексклузивност, но и поради импозантната гробница од 6. век пр. н. е. од архајски период, во која тие беа пронајдени, а која ги надминува сите познати на Балканот.

„Во рамки на гробната целина откриени се и бронзен сад за вино; сребрен кантарос; бронзени чинии и др. кои подоцна ќе бидат конзервирани и претставени пред јавноста. Овие наоди се од посебно значење за научниот и културниот аспект на истражувањата туку тие ја надополнуваат и сликата за нашето познавање за културно-историските и општествени прилики во овој регион“, рече Арџанлиев. Тој на вчерашната прес конференција во Заводот и Музеј Охрид   информираше дека во 2023 година тимот од Археолошкиот музеј Скопје добил согласност од сопственикот на нивата Букури Шемшедини за вршење археолошки истражувања.

„Вакви наоди во гробница долга 7 метри и широка 4 метри и со длабочина од 5 метри се откриваат еднаш во векот и ги нарекуваме епохални откритија. Се надевам дека ова откритие ќе ја поттикне цела македонска археологија. И по монументалност и по наодите, и по многу нешта оваа гробница ја надминува и Требенишка. Овдека се претставени еден мал дел од она што е пронајдено, а не можам да кажам и дека нема Златна маска, но тука има и повредни наоди“, истакна Арџанлиев со оглед дека деновиве во медиумите одекна веста дека во Охридско-струшкиот регион е пронајдена златна маска.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, вчера, во просториите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид на прес-конференцијата рече станува збор за голем научноистражувачки успех кој не само што фрла нови светла на археолошката историја на нашата земја, туку и претставува значаен придонес во европското и светското археолошко наследство.

„Денес е голем ден за македонската археологија. Пред нас и пред целата јавност денеска ексклузивно ги презентираме вредните наоди откриени на локалитет во Охридско-струшкиот регион. Истражуваниот локалитет на ова место претставува некропола од архајскиот период (6 век пр. Христа), која  по многу нешта наликува на далеку попознатата Требенишка некропола, која е во непосредна близина. Во рамките на гробната целина регистрирани се околу 80 наоди, од кои дел се пред нас. Откритијата се резултат на последните археолошки ископувања кои го осветлуваат животот на цивилизациите што оставиле траги од минатото, но чија култура и влијание се и понатаму значајни за нашето разбирање на историскиот контекст“, рече министерот Љутков. Тој информираше дека археолошките истражувања се дел од проектот за „Систематски археолошки истражувања на архајската некропола Корошишта“ на Археолошкиот музеј. Се започнало во 2020 година кога Шефит Шемшедини при извршување на земјоделски работи во атарот на с. Корошишта, Струшко, открива бронзен шлем кој потоа го предава во Завод и музеј Охрид, притоа се заблагодари за одговорниот пристап кон културното наследство и за несебичната помош и соработка.

„Зачувувањето на нашето културно наследство, не е само наша обврска, туку и одговорност кон идните генерации. Со овие откритија, не само што го прошируваме нашиот историски контекст, туку ја зацврстуваме нашата позиција како важен чинител на  регионалната, балканската и европската археолошка сцена“, рече Љутков.

Инаку во Охридско-струшкиот Регион досега се истражувани голем број на некрополи од архајскиот период, со богати гробни наоди што сугерира на активен живот на високо организирана социјална елита на овој простор во тоа време.

Интересно е што вакви важни археолошки откритија на територија на Македонија, се случија на 30 септември 2002, токму во време кога министер за култура беше Ганка Цветанова, а сега претседател на Советот за култура. Тогаш на надалеку прочуената некропола „Требеништа“, кај с. Горенци во близина на Охрид, се пронајдени и златната посмртна маска и златната ракавица со златен прстен. Во гробницата на овој локалитет тогаш беа пронајдени седумдесеттина гробни прилози од разновиден материјал (керамика, килибар, стаклена паста, железо, бронза, сребро и злато). И тоа беше епохално откритие за македонската, балканската и европската археологија бидејќи фрли дополнителна научна светлина во разјаснувањето на надалеку прочуената некропола „Требеништа“, каде што во првата половина на 20 век, во 1918 година и 1934 година се откриени, исто така, надалеку прочуените четири златни маски (денес две во Белград и две во Софија). Временската припадност на оваа гробница и на сите наоди во неа е 5 век пр. н.е., и е најстаро погребување во рамките на лихнидската некропола. (Д.Т.)