Епидемијата на морбили се шири, заразени уште 14 лица!

108

Епидемијата на мали сипаници се шири, уште 14 пациенти со симптоми на морбили се прегледани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби , при што само една пациентка (39) од Гостивар е хоспитализирана, додека останатите 13 пациенти се пуштени на домашно лекување поради полесната клиничка слика на морбили.

Како што информираат од Министерството за здравство од заразените 6 се деца на возраст од 1 до 2 години, кои се невакцинирани, а останатите 7 се возрасни од 21 до 38 години. Во моментот, на Инфективна клиника се хоспитализирани 22 пациенти со морбили и сите се во стабилна здравствена состојба.

Министерството за здравство уште еднаш апелира до граѓаните да се вакцинираат со МРП вакцина, особено децата кои немаат примено ниту една доза од вакцината.

– Досега се вакцинирани повеќе од 5.600 лица. Станува збор за висок процент на лица, кои сериозно ги сфатиле препораките на Министерството за сериозноста на заболувањето, важноста за висок колективен имунитет со што се заштитени и лицата, кои од одредени медицински оправдани причини не можат да ја примат вакцината, особено бебињата и пациентите со висок здравствен ризик – појаснуваат од ресорното министерство и дополнуваат родителите кои ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста, децата да не ги носат во Клиниката, туку кај матичните лекари, како и во дежурните пунктови во поликлиниките: “Јане Сандански”, “Бит- Пазар” и “Букурешт”, кои работат 24 часа и вршат комплетни прегледи со лабораторија.
Доколку е потребно дел од пациентите ќе се упатуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Најголем број заболени од морбили се деца, затоа останува на сила забраната за посета на градинките од деца кои не се вакцинирани со МРП-вакцината. Задолжително сите деца од училишна возраст да се вакцинираат, ако не се вакцинирани или примиле само една доза од вакцината МРП, сите здравствени работници што од кои било причини не се вакцинирани или не се сигурни во својот вакцинален статус да се вакцинираат, да се намали фреквенцијата на пациенти на Клиниката за детски болести поради опасност од ширење на оваа многу сериозна болест.

Болеста, од заразено лице на друго лице може да се пренесе со кашлање, кивање и по капков пат. Поради овие причини Министерството за здравство уште еднаш напоменува дека станува збор за многу сериозно заболување кое понекогаш, за жал, покрај здравствени компликации може да заврши со смртен исход.

Досега во Македонија од мали сипаници заболеа околу 170 лица од сите возрасти.
Ресорното министерство потенцира дека вакцините се со добар рок на траење, од проверен европски производител и поседуваат два сертификата за квалитет. Вакцинирањето е здравствена култура, придобивка на современата медицина, безбедна за употреба, е единствен начин да се спречи епидемија и да се заштити здравјето и животот на луѓето.

“Македонија лек” конкурира за нов увоз на вакцини

Во тек е тендерската постапка за набавка на вакцини на која што конкурира и компанијата “Македонија лек#. Додека обвинителството истражува евентулни неправилности со декларациите со изминат рок на МРП вакцините увезени токму од “Македонија лек#, компанијата е меѓу петте кои доставиле понуди за новиот двегодишен тендер за вакцини, тежок над 10 милиони евра.

Министерот за здравство Венко Филипче не сака да коментира додека не заврши истрагата на Основното јавно обвинителството за погрешните декларации за МРП вакцините, но појаснува дека компанијата “Македонија лек#, која е една од фирмите која конкурирала на тендерот како компанија веќе не ги претставува вакцините на “Глаксо Смит Клајн# и дека е застапник на некои други вакцини кои претходно ги носела од други производители.
Што се однесува пак за тоа какви санкции се преземени кон здравствените установи кои примиле дел од МРП вакцините со погрешни декларации, Филипче вели дека имал разговори со сите директори на здравствените домови и ќе бидат преземени чекори откако ќе заврши процесот во Основното јавно обвинителство.

Минатата недела обвинители ја посетиле Агенцијата за лекови каде ја обезбедиле потребната документација. Иако првично МАЛМЕД донесе одлука да бидат уништени сите спорни 624 МРП вакцини, сепак обвинителството наредило тие да се чуваат во просториите на “Македонија лек# за потребите за евентулана идна постапка.

(В.Ма.)