Епидемијата на морбили не стивнува, хоспитализирани уште две деца и еден возрасен

133

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се хоспитализирани уште две деца и еден возрасен, со симптоми на морбили. Како што информираат здравствените власти, во моментов има 26 хоспитализирани пациенти од морбили, при што најмладиот пациент е бебе од 8 месеци, а највозрасната пациентка има 43 години од Скопје и е мајка на едно од заболените деца.
Сите новопримени пациенти имаат клиничка слика на заболени од морбили.


Досега во сите вакцинални пунктови во Скопје вакцинирани се вкупно 2008 лица, а само вчера до 13 часот МРП вакцината ја примиле 104 деца.
Од Министерството за здравство повикуваат да се вакцинираат децата, при што има доволно количини од МРП вакцините кои се исправни и со рок на важност до лето.
-Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење – потенцираат од ресорното министерство.
Но голем број од родителите се плашат да ги вакцинираат децата, заради скандалот што изби со Македонија лек. Јавноста деновиве е вознемирена бидејќи санитарните испектори на терен утврдија дека се пуштени над 600 кутии со вакцинии кои имаат погрешно залепена декларација, но дека внатре вакцините не се со поминат рок.
За да потврди дека МРП вакцините се со добар квалитет министерот за здравство Венко Филипче ја вакцинираше својата внука Илина, Тој официјално објави на Фејсбук дека ја вакцинирал внуката Илина во обид да ја охрабри македонската јавност и особено скептиците и конспираторите против имунизацијата.
Министерот Филипче исто така посочи дека контролите на увезените вакцини се направени во една од четирите лаборатории во Европа, кои вршат биолошки испитувања.
Според него, при увоз вакцината треба да има сертификат дека е испитана во европска лабораторија.
За овие состојби реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ кои сметаат дека здравствениот систем е во тотален хаос. Според нив недозволиво е да се пронајдат 500 вакцини МРП на кои биле залепени погрешни декларации со веќе изминат рок на употреба и потоа само да се повлечат од 11 пунктови за вакцинирање во земјата.
-Во ек на прогласена епидемија и тоа токму од министерот за здравство, Венко Филипче излегува на виделина информација дека има вакцини со изминат рок на траење-реагираат од ВМРО-ДПМНЕ и прашуваат какви казнени мерки ќе бидат преземени? Кој е одговорен? Дали и на колку деца им се дадени вакви вакцини?
Според нив за овој скандал треба веднаш одговорност да поднесат сите надлежни, но одговорност мора да поднесе и министерот за здравство, Филипче.
(В.Ма.)