ЕК мета на остри критики поради третманот на нуклеарната енергија

21

Европската комисија денеска се обиде да ја одбрани одлуката да ја класифицира нуклеарната енергија како прифатлив транзициски извор во ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Усвојувањето на делегиран акт за таксономија со кој нуклеарната енергија но и гасот ќе можат во ЕУ да се третираат како прифатлив транзициски извор на енергија наиде на остри критики, како од невладините организации така и од повеќе пратенички групи во Европскиот Парламент.

Конкретно, Европската Комисија денеска усвои акт со кој се овозможува нуклеарната енергија и гасот да бидат внесени во таксономијата на Европската Унија. Таксономијата е алатка на Европската Унија упатена кон приватните инвеститори која служи како патоказ кон целта на декарбонизација на економијата.

Земјите членки на ЕУ остануваат целосно компетентни на национално ниво да одлучат каков енергетски микс ќе одберат, но целта е целосно да се исклучи јагленот од употреба во наредната деценија и да се постигне климатска неутралност и мнозинска употреба на обновливи извори на енергија.

Со месеци во Европската Унија се водат дебати за тоа дали нуклеарната енергија треба да биде прифатена како транзициска енергија. Европската Комисија во голем дел се повикува на искуството на Финска која сѐ уште ја користи оваа енергија како транзиција до 2035 кога треба да постигне климатска неутралност врз основа на обнобливите извори.

Невладините организации и климатските активисти предупредуваат дека нуклеарната енергија е опасна, може да доведе до нуклеарни несреќи како во Јапонија, но и дека таа подразбира и токсичен нуклеарен отпад.

Еврокомесарката за финансиска стабилност, Мејрид Мекгинес, денеска на прес конференција рече дека Европската Комисија ќе биде многу внимателна во однос на отпадот и истакна повеќе пати дека станува збор “само“ за транзициска енергија.

-Не станува збор за зелен картон, јасно велиме каде треба да стигнеме и Финска е многу добар пример за тоа, рече Мекгинес, додавајќи дека нуклеарната индустрија мора да се справи со проблемот на нуклеарен отпад, да има план за решавање и финансирање на ова прашање и да преземе одговорност.

Таа ги отфрли критиките дека станува збор за “гринвошинг“, односно обид да се протне нуклеарната енергија, но и гасот, како зелени извори на енергија.

-Кредибилитетот е многу важен за мене лично и за Европската Комисија, нашиот кредибилитет е зајакнат со тоа што направивме нешто тешко но потребно, знаевме дека работата за нуклеарната енергија е нецелосна, изјави комесарка, истакнувајќи дека со оваа последна одлука напротив Европската Комисија презема одговорност со тоа што воведува јасни услови и критериуми за приватните инвеститори и ги класифицира овие извори како транзициски, а не како зелени.

Од групата на Зелените во Европскиот Парламент веднаш остро реагираа.

Европратеникот Бас Ејкхаут изјави дека ова е кусоглед обид за класифицирање на гасот и нуклеарната енергија како одржливи извори и дека се доведува во прашање кредибилитетот на Европската Комисија во однос на климатските амбиции на ЕУ.

Невладината организација Гринпис денешната одлука ја нарече “обид за грабеж“.

-Некој се обидува да земе милијарди евра од обновливите енергии и да ги истури во технологии кои или ништо не прават за борба против климатската криза, како што е нуклеарната енергија, или кој активно го влошуваат проблемот, како фосилниот гас. Осомничениот се наоѓа во седиштето на Европската Комисија и е маскиран како некој што треба сериозно да го сфатиме во однос на климатската и природната криза, изјави Ариадна Родриго од Гринпис.