Екс функционери вмешани во милионски криминал, осомничени поранешни премиер, неговиот заменик, генсек, директор…

Набавката на апарати за коцкање во Државна лотарија, предмет на полициската истрага

237

Осум лица се осомничени за криминал во Државната лотарија, меѓу нив поранешен премиер, поранешен вицепремиер, поранешен генерален секретар и екс-директор на Лотарија, на прес-конференција за медиумите соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а претходно информацијата ја потврди и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека истрагата е дел од робусната акција на Владата против организираниот криминал и корупција. За претресите во домовите  на поранешниот вицепремиер Артан Груби и екс-директорот на Лотарија, Прпарим Бајрами, поради сомнеж за сторен организиран криминал во државната Лотарија, медиумите објавија во утринските часови. МВР објави дека кај еден од осомничените пронајдени се 40 илјади евра, а кај друг 20 илјади евра во кеш. Обвинителството во координација со МВР отворила предмет за криминалите во лотарија, а осомничените се поврзани со набавката на апарати за коцкање. Артан Груби, кој неодамна се најде на црната листа на САД и екс-директорот на Лотарија, Бајрами, се недостапни на органите за прогон и се наоѓаат во Косово. Груби преку својот фејсбук-профил напиша дека не е во бегство, туку во приватна посета и оти ќе се врати, а за Бајрами постои сомнеж дека пред неколку месеци ја напуштил земјава. Истражните органи постапуваат по претходна кривична пријава за малверзации со набавка на апаратите.

Инаку, државното Обвинителство соопшти дека Јавен обвинител од ОЈО Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – „Проневера“, во службата од член 354  од Кривичниот законик. За уште четири лица е поведена постапка за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик.

Во соопштението се наведува дека се извршени претреси на девет локации во Скопје и во Кумановско со цел обезбедување докази за потребите на постапката.

-Од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД Друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија” на РСМ, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво. Првоосомничениот делото го сторил во својство на претседател на Управниот одбор – генерален директор на “Државна лотарија”, додека второосомничениот презел дејствија во својство на одговорно лице – претседавач со седница на Влада одржана во својство на собрание на Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија. Останатите четворица осомничени биле претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици, за кои постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и ги спровеле јавните повици иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови, наведува ЈО.

Финансиската полиција отворила истрага за набавката на апаратите за коцкање од страна на тогашниот директор на Лотарија, Прпарим Бајрами, со која бил оштетен буџетот за неколку милиони евра. Апаратите биле сместени во објектот во Визбегово во сопственост на компанијата „Пуцко Петрол“. Според информациите во медиумите биле порачани 825 апарати од кои инсталирани биле околу 300, а останатите не биле во функција. Во истражната постапка опфатени се и членовите на Комисијата за јавни набавки при Државната лотарија.

За осомничен во случајот се споменува и името на екс-премиерот Димитар Ковачевски, а такви информации добил и премиерот Мицкоски, од чија партијата во времето додека беа опозиција во државата се обелоденуваа сомнежи за криминали во државната лотарија. (П.А)