Екстремни температури на двата краја на светот: Чикаго окован во мраз, Австралија гори

121

Во Чикаго рекорден минус, а од другата страна Аделаида и другите делови на Австралија се на удар на топлотен бран.

Рекордно ниски температури од минус 32 степени Целзиусови се измерени денеска во Чикаго, а денот е најстудениот во последните 35 години. Ладниот северен ветер додал уште дваесетина степени во минус, па така се чувствува како да е 53 степени под нулата. Веќе е забележан и првиот смртен случај во Милвоки, каде човек замрзнал во гаража.

Поради екстремно ниските температури кои ги зафатија деловите на американскиот среден запад, од Северна Дакота до Пенсилванија се затворени училишта, универзитети, државни институции, како и банки, пошти, а не работат ниту приватни компании. На граѓаните им се препорачува да не се задржуваат повеќе од 10 минути на студот, поради опасност од замрзнување.

На другиот крај на светот пак, во Австралија, повторно рекорди, но со високи температури. Највисоките дневни температури се искачиле до 50 степени Целзиусови, а на екстремните топлини не им се гледа крајот.

Температурите уриваат рекорди, па така минатата недела дури пет дена по ред биле најтопли денови во историјата на Австралија.

Екстремно високите температури довеле до угинување на некои животни во делови на Австралија, како помор на риби во реките, лилјаци, диви коњи…