Француската влада испрати оклопни возила за да го заштити пазарот на храна на големо во Париз, поради ескалацијата на тензиите предизвикани од блокадите на автопатите од страна на фармерите во Франција и Белгија, а протестите се шират и на други места во Европа.
„Планираме да одиме во Брисел и да поставиме барикади бидејќи (лидерите) се состануваат во четврток“, рече белгискиот фармер Еди Дивајт. Ставот на земјоделците е дека не се доволно платени, дека владите ги гушат со даноци и еколошки прописи, а се соочуваат со нелојална конкуренција од странство, пишува Ројтерс.
Шпанските и италијанските фармери рекоа дека се приклучуваат на протестите кои првпат започнаа во Германија. Целта, велат тие, е да се изврши притисок врз владите да ги олабават правилата за животна средина и да ги заштитат од зголемените трошоци и евтиниот увоз.
Италијанските земјоделци денеска со трактори ја блокираа наплатната рампа на автопатот во Бреша, поради што имаше сериозни прекини во сообраќајот во јужниот дел на градот. Тие се собраа во знак на протест против земјоделската политика на Европската унија, за која тврдат дека е штетна за нивниот сектор, пренесува АНСА.
Три од водечките шпански земјоделски синдикати објавија дека се приклучуваат на протестното движење на европските земјоделци, најавувајќи серија протести низ целата земја во наредните недели. „Земјоделскиот сектор во Европа и Шпанија се соочува со зголемена фрустрација и непријатност поради задушливата бирократија генерирана од европските регулативи“, се вели во заедничката изјава на трите синдикати.