Конзорциумот „Бехтел и Енка“ утре почнува со сериозни градежни активности на Коридорот 8, со минирање на планината над гостиварското село Дебреше, каде што ќе минува автопатот. Ќе се започне со изградба на делницата Гостивар – Букојчани (30,1 километар) и ќе се оди по новопроектирана траса со цел да се заобиколат влезот на Гостивар и искачувањето на превојот Стража.

Подготовките на урбанистичката документација се прикрај, а сè уште не е почнато ниту со експропријација на имотите на граѓаните каде што ќе минува трасата, бидејќи, како што велат надлежните, станува збор за обемна документација.

Со договорот на македонската Влада со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, потпишан точно пред половина година, покрај Гостивар – Букојчани, опфатени се и автопатските делници на Коридорот 8: Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри) и Тетово – Гостивар (над 17  километри), а од Коридорот 10-д  и на делницата Прилеп – Битола (40 километри).

Последната делница што ќе се гради ќе биде Требеништа – Струга – Ќафасан, бидејќи сè уште се разговара со Албанија за нов граничен премин, кој би требало да биде во тунел и кој половина ќе го плати Македонија, а половина Албанија, со што ќе треба да се послушаат и препораките на УНЕСКО: патот да не минува до Охридското Езеро.

На западниот дел од Коридорот 8 низ нашата земја, поточно од Скопје до Ќафасан останува да се доизгради на ниво на автопат делницата од Кичево до Охрид, која веќе 10 години ја градат Кинезите и сè уште не ѝ се гледа крајот, како и на подделницата од Букојчани до Кичево во должина од околу 10,2 километри, која треба да ја изгради ЈП за државни патишта со заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Иако премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски уверуваа дека автопатот Кичево – Охрид ќе биде готов до крајот на декември годинава, сепак, работите не терен ги демантираат.

Бочварски минатата недела избегна новинарско прашање дали автопатот Кичево – Охрид ќе биде готов до крајот на декември, како што најавуваа тој и премиерот Димитар Ковачевски неколкупати. Тој само кажа како се одвиваат градежните работи и дека делови ќе биле пуштени во употреба, но конкретен одговор избегнуваше да даде.

– Стоиме на ставот дека сите патишта што ги започнавме, треба да направиме максимални напори да ги завршиме. За автопатот Кичево – Охрид, кој го затековме со голем број проблеми, се решаваат и отстрануваат, а веќе се поставува и третиот слој асфалт. Ние правиме притисоци да почне сукцесивно, дел по дел, да се пушта автопатот од тоа што е подготвено. Ќе почне асфалтирањето на третиот слој од Охрид кон Подмоље, продолжуваме кон аеродромот во Охрид, Ботун и кон Кичево. Правиме притисоци фирмите да си ја завршат работата, бидејќи институцијата ја заврши својата работа – рече Бочварски.

(С.Бл.)