Во најновата годишна проценка на глобалните закани се наведува заклучокот на американските разузнавачки кругови дека е малку веројатно оти Северна Кореја во целост ќе се откаже од своето нуклеарно оружје и производни капацитети, пренесува Данас.хр.
Угледниот „Вашингтон Пост“ откри дека Русија тајно и понудила на Северна Кореја нуклеарна електрана ако ја запре својата нуклеарна програма. Предлогот бил понуден минатата есен како едно од можните решенија за застојот во дипломатските преговори меѓу САД и Северна Кореја.
Напредок во преговорите
Според тој договор, Русија би управувала со нуклеарната електрана, а нуклеарниот отпад и нуспроизводите би биле испратени во Русија за да се намали ризикот Северна Кореја да ја искористи нуклеарката за да гради нуклеарни оружја, а во исто време сиромашната земја би имала свој извор на енергија.
Се смета дека дошло до напредок во преговорите меѓу САД и Северна Кореја со најавата на вториот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун кој е планиран за крајот на февруари.
Традиционален пристап кон политиката
– Русите се многу амбициозни кога станува збор за Северна Кореја и ова не е првпат да биле насочени кон енергетскиот сектор во Северна Кореја, изјави поранешен вработен во Белата куќа Виктор Ча кој минатата година беше еден од можните кандидати за амбасадор во Јужна Кореја.
– Претходните администрации не го прифаќаа благонаклонето руското мешање, меѓутоа со Трамп никогаш не знаете затоа што тој нема традиционален пристап кон политиката, смета Ча.
Песимизам на разузнавачката заедница
Според најновата годишна проценка на глобалните закани која беше објавена во вторникот, се наведува дека заклучок на американските разузнавачки кругови е оти е малку веројатно дека Северна Кореја во целост ќе се откаже од своето нуклеарно оружје и производниот капацитет.
За разлика од администрацијата на Доналд Трамп, американската разузнавачка заедница е попесимистична кога се во прашање нуклеарните преговори. Стејт департментот , Белата куќа, ЦИА, Одделот на директори за национална безбедност и руската Амбасада во Вашингтон одбија да ги коментираат информациите на „Вашингтон Пост“ за рускиот предлог за Северна Кореја. Не е јасно дали предлогот се уште е тема на преговори или влијаел врз преговорите меѓу Вашингтон и Пјонгјанг.
Застој во преговорите
Рускиот предлог за Северна Кореја дошол во октомври во момент кога преговорите меѓу САД и Северна Кореја застанаа околу прашањето дали Северна Кореја би требало да открие детали од својата нуклеарна програма.
Откако Трамп се сретна со Ким на состанокот на високо ниво во јуни минатата година во Сингапур, Стејт Департментот имал неколку средби со севернокорејски функционери за да се дојде до преговори околу деталите од договорот според кој Пјонгјанг би се откажал од своето нуклеарно оружје и би ја прекинал програмата за балистички ракети.
Работеле во Русија и праќале пари за нуклеарна програма
Преговорите немаа премногу видливи резултати, меѓутоа севернокорејските државни медиуми неодамна објавија дека Пјонгјанг нема да се откаже од своето нуклеарно оружје без значителни отстапки на САД. Имено Северна Кореја е одлучна да и се укинат меѓународните санкции против неа во замена за тоа што ќе се откаже од еден дел од своето нуклеарно оружје.
Минатата година, американски функционери ја обвинија Русија дека и помага на Северна Кореја да ги прекршува меѓународните санкции. Кусо време потоа Русија објави дека ќе почне да депортира работници од Северна Кореја со цел тие да престанат да праќаат пари во Северна Кореја затоа што на тој начин тие намерно го финансираат понатамошниот развој на нуклеарната програма.
Трамп ја фали Северна Кореја
Трамп минатата недела се бранеше од обвиненијата дека неговите преговори со севернокорејскиот лидер не придонеле за денуклеаризација. Коментирајќи го најавениот самит, американскиот претседател изјави дека тој гледа многу потенцијал за напредок.
– Медиумите на лажни вести сакаат да зборуваат дека на мојот прв Самит со Ким Џонг Ун се случило многу малку. Погрешно !, напиша тој на Твитер наведувајќи ги своите успеси како што се одржливи дипломатски врски со изолираната земја. Тој ја пофали Северна Кореја што го запрела своето тестирање на нуклеарно оружје и балистички ракети.
– Нема повеќе ракети кои се истрелани над Јапонија или над некое друго место, и најважно е што нема тестирање на нуклеарно оружје. Тоа е многу повеќе од било што што досега е постигнато со Северна Кореја и медиумите на лажни вести го знаат тоа. Наскоро очекувам уште еден добар состанок, многу потенцијал, напиша Трамп.