Експертите сметаат дека на продуктивноста одговара минималец од 13.500 денари

Од Институтот за економски анализи „Фајнанс тинк“, вчера порачаа дека најавеното зголемување Владата треба да го одмери уште еднаш, со образложение дека износот од 14.500 денари може да биде значаен товар за работодавецот кај две третини од примателите на минимална плата, додека кај останатата една третина ќе помогне за формализација на платата во плико

149

Од декември минималната плата на вработените во државата се зголемува за две илјади денари, односно за 16 проценти и ќе изнесува 14.500 денари. Ова покачување е резултат на договор меѓу Владата, синдикатите и работодавците. Според премиерот Зоран Заев, интенцијата е до крајот на мандатот на оваа Влада минималецот да се качи на 16.000 денари, а просечната плата да изнесува 30.000 денари.

– Ја поттикнуваме и спиралата на раст на платите и со владините мерки добиваме и покачување на просечната плата. Засега е покачена за 5,6 проценти на годишно ниво во 2018 година. Оваа година секој месец имаме покачување на просечната плата за истиот месец од претходната година, изјави завчера премиерот Зоран Заев, кога заедно со економскиот владин тим го најави зголемувањето.

Експертите, сепак, не ја прифатија со целосно одобрување  оваа новина која ги израдува вработените на минималец и оние кои дел од платата примаат на рака, па не им влегува во пресметката за пензија. Од Институтот за економски анализи Фајнанс тинк вчера порачаа дека најавеното зголемување Владата треба да го одмери уште еднаш. Се образложува дека сумата од 14.500 денари може да биде значаен товар за работодавецот кај две третини од примателите на минимална плата, додека кај останатата една третина ќе помогне за формализација на платата во плико.

-Препорачуваме дека е потребно фокусирање врз продуктивноста на нископлатените работници и технолошкиот напредок во компаниите кои исплаќаат ниски плати. Фокусирање врз продуктивноста на нископлатените работници и ефикасноста и технолошкиот напредок во компаниите кои исплаќаат ниски плати е најсигурниот пат за раст на економијата и платите, посочуваат од институтот.

Врз основа на својата студија за политиките од 2018 година „Анализа на ефектите од измените во Законот за минимална плата“, во која е извршена квантитативна симулација, како и квалитативна проценка врз основа на длабински интервјуа со засегнати работодавачи, „Фајнанс тинк“ смета дека нивото на минимална плата кое е конзистентно со тековната продуктивност во економијата се движи до 13.500 денари. Од друга страна, предложениот минималец од 14.500 денари би можеле да го издржат работодавците кои на своите работници им доплаќале во плико.

Одредена задршка има и кај дел од работодавците и тоа оние од трудово интензивните дејности, како текстилната и кожарската индустрија. Тие предупредија дека со ова зголемување на минималната плата може да дојде до затворање на помалите текстилни фабрики, кои всушност не добиваат работа од прва рака и најчесто го доработуваат она што не можат во рок да го завршат фирмите кои имаат договори со странски партнери. Но, како што изјави претседателот на работодавците на Македонија Ангел Димитров, постои надеж дека вработените од тие фабрики ќе ги преземат конфекциите што ќе обезбедат поголема продуктивност, подобри услови за работа и почитување на работничките права.

Според министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, пак, дел од покачувањата за да се постигне новиот минималец можат да се искомбинираат со субвенциите за придонесите за зголемување  на платите од 600 до 6.000 денари, за што законот е во собраниска процедура, а треба да стартува од наредниот месец.

– Минималната плата е загарантирана како 14.500 денари и таа стартува од декември. Мерката за субвенционирање на платите се однесува на покачување од минимум 600 до максимум 6.000 денари и државата го покрива придонесот за покачувањето. Ако покачат 2.000 денари во ноември со исплата во декември, тогаш тие ја покачиле минималната плата и ќе ги искористат субвенциите за покачување на платата. Значи мерките се комплементарни една на друга, но тоа не значи дека сите ќе ја покачат минималната плата користејќи субвенција. Некој ќе ја покачи со субвенција, некој без субвенција, но во секој случај даваме опција бизнис-секторот кој не може да го издржи ова покачување, да може да ја искористи мерката за субвенционирање, рече таа.

Според синдикатите кои учествуваат во преговорите за зголемување на платата, сумата од 14.500 денари не е занемарлива, но тие сметаат дека треба да има и сразмерно зголемување на останатите плати во државата.

Минимална плата првпат се воведе со закон во 2012 година и тогаш изнесуваше 8.050 денари. Со предвидената динамика на раст во 2016 година достигна до 9.000 денари, а пред три години се зголеми за 3.500 денари, на сегашните 12.500 денари. (С.В.)